Малите етнички заедници во Македонија (11)

Турчинките денес повеќе му се посветуваат на образованието отколку што брзаат да се мажат

Турци, трета по големина народност во Македонија. Во пописот во 2002 година во Македонија како етнички Турци се изјасниле 77.959 граѓани, или приближно 4% од вкупното население. Турците во Македонија се признаено и полноправно малцинство, но дали се полноправни и жените од оваа етничка заедница? Во Македонија постојат невладини организации кои се борат за правата на Турчинките. Една од нив е и невладината организација Дерја, која се бори за едукација, поддршка и охрабрување на овие жени во борбата за нивно помасовно вклучување во политиката, женските и воопшто човековите права, половата еднаквост, за почит, а не насилство над жената, здравствено образование и сл.

За нив рамноправното учество на мажите и жените при донесувањето одлуки претставува предуслов за демократско општество.

Во простории во ОЖТМ ДЕРЈА со седиште на улица Методија Митевски 10-8/1 во Скопје жените се обединуваат на една маса и со материјалите што се набавени од Турција, пресована волна, срма,ситни украси. Со волјата што ја носат во себе, желбата да успеат да научат нешто ново или нешто што не знаат, како и поддршката што ја имаат од оваа организација која се бори со мали грандови кои ги добива од Република Северна Македонија, успеваат да ги научат жените да шијат,да везат, да плетат, организацијата се обидува ги научи жените да изработат свои дела, кои потоа можат да ги продаваат и од тоа да заработуваат .

Нивните вешти раце прават футроли за мобилни телефони, чанти, цветови за декорации, облека што ја носат Јуруците, како и многу други нешта, но главната цел е да им се покаже дека можат да заработат свои пари и на тој начин да не зависат од никого.

Организацијата ја предводи Сузана Мусли, жена на која успесите ѝ се второ „јас". Преку организирање работилници и семинари,Турчинките овде се едуцираат заради подигнување на нивната свест, како директно, така и индиректно, во однос на локалните традиции, стреотипи, културата, враќање на довербата во хуманите релации, подигнување на комуникација и толеранцијата.

Мусли смета дека Турчинки не е застапени доволно воинституциите во Македонија, како и во политиката, и нејзината мисија е токму тоа, да ја подигне свеста кај овие жени да се вреднуваат и да вложуваат во себе. Таа вели дека успешна жена е онаа жена што умее да заработи сама, која не зависи од никого, која не бара пари од сопругот и не чека тој да ѝ остави за таа да има, како и тоа дека и таа треба да се праша колку деца ќе роди и чува, а не да ѝ наметнуваат општеството или семејството дека мора да роди одредена бројка на деца.

„Од 2000 година како основач на (МЖЛ) Македонско Женско лоби работам на полето за подигање на свеста на жената Турчинка во Македонија. Тие години немаше воопшто застапеност на жената Турчинка во институциите, но со вработувањата со Рамковниот договор се објавуваа конкурси и почнаа да се вработуваат. Можам да речам дека денес состојбата е малку поинаква бидејќи девојчињата го продолжуваат високото образование и веќе има застапеност на жената Турчинка во институциите, како оние што живеат во градовите, така и тие што живеат во руралните области. И едните и другите го продолжуваат образованието и денес веќе не е како порано родителите да одлучуваат за животот и иднината на женските деца, обичаите и стереотипите не се на преден план. Сето ова ја намали и појавата на предвремените бракови и прекинувањето на образованието", вели претседателката на организацијата „Дерја", која 20 години работи во корист на правата на овие жени.

Жените Турчинки со помош на оваа организација со обуки ги дознаваа своите права, но сепак има многу да се направи во однос на информираноста за новите законски регулативи. За овие нешта Мусли вели дека малку се информирани жените од градовите, а уште помалку жените од руралните средини. Но таа додава дека иако е Турчинка што е родена и живее во Македонија, таа можеби си ги знае своите права многу повеќе и од жените од другите заедници кои живеат во нашата држава.

„Нема кој да им помогне на невладините организации за добивање проекти за да се работи на информирање на населението, на секоја тема насилство, здравство, родова еднаквост, решавање конфликти... Ромските и сите други организации ден денес најмногу добиваат проекти од државата и од ЕУ. Во овој дел сме многу дискриминирани и секој пат тоа го зборувам. Но и од ЕУ ми одговорија дека треба да се обратам во мојата матична земја Турција за помош за проекти. Им одговорив дека мајата матична земја е Македонија, не е Турција, и дека си ги барам малцинските, човековите и женските права во мојата матична држава. Тука се родив, тука работам, тука плаќам данок. Но за жал, многу сум сама во овие борби и нема кој да ми помогне многу. Од 2000 до 2004 година бев претседател на 14 мултиетнички организации во Европскиот центар за малцински прашања. Горда сум со себе, со она што го работам и сметам дека си ги знам правата многу повеќе и од некои од жените од другите заедници", вели Мусли.

Откако овде се обучиле добро од светските експерти, во 2003 година битката за правата на Турската етничка заедница продолжила. Бил подготвен алтернативен Извештај од страна на Работната група за малцински прашања и бил испратен до делегацијата на Европската Унија. Но изненадувањето следувало кога Мусли дознала дека до 2003 година во Еу не знаеле дека во Македонија има турска заедница.

„Во 2005 година дојде делегација од ЕУ во Република Македонија и нè повикаа на состанок за малцинските прашања, меѓутоа на состанокот повеќе ги интересираше политиката во нашата држава. Кога јас дојдов на ред, прво ги прашав 'кои сте вие,за што сте овде и што сакате да дознаете', бидејќи нас нè поканија за конвенцијата за малцински прашања, но никого не прашаа за тоа. Им реков, сега јас да ве прашамдали го прочитавте Алтернативниот извештај што ви го доставивме. Се погледнаа и рекоа дека не знаат за таков извештај. Им реков дека тоа значи дека протекот на информации не е како што треба во ЕУ и ги замолив другпат да не ме канат на такви средби, за само колку ради реда да го напишат името на турската заедница. Многу бев револтирана, бидејќи јас не сум овде само да се сликам и тие да имаат аргумент дека оствариле средба со мултиетнички заедници", вели Мусли раскажувајќи и за отпорот на кој наидувала во борбата за правата на овие жени.

Во 2016 била номинирана за лидер жена мегу 1000 жени на светот, и како што вели, се гордее со тоа како Турчинка.

Во 2007 година била поканета и на работна средба во Италија за член 15 член од Законот за рамковната конвенција за малцински права.

По ова нејзината борба за правата на жените Турчинки продолжува, а во 2019 година организацијата што таа ја предводи има проекти со локалната самоуправа, проекти за здравствена едукација, проекти за човекови права и правата на малцинствата, мултиетнички проекти и проекти за женски прашања, меѓународни проекти...

Во овој дел предвидено е жените Турчинки да се информираат како да се заштитат од семејно насилство, да се едуцираат за вклучување на жената во изборниот процес, да научат да везат, да шијат, па и преку вклучување во малото стопанство да ја намалат сиромаштијата.

Најдобри резултати, според Мусли, имаат проектите што ги имплементирале директно со маргинализирана целна група жени и девојки што се необразовани, не знаат јазик, немаат работа, не се економски јаки. Токму тука придонеле жените од етничките заедници да излезат од дома, да посетуваат курсеви за шнајдерки, курсеви за везење со срма, народни ракотворби, фризерство, почетни компјутерски курсеви, козметичарство, садење цвеќиња, земјоделство, како и едукација и добивање сертификати, па и формирање мали бизниси за економско зајакнување на жените од етничките заедници.

Завршив факултет на старост за да не ме дискриминираат и навредуваат

Сузана Мусли е успешна жена на возраст од 59 години, сопруга, мајка на две деца, и баба на едно внуче, која основното образование го завршила на турски јазик, а средното на македонски јазик.

Кога почнала да работи интензивно во организацијата, имала само средно образование и тоа влијаело и на нејзината самопочит. Кога за време на семинарите до неа ќе седнеле магистри, кои, како што вели, зборувале „како да не се високо образование ", била фрустрирана бидејќи, вели, имала многу поголемо знаење и искуство, но немала и документ, диплома за високо образование . Овие луѓе, вели таа, се со купена диплома или „пријателски" завршен факултет. Високото образование го завршила во повозрасни години.

Таа можеби е единствената што за себе вели дека има сè, и од финансиски аспект, и од аспект на семејство и поддршка од најблиските. Дипломиран лингвист на Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев" на филолошкиот факултет – лингвистика, а 35 години работи во здравствен дом - Скопје на имунизација, а од 2010 до 2014 години била одговорна сестра во Амбуланта - Шуто Оризари.

„На старост, некаде на 45 години, се запишав и завршив факултет со просек 9. Не заради заработувачка, туку да не дозволам никој да ме навреди или дискриминира.Многу се едуцирав и комуникациските вештини ми се силни, како и моќта за убедување. Тоа го потврдив во фирмата Цептер во 1995 година бидејќи таму од старт продавав производи. Успесите се редеа бидејќи ги знаев моите права, малцинскитеправа и знам каде како да дејствувам агресивно, бидејќи таквото дејствување некогаш има позитивен одговор. На пример во 2000 година за едни избори аплицирав да се работи со жената Турчинка со американска донација за демократија. Добив одговор дека сум го добила проектот, но за жал за неколку дена кога отидов да потпишам, ми одговорија дека не се во состојба да нè финансираат бидејќи не останале средства за нашата организација. Го повикав шефот на одделението и му реков 'за каква демократија ми зборувате? Една единствена турска организација аплицирала и не добила'. Му реков дека за 15 минути ќе ги повикам сите телевизии и весници и ќе барам да ми одговорат за демократското распределување на парите. 10 минути потоа го добив проектот и го потпишав", вели Мусли.

Таа додава дека е жена што знае што е демократија и сè уште се бори за своите и за правата на малцинствата. Тие како организација имаат имплементирано и проект финансиран од ЕУ со германски партнери.

„Пред еден месец пишав до ЕУ за доделување проекти од ЕУ, дека има монопол во државата, па едни исти организации добиваат големи проекти, а другите немаат никакви шанси. Доста е веќе, мора да се поништи овој круг на ромски,македонски и албански организации или на едни исти организации, да им се даде можност и на другите помали заедници, турската, бошњачката, македонските муслимани,Власите, Србите и други", вели таа.

„Јас си ги знам моите права женски, човекови, малцински и работам по законските регулативи и конвенции. Можеби повеќе ги уживам правата отколку другите заедници бидејќи ги знам", вели нашата соговорничка, која појаснува дека нејзиниот успех во голема мера се должи и на тоа што таа има поддршка од блиските, како и од нејзиниот сопруг, кој воопшто не ѝ забранувал ниту да оди на службени патувања, ниту пак ѝ бил кочница во успесите.

„Ја имав среќата да се погодам да бидам снаа во семејство што има широки сфаќања за тоа што значи да се биде успешна жена. Мојот сопруг исто така ми беше поддршка во сè. Мојата мајка, која за жал денес не е меѓу нас, постојано ме критикуваше и ми велеше дека е срамота да не бидам со децата и да ги запоставувам домашните обврски поради патувања што не значат ништо. Но верував во себе и во своите успеси и не слушав никого, бев упорна и затоа денес сум она што сум, успешна, моќна, економски силна и независна од никого. На крајот и мајка ми почна да доаѓа со мене на семинарите и работилниците што ги организирав и беше воодушевена", раскажува Мусли.

Успешна жена е онаа што заработува сама и се бори за своите права
Таа се присети и на нејзините почетоци, кога ги посетувала Турчинките во руралните средини. За овие средби вели дека може да раскажува со денови и дека сеќавањата ѝ се свежи како да било вчера. Сè уштеги памети нивните уморни лица и стравот во очите дека ќе бидат осудени од средината ако кажат што им се случувало.

„Жално беше да ги гледате како се мачат и како молчат за сè што им тежи. Млади биле омажени и ги терале да раѓаат што повеќе деца. Згора на тоа, многу од нив со години трпеле семејно насилство. Не заработуваат, немаат пари и ми велеа 'каде да одиме без пари'? Од 2006 до 2008 имавме големи проекти во здравството со Македонското женско лоби фнансирани од Министерството за Здравство на тема „Надмудри го ракот, биди здрава жена". Јас бев координатор за проектот одредена од Здравствен дом Скопје. Откако ги завршивме тие проекти ние како организација ДЕРЈА продолживме да работиме на истата тема по руралните средини. Бидејќи сум медицинска сестра по струка со лекар од градот одевме на терен, им се доближував прво преку лекарските прегледи, за потоа преку разговор околу здравствената состојба да успееме да разговараме за планирање на семејство да успеам да откријам дека се жртви на семејно насилство, дали се малтретирани, а молчат за тоа. По ова, им укажуваме дека имаат поддршка, дека не се сами во таа борба и почнуваме да работиме и со нив. Да им покажеме дека животот има и друга димензија, во која и тие имаат право на глас и се важни како индивидуи. И горда сум со тоа дека стасавме до одредено ниво денес, и дека работите се менуваат на подобро за овие жени, кои треба да ја видат својата вредност", вели нашата соговорничка.

Апелот што таа го испрати не се однесува само за жените Турчинки што се малцинство,туку за секоја жена во светот: дека ќе биде успешна само ако сама се избори за своите права, ако сама заработува и ако не зависи од никого. Само во тој случај таа е вистинска жена и е своја.

Катерина Додевска

ФОТО: Роберт Атанасовски

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе