МАЛИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА (16)

Србите посветено го бранат и го чуваат духовното каде и да се, па и во Македонија!

Секој малоброен народ во земјава во себе носи дел од она што го прави „голем и свој". Така и Србите, како малцинска етничка заедница во Македонија, поседуваат автентична култура, историја и традиција, кои се посебни токму затоа што, како што велат самите Срби, имаат длабоки корени во Србија, соседот што ни е толку близок и сроден, а некогаш одамна сме биле едно, но истовремено своите цветови и плодови ги разгранува и ги вкрстува со македонските елементи на ова тло. Симбиоза што е уникатна и од непроценливо значење за етничкиот колорит на ова поднебје!

Кумановското „Коло на српските сестри“ со долговековен и силен дух!

Кумановското „Коло на српските сестри“ е здружение на жени што веќе две децении е цврст стожер на српското културно-историското богатство и традиција во Македонија.

Ова здружение има богата историја. Формирано е во далечната 1903 година во Белград по иницијатива на Делфа Иваниќ, тогаш просветна работничка во Скопје, и Надежда Петровиќ, позната сликарка од Белград.

Друштвото било формирано за помош на настраданото население под турска власт во Македонија, тогашна Јужна Србија, а во него активно се вклучиле болничарки-хуманитарки, кои подоцна им помагале и на настраданите во Балканските војни и за време на Првата светска војна, а активни биле и жени што работеле на полето на културно-просветната дејност со цел подигање на националната свест и патриотскиот дух.

Во тоа време здружението го формирале 146 одбора, меѓу кои и кумановскиот.

Кум на името на ова здружение бил познатиот писател Бранислав Нушиќ, а според Живка Христовска, актуелната претседателка на кумановскиот разгранок „Коло на српските сестри“, називот симболично значи коло, односно оро, како синоним на поврзување на добрина, љубов, пожртвуваност и оддавање на дел од себе во духовна смисла.

Во 1942 година Германците, а неколку години подоцна и комунистите, ја забрануваат дејноста на ова друштво, поради што тоа е принудено да функционира илегално, но години подоцна за време на судирите во Словенија и Хрватска и за време на распадот на СФРЈ, група жени од Белград ја обновуваат организацијата со цел да им помогне на раселените, ранетите и болните во тогашните тешки времиња за Балканот. „Коло на српските сестри“ е активно и во дијаспората, а доказ за тоа е кумановскиот разгранок.

Денешното кумановско „Коло на српските сестри“, кое е иницијатива на група жени од Куманово, своите корени ги влече од самостојноста на Република Македонија, а официјално е регистрирано во 1999 година. Денес го сочинуваат дваесетина членки, пред се Србинки и Црногорки, но и Македонки. Во 2003 година здружението е добитник на Ноемвриската награда на град Куманово.

„Официјално две децении работиме на полето на хуманоста. Наш приоритет е да понудиме и да дадеме помош таму каде што е потребна. На културно-просветен план работиме да го сочуваме српскиот јазик и култура и тоа го правиме преку разни проекти со ученици што учат на српски јазик во трите училишта во Македонија. Воедно работиме и на запознавање со културата и традицијата на Македонците и други ентитети што живеат во Куманово“, вели претседателката на „Коло на српските сестри“ – Куманово, Живка Христовска.

За ова друштво Драгица Јаниќ, поранешната конзулка на Србија во Македонија, во една прилика, ќе каже: „Коло е една мала, но одбрана група жена кои им одолеваат на сите ветришта и неуморно работат на сочувување на српштината на овие простори.

„Имаме работено на повеќе проекти самостојно и во партнерство со други организации и тоа во областа на борба против семејно насилство, поголема вклученост на жените во политиката и на места каде се одлучува, и несомнено проекти и активности за зачувување на културата и традиција на Србите во Македонија и нивна афирмација и промоција кај помладата популација“, појаснува Христовска.

За реализација на овие активности потребни се финансиски средства, кои досега, иако минимални, пристигнуваа од српската Управа за дијаспора и Срби во регионот, како и од српското Министерство за култура. Како што истакнуваат од здружението, тие се благодарни за секоја финансиска помош, но сепак се принудени да се снаоѓаат како што знаат и умеат.

„Од државните институции за 20 години официјална работа бевме поддржани само еднаш, со 60.000 денари. Мислам дека ова зборува доволно. Што се однесува на локалната власт, имаме коректни односи и тие често нè поддржуваат логистички, а периодов и финансиски со 20 % учество во проектот „Традицијата низ слики“, инаку поддржан од ЕУ“, појаснува Христовска.

Живка Христовска со амбасадорот на Србија во Македонија

Од здружението потенцираат дека неопходен им е простор каде што би можеле да состануваат и кое ќе биде место за репрезентација на српската култура и традиција. Сега за сега, заедно со уште осум други невладини женски организации, делат една просторија, која е лоцирана далеку од центарот на градот.

За својата посветена работа имаат голем број награди, признанија.

Амблем - Коло на српски сестри

„Љубовта кон блискиот, одговорноста трудољубивоста, пожртвуваноста и верата се она малку кое можеме ние како здружение да го понудиме, а тоа за некого може да биде многу затоа што „Коло на српските сестри“ секогаш било на вистинско место во вистинско време“, заклучува Христовска.

Дружење преку фолклор и музика

Во Куманово, еден од градовите каде што Србите како малцинство се најзастапени, веќе со години успешно функционира и Културно-уметничкото здружение „Српски вез“. Со звуците на народните инструменти и изворниот „словенски“ мелос, со колоритот на носиите и леснотијата на чекорите членовите на ова здружение ентузијастички го чуваат нематеријалното српско културно-историско наследство.

Постојат од 2013 година, а за своите настапи во земјава, регионот и пошироко имаат добиено голем број награди.

„Имаме над 120 члена од сите генерации. Имаме своја пејачка секција и оркестар, а друштвото го чинат два детски ансамбли, младинска група и изведувачкиот ансамбл. Наша основна цел е преку музиката и фолклорот да ги продлабочиме добрите односи на Србите со Македонците и другите етнички припадници во регионот каде што дејствуваме“, вели Далибор Китановиќ, претседател на „Српски вез“.

Средствата од државата се минорни и недоволни за афирмација на српското културно-историско наследство!

За материјалното културно-историско богатство на Србите, кое не е нималку скромно во земјава, поразговаравме со Зоран Жугиќ од Заедницата на Срби во Македонија. Го запрашавме кои се најрепрезентативните споменици на сржта на српското битисување на овие простори!

„Од Камениот (Душановиот) мост до зградата на Собранието на РМ и Офицерскиот дом (необновен по земјотресот во 1963 г.) - како една од најубавите згради на старо Скопје. Од црквата Свети Ѓорѓија во Старо Нагоричане – задужбина на кралот Милутин, до Богословијата во Битола – изградена од владиката Николај Велимировиќ – Жички и Охридски. Од Бигорскиот манастир (кој е обновуван и граден од повеќе српски кралеви и властодршци) до манастирот Лесново (обновен од деспотот Јован Оливер – војсководец на царот Душан), огромен е бројот на црквите и манастирите и зградите и институциите што се изградени во последниве десетина векови“, појаснува Жугиќ.

Зоран Жугиќ

Жугиќ нема забелешки за културно-историско наследство на Србите во Македонија, кое е под капата на државата и црквата. Тоа се одржува и се почитува, како дел од црквено-државниот имот, но максимално се минимизира и не се споменува како тие објекти настанале, кој ги градел, кога ги градел, итн.

„Најголем проблем се сакралните објекти, гробиштата и гробниците од балканските војни и од Првата светска војна, за кој освен српските здруженија и дел од Србија никој не се грижи и тие се уништуваат. Спомениците како Зебрењак кај Куманово, капелата со костурницата кај с. Удово, Кајмакчалан - црквата Св. Петар на самиот врв и костурницата, војничките гробишта во Битола и преку 100 гробишта со по 1-2 гроба, па до 600 гроба (преку 70 во подножјето на Кајмакчалан и на самата планина) се во многу лоша состојба. Република Македонија никојпат не се грижела за овие места.

И огромен број споменици што се подигнати на местата каде што српските војници во првата Светска војна страдале, во периодот од 1941 па до 1945, па и по војната, се разрушени, минирани од бугарскиот фактор и повеќе не постојат“, констатира Жугиќ.

Многу е мала помошта на државата во организацијата и одбележувањата на настаните од српската историја што се битни за целата Заедница на Срби во Македонија, смета Жугиќ. Свети Сава – Националниот ден на Србите во Република Македонија, Видовдан – денот на косовската битка, Кајмакчаланската битка, Брегалничката битка и многу други културно-историски настани не се доволно афирмирани во македонското општество.

„Со еден збор, препуштени сме самите на себе и без никаква поддршка од нашата држава. Српските здруженија со голем напор, со минимални средства за работа и просторни услови, но со голем ентузијазам и волонтерска работа, го афирмираат духовното наследство на Србите во Македонија. Средствата што ги одобруваат Министерството за култура и Владата се минорни и недоволни“, вели Жугиќ.

Со Жугиќ во многу сегменти се согласува и познатиот српски историчар Дејан Ристиќ.

„Корпусот на културното наследство од српско потекло на територијата на Република Северна Македонија е навистина богат и разнолик. Негов најголем и најзначаен сегмент претставуваат средновековните цркви и тврдините, а потоа и јавните споменици, воените меморијали и места на страдања од периодот на Балканските војни и Првата светска војна“, смета Ристиќ.

Дејан Ристиќ

„Србите како малцинство прават сè што е во нивна моќ за да го зачуваат националниот, културниот, јазичниот, историски и верски идентитет и покрај многубројните предизвици и отежнувачки околности“, додава тој.

Ристиќ смета дека односот на државата кон културното наследство на Србите во Македонија е тешко да се опише во неколку реченици бидејќи е несистематичен, нерамномерен и релативно стихиен.

„Забележана е практика на елиминација на националниот и верски идентитет на средновековните цркви и фортификации, пред сè затоа што се изоставуваат податоците за нивните основачи, основоположници и градители. Иако се наведуваат точните години на подигање и сликање на овие цркви, како по правило се изостава податокот дека се работи за плод на здружување на српски кралеви, цареви, војводи“, смета познатиот историчар.

„Накратко, на Србија и на Македонија им претстои уште многу работа за нашето заедничко културно наследство да се зачува, да се валоризира и на најкомплетен начин да се претставува пред домашната и светската јавност. За таа цел е потребна подобра соработка меѓу релевантните национални културни установи, а во тоа историчарите многу може да помогнат“, заклучува Ристиќ.

 

Христина Стојановска

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе

Пранкот врз премиерот го откри „гангот" кој управува со државата.

повеќе