Малите етнички заедници во Македонија (12)

Власите во Македонија: Имаме дваесетина здруженија, ама општеството не се покажало кон нас

Официјално во Македонија има околу 8.000 Власи, од кои 10.000 се директори, е една од шегите за Власите во Македонија. Тие можеби и не се соочени со тешка сиромаштија, но идентитетот, културата, обичаите, јазикот, во земјава не им цветаат...

Власите, или порано Ароманите или Македо-Романи (Machedoni - Македони), се латинизиран народ што зборува посебен јазик. Од теориите за нивното потекло најприфатена е таа дека се потомци на староседелското население на Балканскиот Полуостров.

Знаме што го користат Власите Грамостеањи на свадба

Според пописот од 2002 година, во Македонија како Власи се изјасниле 9.695 лица (0,48%). Во 1948 година нивната бројност изнесувала 9.511 лице, а потоа полека опаѓа. Во пописот од 1981 година како Власи се изјаснуваат само 6.384 лица, а две децении потоа повторно нивниот број се зголемува на над 9.000 лица.

Намалувањето на бројот на Власите во Македонија (и во поранешна Југославија) се толкува со малобројноста на оваа етничка група, со немањето можности на влашки јазик да се организира основно образование и воопшто со непостоење на можности да се организира сестран развој на влашката култура. Во мешаните бракови децата се пријавуваа како припадници на националноста на родителот што не бил Влав и се декларираа како Македонци, Срби, Југословени...

По осамостојувањето на Македонија во 1991 година, состојбата драстично се менува. Во Република Македонија Власите се спомнати во Уставот, во химната, се формираат партии, а подоцна влашкиот јазик станува официјален покрај македонскиот во општина Крушево.

Се воведе и програма на влашки јазик на националната телевизија. Ваквата состојба овозможува Власите да ги уживаат сите права и слободно да ја декларираат својата етничка припадност. Сепак...

Власите велат дека ги има барем 10 пати повеќе

Претставниците на оваа заедница тврдат дека нивната бројка е многу поголема. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој и земјоделство и претседател на Демократскиот сојуз на Власите Никола Бабовски, вели дека нивната бројка е најмалку десет пати поголема.

Никола Бабовски

Да, во Македонија последниот попис е извршен во 2002 година, но и тогаш ние го споревме начинот како се направи тоа, а ја спориме и самата бројка. Според нас, таа бројка е барем за десет пати поголема“, вели Бабовски.

Со сличен став е Димо Н. Димчев, основач и прв уредник на редакцијата за емисии на влашки јазик на Македонската радио-телевизија. Основач и прв претседател на Здружението на граѓани Лига на Власите од Македонија, заслужен за внесувањето на Власите во преамбулата на Уставот на Македонија во 1991 година, е Димо Н. Димчев.

Во Македонија само Господ може да знае колку Власи има. Државниот Завод за статистика си објавува бројки какви ѝ одговараат на политиката што се води. По првиот попис, во независна Република Македонија, учествував во една дебатна емисија, од името на Власите. На крајот од емисијата за сите присутни, водителот го постави и прашањето за бројноста. Јас кажав вака: 'Официјално во Македонија има околу 8.000 Власи, од кои 10.000 се директори'. Водителот се стаписа, занеме. Ама се отвори и прашањето како е можно ова? Јас му одговорив: оди и прашај ги тие од статистика. Потоа реков дека нашите сознанија говорат дека во Македонија има околу 85-90 илјади Власи“, вели Димчев.

Toj е убеден дека бројот на Власите во Македонија е околу 90 илјади, но повеќето од нив се со македонски имиња и презимиња.

И сега велам дека бројката на Власите во Македонија се движи во овие граници. Речиси сите Власи се со македонски имиња и презимиња. Ние Власите од источна Македонија родени до некаде 1965/6 година живееме со два идентитети - еден домашен, меѓу нас Власите, и другиот административен. Јас, на пример, дома и меѓу Власите, сум Дина Кувата, а административно сум Димо Димчев. Брат ми, постар од мене 9 години, се викаше Мите. Па, така излегува дека и двајцата бевме Димитрија и тоа во нормални услови би претставувало апсурд. Ама кај нас сè се може. Јас многу доцна дознав дека моето име за семејна и за општа употреба доаѓа од Костадин – Динка – Дина. Се правеа и други манипулации од матичарите: влашкото Тегу се запишуваше Стерјо, влашкото Очи се заведуваше Очка или Олга и многу други такви состојби. Сите ние младите ги осознававме нашите имиња и презимиња дури кога заодувавме на училиште и се чудевме и самите кои сме! И тоа не беше сè. Јас, на пример, во прво одделение бев заведен како Димов Димо. И ова траеше заклучно со прво полугодие на осмо одделение. Тогаш класната ни рече дека треба да дадеме извод на родени. И јас зедов извод во кој пишуваше дека се презивам Димчев. И така, од тогаш сум со идентитетот Димо Димчев. Може да се провери и ќе се потврди дека децата на едни исти родители немаат исто презиме. Брат ми се презиваше Николов, а јас Димчев. Некаде по 1965 година веќе дојде таа мода со Горан, Зоран, Дејан. Имаше баби што не можеа ни да ги изговараат имињата на сопствените внуци, ама немаше назад“, вели Димчев.

Димо Н. Димчев

Освен бројот на Власите што живеат во Македонија, непознат е и бројот на вработените Власи во администрацијата. Одговор за бројот на вработените Власи во администрацијата нема ни Бабовски. 'Е тоа е прашање од милион долари!“, вели тој.

Она што се случува често е припадници на други етнички заедници при вработување да се изјаснуваат како Власи, и на тој начин да бидат вработени на работни места што се наменети за оваа етничка заедница.

Никој не може да одговори најточно на ова прашање. Погоре наведов дека и имињата и презимињата се помакедончени и нема како да се препознаат. Се кријат и самите, имајќи ја предвид денешната партизација на состојбите и тешкотиите да се дојде до работа. Власите се толку многу раштркани во градските населби и веќе никој и не може да ги препознае кои се тие Власи, вели Димчев и додава дека нема невработени, ако не во државно, работат приватно. Главно, се знае дека малку се случаите што се невработени. Ним не им се работи“, вели Димчев.

Според податоците кои ги имаат од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во јавната администрација се вработени 423 Власи, односно 0,38 прценти од вкупниот број на вработени.

Димчев тврди дека државата конечно треба да се однесува кон Власите како кон свои жители што си имаат посебен идентитет и особености.

Судејќи според тоа како функционираше Македонија од 1945 година па до сега, најпрво треба да научи да ги сака и Власите како свои жители и да ги смета за нешто посебно. Ама, тоа според сегашните состојби на нештата, се чини дека е невозможно. Доцна е! Многу безмилосно се однесуваше Македонија кон Власите.

Има дури и една многу полоша работа. Никој жив не знае да одговори, ама секој барем малку загрижен за состојбите ќе ви каже дека се чудат како ова општество ги 'обработува' Власите. Сите што се на позиции треба да работат во корист на правата на Власите, но сите работат против своите Власи, а многу се гласни кога се зборува дека државата сè прави за Власите и тие се токму платени за тоа да го прават. Само што не знаат да одговорат на прашањето: кога тие ќе направат нешто полезно за Власите? Такви ги има и во Министерството за образование и во една таму Агенција за остварување на правата на помалите заедници. И таквите извршители се многу ценети од ова општество“, иронично вели Димчев.

Власите во Македонија иако во почетокот покажале ентузијазам и волја за дејствување за свое добро, велат, не наишле на разбирање.

Се основаа повеќе од дваесетина здруженија. Меѓутоа, општеството не се покажа кон нив. За ниту едно здружение, во ниту еден град не постои една канцеларија одобрена од државата, со платен извршител, со простории за работа на една фолклорна група, со интернет, со можност за основање музејска збирка, за библиотека со книги на влашки и за Власите. Во Македонија божем се носеа закони за локалната самоуправа. Требаше да има нешто и за Власите. За жал, ништо од тоа. Се добива впечаток дека локалната администрација се однесува дури и многу полошо од, да речеме, Министерството за култура, кое одобрува извесни суми за некои проекти.

Во ниту еден град во Македонија не може да се посочи нешто што функционира благодарение на поддршката од општината. Општинарите се добри на јазик само кога им се става микрофон пред нив. Е тогаш тие знаат и кои се Власите и дека многу ќе сторат за нивниот опстанок“, вели Димчев.

За Бабоски сепак состојбата и не е така лоша, а она што е потребно е правата што им следуваат на Власите да почнат и практично да се реализираат.

Република Северна Македонија е првата држава во светот што Власите ги стави во преамбулата на Уставот и ние сме уставна категорија. Во изминатиот период е доста направено за зачувување на идентитетот на влашкиот народ, но сепак тоа е малку ако се спореди со тоа што им е овозможено на некои други етнички заедници. Во наредниот период државата треба да преземе сè за правата што им следуваат на припадниците на влашката заедница да можат во практика и да се реализираат. Постојат паралелки во неколку града каде што се одвива изборна настава со два часа неделно, меѓутоа тоа е малку, а и фондот и содржината на учебниците не ги задоволуваат потребите ниту на учениците ниту на наставниот кадар“, истакнува Бабовски.

Милан Миличевиќ

 

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе