Малите етнички заедници во Македонија (5)

Дали традиционалните вредности ги уназадуваат Ромките?

Еманципацијата не ги одминува ниту Ромките кога станува збор за родовата рамноправност и борба за подобар социоекономски статус. Но покрај низата егзистенцијални прашања што ги засегнуваат жените и девојките од овој етникум во борбата за еднаквост со мажите, тие се погодени и од тивкото и болно „традиционално“ семејно насилство. 

„Вредностите на ромската заедница ја ограничуваат жената Ромка во нејзините избори“ и „Мала е поддршката што ја добиваат жените Ромки во намалувањето на семејното насилство“ беа двете клучни тези на кои изминатиот месец се дебатираше како дел од проектот „Биди дел од заедницата - дебатирај!“. Зад реализација на проектот застана невладината платформа Ромаверзитас, која веќе 18 години функционира како заедница од средношколци, студенти и академци што остануваат цврсто поврзани со ромската заедница во водството и напредокот на поширокото општество.

Главна цел на проектот е преку дебата, аргументирано и организирано, да се креираат и да се понудат решенија на проблемите со кои се соочуваат жените Ромки.

Идејата е гласот на младите Роми што несомнено имаат што да порачаат бидејќи го живеат „ромското секојдневие“ да допре до инстанците надлежни за поголема благосостојба на оваа етничка заедница.

Дали и колку препознатливите и карактеристични вредности на ромската заедница во македонското општество се пречка или предност во животот на една девојка или жена Ромка? Дали е потребно традиционалните вредности согледани низ призмата на жената како домаќинка и повеќедетна мајка да се модифицираат за да жената Ромка оди напред истовремено не бришејќи го културниот идентитет на заедницата од која потекнува и чиј репрезент е всушност таа како индивидуа?

Ова беа клучните прашања на кои дебатираа Тања Крстевска, Алмира Фаслии, Ариф Адеми, Цвета Ангелова и Орнела Гани како афирмативци и Ферзије Асановска, Ајџан Маликоска, Џенгис Бериша, Мухамед Етем и Надир Усеин како негациски тим.

Учесниците на дебатата дадоа свои препораки за тоа што треба да се направи од страна на жените, невладиниот сектор и државата со цел да се намалат ограничувањата за кои се испостави дека не се малку, ниту пак дека треба да се занемарливи.

 

„Еманципирана домаќинка“

Во ова современо општество, жената Ромка, иако ја има главната улога во одржувањето на семејните вредности, паралелно работи на своја самореализација и едукација.

Во прилог на тоа говори и фактот што денес образованието и едукацијата на женските деца од ромска националност е позастапена во однос на минатото, а со тоа некако природно се имплицира и промена на традиционалната улога на жената Ромка покрај семејното огниште. Но сепак има уште многу додека конечно да може да се каже дека Ромките се инволвирани во сите сегменти на современото општество.

Треба да си поставиме неколку значајни прашања, кои можеби ќе ни ја откријат пречката за недоволната инволвираност на жената Ромка во современото општественото живеење. Како на пример: „Дали вредностите на ромската заедница ја ограничуваат жената Ромка во нејзините избори?“, „Дали тие треба да се променат за да ѝ се овозможи простор на жената да ја замени својата традиционална улога?“ или пак „Дали со промена на вредностите ќе се изгуби културниот идентитет на заедницата?“, ни посочи Денис Османи од Ромаверзитас.

Економската еманципација на жената Ромка е клучен фактор во надминување на пречките за нејзината независност и тоа подразбира и самостојно донесување на одлуки, кои се клучни за нејзината иднина и иднината на нејзините поколенија, беше констатирано на дебатата.

За економска еманципација неопходно е образование.

Истражувањата на терен и статистиката се поразувачки, бидејќи многу помал е бројот на женските деца што го посетуваат основното и средното образование, во однос на машките деца од ромската националност. Помал е и бројот на Ромките што се запишуваат на факултет, во однос на машките.

„Како значајна алка за реализација на економската еманципација на жената Ромка е обезбедувањето политики за развој на работни вештини и поттикнување на претприемаштво кај жените. Но ваквите политики би биле неефективни доколку на жената не ѝ се даде слобода да работи и доколку сè уште постои стигма дека жената треба да биде само домаќинка. Кај ромската заедница постои страв дека ако таа работи, исто како и нејзиниот маж, кој тогаш ќе се грижи за домот, за децата и семејството? Кој ќе се грижи да се пренесат вредностите на ромската заедница на идните генерации?“, посочија дебатерите.

Корените на женската пасивност во поглед на амбициите за повеќе едукација и финансии ги гледаат во воспитувањето од мали нозе кога на децата им се одредува улогата соодветно на полот. Кога растат, таа улога уште повеќе се дефинира или со други зборови потребно е охрабрување на женските Ромчиња дека образованието е сила што ќе им донесе независност и можност да бидат „еманципирани домаќинки“.

„Ако се почне од најрани години и им се овозможи на девојчињата да одат во училиште и се поттикнува развојот на нивното образование со сигурност, тие во иднина ќе стекнат економска независност. Ваквата финансиска независност на жената ќе влијае и на нејзината улога во семејството, за нејзино изедначување со мажот“, заклучија младите Роми.

 

Образованието во сенка на малолетничките бракови

Ромите се народ што тешко ги менува своите културни вредности, иако тие не соодветствуваат со современото живеење, посочија дебатерите алудирајќи на малолетничките бракови, чија тенденција продолжува и во 21 век.

Нивниот број можеби не е како во минатото, но статистиките покажуваат дека најголем број од склучените малолетнички бракови во земјава се со Ромки. Поточно, во просек од 14.000 брака што се склучуваат годишно во државата, 13% се малолетнички, во најголем дел со малолетни девојки од ромската заедница.

Како причина за оваа појава се истакнува финансиската состојба во која живеат ромските семејства, која е главен фактор за младата Ромка да го напушти своето семејство и млада да стапи во малолетнички брак, порачаа дебатерите.

Следствено, ваквите малолетнички бракови го скратуваат образованието на девојчињата и оневозможуваат нивен понатамошен кариерен развој и идна економска независност.

„За да имаме една еманципирана жена Ромка, мора да се работи на намалување на малолетничките бракови. Инвестирањето во иднината на девојките и одложувањето на возраста за стапување во брак, според сите истражувања, целосно ќе има повеќекратен корисен ефект за целата заедница. Дополнително, и едукацијата на младите за своето сексуално здравје може да го намали бројот на склучените бракови меѓу малолетниците во нашата заедница. Еманципацијата на Ромката да започне со комплетно образование и инволвираност во општествените кругови“, децидни се младите ентузијасти од Ромаверзитас.

И во Националната стратегија за Роми, појавата на чести малолетнички бракови е детектирана како една од причините за ниските образовни постигнувања на децата Роми. Може да се заклучи дека е потребен посистематски приод кон оваа проблематика за нејзина превенција и целосно искоренување.

 

Што прави државата за своите граѓанки Ромки?

За жал, државата кај нас не работи доволно на подобрување на положбата на жената во ромската заедница. Мора да се спроведуваат поагресивни политики, кои ќе дејствуваат со поефективни мерки, а резултатите би биле достапни во поблиска иднина. Имено, за изедначување на улогата на жената во семејството, државата треба да работи на образованието на жената Ромка и да го поттикнува нејзиното вклучување во општествениот и културниот живот во земјата, констатираа учесниците на дебатата.

 

Младите со низа препораки за подобро утре

Од оваа дебата произлегоа неколку препораки за кои невладината организација ќе се залага и во иднина. Учесниците сметаат дека од голема полза би била зголемената промоција на Ромките што се позитивни примери во заедницата како на пример жени со поразлична образовна определба, со богато работно искуство и Ромки со свои успешни бизниси. Притоа да се стави акцент и семејната атмосфера во која функционираат ваквите жени.

Беше препорачано да се реализираат работилници за брачни парови каде што ќе се унапредува нивната комуникација при донесувањето на одлуки во семејството, како и работилници за улогата на жената Ромка во одржувањето на семејната хармонија поради што треба да се испочитуваат и нејзините права.

Во однос на образованието дебатерите препорачаа отворање поголем број градинки и детски центри за згрижување на дечињата додека мајките се на работа; училиштата да организираат работилници за улогите на членовите во семејствата, односно дека се што може машкото може и женското да сработи; воведување на наставни содржини за тоа на која возраст мажите и жените треба да стапат во брак според социоекономските услови и погодното ниво на биолошки и психолошки развој; исто така, како дел од образовниот процес да има едукативни работилници за сексуалното здравје.

Малолетничките бракови или вонбрачни заедници на малолетни лица најдобро би било да се превенираат од образовните институции, а МВР и судството да бидат построги кон нив.

Државата треба да се заложи за да се обезбедат политики за развој на работните вештини и поттикнување на претприемаштво кај жените Ромки; системот да ги унапреди политиките за надминување на половата нерамноправност; да се следат политиките и најдобрите практики во земјите каде што има родова рамноправност и да се најдат механизми за нивно поставување во државава.

Дебатерите побараа и Националното координативно тело за имплементација на Стратегијата на Ромите да даде повеќе детали на годишно ниво кои се резултатите од „Националниот акционен план за зајакнување на положбата на жената Ромка во општеството (2016-2020)“.

 

Семејното насилство без силна поддршка

На втората дебата на Ромаверизитас учесниците тргнаа од болното сознание дека мала е поддршката што ја добиваат жените Ромки како една од најранливите категории во борбата против семејното насилство во сите негови облици. Истото беше посочено како едно од ограничувањата во секојдневната битка за поквалитетен и исполнет живот.

Во кого лежи примарната улога во решавање на овој проблем, во државата, невладиниот сектор или во заедницата?

Корените на семејното насилство врз жените Ромки лежат во желбата жената да биде понезависна и таа самостојно да придонесува за семејството. Затоа на жената ѝ е уште потешко да биде понезависна од мажот – е ставот на дел од учесниците.

Учесниците на дебатата констатираа и дека поради малите надлежности што ги има полицијата врз насилникот поради законите најчесто насилниците ги повторуваат насилствата врз жените и тоа е една од потенцијалните причини за непрекинатиот синџир на семејно насилство.

И тука како еден од изворите на проблемот се посочува воспитувањето во детството. Девојчињата уште во раниот детски развој се воспитуваат на погрешен начин како на пример да бидат понизни кон спротивниот пол само поради тоа што се подоминантни од нив, додека кај повозрасните Ромки проблем е тоа што не си ги познаваат своите права доведува до тоа да не знаат како да си го решат својот проблем низ правните процеси.

Жената Ромка обично е обесхрабрена да даде изјава, да сведочи или да покрене постапка. Така е затоа што честопати жените се плашат и не соработуваат со полицијата. Треба да им се даде поддршка на жените за да се охрабрат и да соработуваат со надлежните институции.

Потребно е да се отворат центри за заштита на жените Ромки од семејно насилство, со кои ќе им се овозможи поддршка доколку решат да го напуштат мажот. Дополнително, потребно е да се работи на мерки за едукација на девојчињата, но и на момчињата во ромската заедница. Ваквата едукација треба да овозможи децата да стекнат знаење дека сите во општеството и во семејната заедница имаат еднаква позиција и да се сузбие практиката на семејно насилство, рекоа упатените во темата. Да има кампањи по ромските медиуми за да се охрабуваат да ги пријават насилствата и да се информираат за што сè државата и здруженијата на граѓани може да им помогнат.

Да има задолжителни и континуирани обуки на полицијата за сензибилизација во врска со семејното насилство, но и со родовобазираното насилство, начинот на прием на жртвата и постапувањето при семејно насилство, спроведувањето на мерките и итноста на постапките со цел навремена заштита на жртвите, констатираа дебатерите.

На дебатата беше побарано да се креира приватна ромска агенција за посредување при вработување, кои ќе можат да ги подготват жените во стекнување вештини за барање работа, додека Агенцијата за вработување на РМ да ја изврши законската обврска да им најдат работа на жртвите од семејно насилство.

Како една од поинтересните препораки што произлегоа од дебатата беше идејата државата да дава субвенции на компаниите што ќе ги вработат Ромките жртви од семејно насилство.

Семејното насилство во иднина би се превенирало со тоа што училишните педагози и психолози ќе ги детектираат децата што имаат семејни проблеми и ќе работат со нив подучувајќи ги за правилно однесување во семејството.

Од голема помош би било и да се организираат средби со насилниците, на кои ќе им се дава психолошка поддршка и едукација за етички норми, посочија младите.

Ромските семејства да размислуваат дека имотот треба да им се дели на сите деца бидејќи девојчињата можат да имаат проблеми во брачниот живот и ќе немаат место каде што би можеле да го продолжат својот живот при такви проблеми.

Младите учесници на дебатата упатија моќна порака дека сепак традиционалните вредности по кои е препознатлива ромската заедница, кои во исклучителни ситуации се стереотипни, сепак ги „туркаат“ жените Ромки кон дното на општествениот живот, а семејното насилство за кое добиваат минимална или најчесно формална поддршка на хартија сериозно ја позиционираат таму - на најдолната очајна линија во системот. Невладините организации се упорни во барањата државата поригорозно да се заземе за отстранување на сите пречки за достојна улога на жената Ромка во општеството притоа не загрозувајќи ги вредностите на заедницата од која потекнува и која со гордост треба да ја претставува! На потег е државата!

            Христина Стојановска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Среда, Февруари 27, 2019 - 12:29

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе