Малите етнички заедници во Македонија (17)

„Спона“ – место каде македонските Срби културно се обединуваат

Србите како малцински етникум во земјава се соочуваат со низа проблеми и предизвици. Но, и покрај тоа дел од нив се цврсто обединети во намерата да ги усогласат и остварат своите интереси и да го зачуваат националниот и културниот идентитет, а за посебно внимание е нивното грижливо и неуморно гаење на културните, историските и духовните вредности тука на македонското поднебје.

Достоен пример за тоа е работата на граѓанското здружение Културно- информативен центар на Србите во Македонија „Спона“ кое функционира од 2005-та година како самостојна, невладина и непартиска асоцијација.

За разлика од други слични асоцијации, како во земјава така во странство, содржините на сите нивни активности се комплетно зачувани и достапни на Интернет порталот www.srbi.org.mk кој е единствен информативен сајт на српски јазик во земјава.

„Сајтот е покренат во 2006-та како пионерски потфат и е единствено гласило на српски јазик со мошне актуелни содржини речиси еднакви на агенциско известување“, велат од здружението.

Ниту ова здружение не е исклучок од хроничните финансиски бариери на патот кон остварувањето на програмските цели. Без никаква финансиска поддршка од Македонија, ниту пак од соседна Србија успешно опстојуваат речиси 15 години и во континуитет реализираат културни, образовни, уметнички, информативни, хуманитарни, едукативни, туристички, промотивни проекти...

Образование на мајчин јазик

„Болно и поразително е што сѐ помал е бројот на децата кои се образуваат на својот мајчин српски јазик во преостанатите три училишта во Старо Нагоричане, Табановце и Кучевиште – само 170 ученици. Во средните училишта нема ниту еден ученик кој се образува на мајчин српски јазик, наспроти законските можности“, велат одговорните од „Спона“.

Коментирајќи ја владината одлука дека од идната учебна 2019/20 година основците Срби повторно ќе имаат можност да го изучуваат својот мајчин јазик и култура како изборен предмет од здружението велат дека објективно се работи за враќање на веќе стекнатото право на образование кое било загубено, односно враќање на факултативната настава укината 2007/2008 со што Србите во земјава конечно се стекнаа со демократско право во образовниот систем кое досега го имаа сите останати заедници во земјава.

Но, иако државата низ годините ги оддалечувала од мајчиниот јазик, „Спона“ постојано организира факултативната настава на српски јазик и тоа не само во главниот град каде и се наоѓа седиштето на здружението, туку и во внатрешноста, на пример, во село Речица кај Куманово, Кучевиште...

Специфично за ова здружение е и тоа што се единствени кои организираат литературно - книжевни работилници на кои се обработуваат делата од еминентните српски и македонски автори.

„Досега, на тие своевидни литературни „кружоци“ во Скопје, како и во Куманово, Тетово, обрабоетени се шеесетина дела. На некои од тие работилници, учество земаа и живите автори вклучени во анализите на остварувувањата. Како модератори беа ангажирани професори по книжевност од Филолошкиот факултет од Скопје. Во тие обработки се анализирани делата на Андриќ, Киш, Бајац, Селимовиќ, Црњански, Миљковиќ, Басара, Станковиќ, Капор, Конески, Јаневски, Османли, Лазаров, Прокопиев...“, велат од здружението.

За сите заинтересирани читатели во просториите на центарот на понуда е завиден број на библиотечни единици на српски и македонски јазик. Најголем дел од таа понуда се книги донирани од Народната библиотека на Србија, како и лични подароци на членовите.

Во делот на културните врски „Спона“ со години мошне успешно соработува со МНТ, манифестацијата „Скопско лето“, Народната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“,  со партнерско учество во организирање на претставите, концертите, ликовни изложби на уметниците од Србија. Лани во рамките на манифестцијата „Денови на српската култура во Македонија“, „Спона“ успеа да продуцира сопствена театарска претстава на српски јазик на сцената на МНТ, со режисер и актери од српско потекло од земјава. Станува збор за претставата „Реалисти“ прв пат вклучена во редовен репертоар на МНТ“

Споделуваме исти проблеми, а Србите не се доволно „свои“

Дел од српскиот народ што живее тука е лојален во сите искушенија кои ги споделува со македонскиот народ и останатите заедници во земјава, оценуваат од Културно-информативниот центар на Србите потенцирајки дека не може да се занемари фактот што со децении под влијание на силна асимилација се намалува бројот на Србите во земјава. Според податоците од пописот на населението од 2002-та година како Срби се регистрирани околу 36.000 или 1,7% од вкупното населението во државата.

„Мошне важен и истовремено болен аспект за српското малцинство е и фактот дека на Србите овде во земјава не им се признава дека се староседелци, т.е. не им се признава автохтоноста како народ, како што им се признава на останатите - Албанци, Турци, Власи, Евреи... Така, да речеме, плеада истакнати дејци, револуционери, градоначалници, научници од тука се целосно заборавени или затскриени, заборавени од историјата само поради тоа што имаат српско потекло. Да речеме Голуб Јањиќ од Маврово, ктитор на потопената Црква во Маврово, го сведуваме под терминот „србоман“. Такви се и примерите со Јосиф Михајловиќ, првиот градоначалник на Скопје и творецот на модерното Скопје, со Мицко Крстиќ, со Анѓелко Крстиќ од Лабуништа, Глигор Соколовиќ од Небрегово...

Тоа е најголем доказ дека тука имало Срби и пред 1912-та година, но тоа се занемарува или делумно се споменува. Затоа Србите во Македонија и се чувствуваат како гости, или едноставно стануваат Македонци, за разлика од Албанците или Турците кои доминантно и слободно ја присвојуваат земјава“, појаснуваат од здружението.

Еден од проблемите со кои се соочуваат е и оневозможената слобода на вероисповест. Србите се своевидни заложници на одолжен нерешен црковен раскол во земјата, на Србите им се ускратени слободите на верски обреди во канонската црква иако во формално законски уредени рамки, Македонија е потписничка на Европската конвенција за човекови права, каде што е јасно и прецизно наведено правото на слободата на вероисповест без ограничување, велат првите луѓе на здружението.

„Храмови изградени од српски владетели денес Србите, рука родени, немаат право да ги сметаат за свои. Пример ретко каде виден“, децидни се од „Спона“.

Недоволно медиуми за Србите

Во земјава не постои ниту еден печатен весник на српски јазик. „Спона“ до пред четири години издаваше списание, месечник, со наслов „Слово“ со подлисток за најмладите „Словце“.

Но, поради недостиг на средства, без каква било финансиска поддршка, ниту од Белград ниту од Скопје, весникот е „замрзнат“.

„Преходно се печатеше и весникот „Поглед“ кои исто така згасна. Дури и дистрибуцијата на весниците од Белград во Македонија се одвива со потешкотии, се дистрибуират со еден ден задоцнување што не било случај ни во 19-иот век, дури ни во времето на НАТО бомбардирањето на Србија. Некои дневни весници од Србија повеќе воопшто и не се доставуваат во земјава. Дописништвата на српските редакциии од Скопје се уназадувани и сега работат смо двајца-тројца акредитирани дописници во Македонија“, ја коментираат одговорните од здружението состојбата со достапноста до српските медиуми.

Единствен ажурен сајт на српски јазик засега е порталот www.srbi.org.mk, а видео порталот „Србтел“, поради недостаток на средства е во мирување.

„Во рамките на сегашните можности, во објективно ограничен простор, веќе неколку години без каква било поддршка, „Спона“ успева да задржи релативно високо ниво на сеопфатно информирање на српски јазик во и од Македонија, во духот на името на организацијата, за поврзување и јакнење на врските помеѓу Србија и Македонија, како и помеѓу српскиот и македонскиот народ и останатите заедници во земјава“.

„Во рамките на јавниот информативен сервис МРТВ, на вторит канал емисијата на српски јазик „Видик“, се емитува три пати неделно во мошне неатрактивни термини, со технички и кадровски потенцијал со кој не се се задоволува ни минимумот на реалните потреби од објективното и професионално информирање на Србите во земјава. Во редакцијата „Видик“ со апсолутно запуштено уредувачко „креирање“ веќе 12 години практично и не постои информирање во доследна смисла на зборот“, велат од „Спона“

 Дел од активностите на „Спона“

За споредба, како што велат тие, на истиот канал доминантна е програмата на албански јазик со околу 96 часа неделно. Програма на турски се емитува околу 16 часови неделно, а останатите - на српски, ромски, влашки и босански „застапени“ се само со по 90 минути емисии седмично.

 Конкретно, „Видик“ има три получасовни емисии неделно во термин од 14.30. и 15.00 часот. На третиот канал на македонско радио се емитува и получасовна вечерна емисија на српски јазик со само еден новинар.

Хумани и сплотени далеку од политиката

 

И покрај сите предизвици со кои се соочуваат на дневна база, здружението, во духот на широкоградоста по која е познат српскиот народ, редовно организира хуманитарни настани.

Веќе седма година по ред мошне успешно ја реализира редовната акција „Подари радост“ за помош на социјално загрозените семејства во земјава, но и во Косово и Метохија. Во тој дел, заеднички со фондацијата „Делије“ од Белград, досега се организирани седум хуманитарни концерти во Скопје, Тетово и Куманово, информираат одговорните.

Културно-информативниот центар „Спона“ како независно здружение се обидува да остане доследно на своите идеали и низ годините да се заштити од постојаните обиди за ставање под политичко влијание на одредени партиски „чадори“, делумно и во служба на зајакнување на капацитетите на останатите здруженија. Впрочем тоа е и еден од проблемите со кои се соочуваат, проблемот-последица што даваат отпор на постојаните влијанија преку обидите за менторство од божем „релевантните политички „тутори“.

„Спона“ како што и се преведува името на ова здружение е вистински „стегач“ или со други зборови сплотувач на сѐ што им е заеднично на достојните Срби кои живеат во Македонија – седиште на богатата ризница на материјалната и нематеријалната култура на српскиот народ и уште позначајно, можност за зближување и меѓусебно запознавање и поголема почит меѓу Србите и Македонците, но и останатите народи кои живеат тука.

Христина Стојановска

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе

Без оглед на политичката заднина на случајот за изнудување, владата во Скопје мора да се фокусира на темелна истрага наместо на ограничување на штетата.

повеќе