Малите етнички заедници во Македонија (9)

Србите, иако топли и блиски со Македонците, како малцинство не добиваат соодветен третман од државата

Србите како етничко малцинство во земјава последниве неколку години сè погласно и поревносно го нагласуваат евидентното прекршувањето на нивните права. Дополнително боли тоа што државата, кога станува збор за почитување и унапредување на правата на етнички заедници во земјава, за едни е мајка, за други маќеа. За жал, нивниот глас се губи во заднината на правата на Албанците како најголема етничка заедница во земјава, како и во низата други проблеми на системот.

Србите во Македонија велат дека Македонците и Србите имале долговековна силна врска базирана на сличности, но таа треба соодветно да се негува и да се афирмира. Автентичните идентитетски, културни, историски, верски и друг вид сличности во најмала рака треба соодветно да се третираат, а не да се потценуваат, поради што Србите станаа најдалечен и најотуѓен сосед на Македонија.

Српската заедница во Македонија веќе безмалку три децении е еден од стожерите за зачувување на идентитетот, културата и јазикот на Србите во Македонија. Истовремено неоспорен е нивниот напор за подобрување на нивните права.

„Врската помеѓу Србите и Македонците се протега низ векови, како и врската со територијата која во многу наврати била напаѓана, бранета и се така во круг. На овие простори постојат многу културни, верски и историски објекти, локации и поими што се значајни за Србите и кон кои ние, како заедница, со должна почит обрнуваме внимание, ги прославуваме и ги обележуваме. Во исто време со низа настани се обидуваме да одржуваме високо ниво на културна размена, афирмација и промоција на вредните современи културни дела и автори.

Српската заедница во Македонија од 1991 година, кога е основана, е втемелувач на многу манифестации. Исто така една од основните цели на СЗМ е да вложува напор за подобрување на правата и нивното остварување во државата, а пред се на чување на идентитетот“, појаснува Гордана Јовиќ Стојковска, претседателка на заедницата.

Според пописот од 2002 година како Срби се изјасниле 35.939 жители или 1,78% од вкупното население во Македонија, поради што се вбројуваат во малцинските етнички заедници.

Најголем број Срби живеат во северните и североисточните делови на земјава, и тоа најмногу во Скопје (14.298) и Куманово (9.062), потоа следуваат Тетово, Росоман, Битола и Штип.

Претставниците на српскиот етникум во земјава постојано се борат за решавање на низата предизвици со кои се соочуваат секојдневно. Јовиќ Стојковска потенцира дека иако во главниот град Скопје, каде што Србите и се најмногубројни, немаат соодветен простор што во континуитет би бил нивен.

„Апсолутно не се почитуваат правата на Србите во Македонија! Во Скопје немаме еден постојан простор за кој би се знаело дека Србите можат во секое време да се соберат, да се дружат. Сè е повремено, и тоа кога помага нашата матица“, вели таа.

Поплаките се однесуваат и на образованието, односно неможноста да се учи на мајчиниот јазик поради низа бариери, освен ако не се формира цела паралелка. Интересот за настава на српски јазик од година во година згаснува поради немањето соодветни учебници и соодветен наставен кадар.

Иако согласно со Уставот и законите за основно, средно и високо образование, српската заедница има редовна настава во основното и средното образование на српски наставен јазик. За високото образование има група српски јазик на Филолошкиот факултет, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, но ова во практика е оневозможено“, реагираат дел од Србите во земјава.

Гордана Јовиќ Стојковска

Редовната настава на српски наставен јазик се одвива во три училишта, и тоа во општините Чучер Сандево во селото Кучевиште и во Старо Нагоричане, како и селото Табановце. Според овие податоци, може да се констатира дека наставата на српски јазик се одвива само во руралните средини и места каде што Србите се сконцентрирани според местото на живеење.

„Немаме верски права, одземено им е право на нашите деца да учат српски јазик освен ако се формира цела паралелка. Србите не живеат гетоизирано, немаат услови да носат деца од една во друга општина, а во превод тоа значи нема српски јазик бидејќи државата не собра доблест да ни дозволи изборен предмет“, гласна е Јовиќ Стојковска.

„Проблемот со кој се судрува српската заедница во образовниот процес се однесува на недостиг од учебници, придружни материјали неопходни за успешно реализирање на наставните содржини, предвидени во наставните програми, како и лектири на српски јазик. Покрај овие проблеми со кои се соочуваат, директорите го потенцираат и лошиот квалитет на учебниците, па се принудени да ги копираат. Што се однесува на наставниот кадар, тој не е соодветен, па поради тоа голем број од предметите се предаваат на македонски наставен јазик, со што и интересот на учениците опаѓа за следење наставата на српски јазик. Не постои можност за факултативна настава на српски јазик, како и неможноста таа да се применува во изборен предмет“, овој став го сподели Рената Дескоска на Конференција за унапредување на правата на заедниците кон крајот на 2017 година, како тогашна Министерка за образование и наука.

Србите бараат од државата српскиот да се изучува како изборен предмет потенцирајќи дека јазикот е обележје на припадност на една заедница и обидот за негирање на јазичните права е знак за нетолеранција и обид за дискриминација.

Во својата борба свесни се за недоследностите на политичкиот дискурс како и за фактот што меѓународните организации преку кои се финансира голем дел од невладиниот сектор не се благонаклонети кон српската заедница. Во такви услови многу е тешко бидејќи нивниот буџет е празен.

„Политичките партии се бунар без дно, меѓународните организации одработуваат она за што се испратени, а српската заедница не е миленик. Соработуваме со други здруженија, национални, целни, хуманитарни, но кога немате канцеларија, кога немате денар постојан буџет сета соработка се сведува на она што се може. Тоа е нашата состојба“, појаснува претседателката на заедницата на Србите во земјава.

Но и покрај оваа неправда Србите во Македонија се обединети, а ништо не обединува посилно од традицијата.

„Традиционално го одбележуваме националниот празник на Србите во Македонија Св. Сава, потоа организираме обележување на Кумановска битка, Солунски пробој, како и низа настани врзани за значајни датуми од историското и културно минато на Срби. За жал, за списанија, како и воопшто за сериозна поддршка за каков било нормален, редовен, стабилен активизам, нема ни збор. Нејсе, се снаоѓаме и правиме колку што можеме, здружени, со активизам и волонтерство“, констатира Јовиќ Стојковска.

„Нашата матица вложува во заедницата на Македонците во Србија. За илустрација само ќе спомнам дека Србија финансира три списанија на македонски јазик, додека тука домицилната држава кон малите заедници не покажува ни основна достоинствена почит, не пак да врати со иста мерка како што нашата матица вложува во заедница на Македонци во Србија. Сè потешко е, без пишани гласила, без сериозни информативни средства... тажно.“

Српската заедница во Македонија има 18 општински и 5 регионални организации, од кои оние во Скопје и Куманово се најактивни бидејќи таму се најмногубројни.

Иако низ годините владините гарнитури во земјава фиктивно се стремат кон политика на мирна интеграција на сите етнички групи во општеството, етничките тензии се присутни. Причината за тоа, според припадниците на помалите етнички заедници, е во тоа што сите напори и ресурси и конзистентна државна политика се мобилизираат за унапредување на правата на Албанците како најмногубројна етничка заедница, додека за Србите, како што и самите велат, остануваат недостојни трошки од колачот, поради што се приморани сами колку што можат и умеат да се борат за своите права и се она што подразбира зачувување на идентитетот и традицијата кои за македонците воопшто не се туѓи и непознати, туку природно би било спонтано заемно да се почитуваат и да живеат во заедништво.

Христина Стојановска

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе