МАЛИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА (8)

Салиоска и Бекир Халим - ромски хероини на новото време

Несиме Салиоска од Прилеп и Салија Бекир Халим од Скопје се две жени – борци за подобри права на Ромите на македонското поднебје. За својот ангажман, несебични, долгогодишни и безусловни заложби за подобро денес и утре, пред се на девојките и жените Ромки, тие месецов во Брисел беа наградени и прогласени за „Непознати хероини – активистки".

На 19 март Европската комисија, или поконкретно Директоратот за добрососедство и проширување, на официјална церемонија ги објави победниците на Третата награда за „ЕУ интеграција на Ромите за Западен Балкан и Турција“.

Наградата првично беше лансирана во 2014 година и има за цел да ја истакне политичката важност на интеграцијата на Ромите во процесот на проширување на ЕУ, да ја зајакне улогата на клучните играчи како што се граѓанското општество, младите Роми и оваа година ромските жени, како и да се покаже ЕУ определување и посветеност за подобрување на социјалната вклученост на Ромите.

Преку овогодинешната награда, Унијата ги промовира ромските активисти, двигатели на промени, чија посветеност придонесува за промовирање на поинклузивно општество, нагласувајќи дека унапредувањето на лидерството на жените и економското зајакнување е апсолутен приоритет за Европската унија. Пораката беше дека промовирањето на родовата еднаквост и зајакнувањето на жените во сите аспекти на политиките, внатре и надвор од ЕУ, е во полза на сите, додека поддршката на малцинствата и нивното зајакнување е од клучно значење за градење на еднакви и правични општества. Всушност, ефективната интеграција на Ромите стана еден од условите што земјите-членки на проширувањето мора да ги исполнат за да станат земја-членка.

Наградата е наречена „Женски теренски активисти - непознати хероини“ и е посветена на индивидуални Ромки кои донесоа значајни промени во Србија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Албанија и Турција.

Од 105 поднесени пријави, беа избрани 14 жени Ромки, од кои 7 за прва награда и 7 за втора награда.

Превенција, евиденција и санкција на детскиот брак!

37 годишната Несиме Салиоска која е родена и живее во Прилеп е добитничка на првата награда. Таа по професија е дипломиран оперативен менаџер и долги години раководеше со невладината Рома С.О.С..

Појавата "детски бракови" која ја актуелизираше Салиоска во рок од три години од табу тема премина во државен приоритет, како помеѓу институциите така и помеѓу активистите за човекови права.

„Јас ја освоив првата награда за Северна Македонија и истата е поврзана со иницијативата за детски бракови што ја започнав во 2015 година, со цел јавно да се де-стигматизира ова прашање како ромска традиција, да се отворат табу-темите околу причините и последиците, да ја нагласам потребата од институционални активностите и внимание како кон повреда на правата на децата и да се изврши влијание на националната легислатива со цел да се обезбеди целосна опфатеност односно да се воведе систем за превенција, едукација и регистрација на такви случаи. “

Најголемото достигнување кое впрочем го предизвика оваа млада жена е промената на Кривичниот законик за поригорозни казни за иницијаторите и сторителите на малолетничките бракови.

„Најголемо достигнување е тоа што во декември 2018 година во Собранието се изгласаа предложените измени на Кривичниот законик со кој старосната граница за санкција, ако малолетникот стапи во неформален брак, се зголемува од 16 до 18 години, а Министерството за труд и социјална работа како и Министерството за образование дадоа силно ветување дека предложените измени и дополнувања на законите под нивна надлежност ќе бидат воведени до крајот на оваа година.

Секој поединец под 18 години е дете, па секој брак под 18 години е детски брак! Детскиот брак е штетна пракса која креира животна нееднаквост и претставува форма на немоќ кај девојчињата, но и кај момчињата“, смета Салиоска.

Но, не е доволна само оваа измена на Кривичниот законик, потребен е комплетен системски пристап од надлежните институции.

„Во суштина со измените на Кривичниот законик, вонбрачниот живот со малолетник под 18 години претставува кривично дело. Меѓутоа за истото да го постигне посакуваниот ефект потребно е да преку Законот за семејство се забрани на малолетници да живеат во неформални заедници или да се обезбедат услови под кои сите форми на бракови под 18 години би се дозволиле само во исклучителни случаи од страна на судот и кога тоа е во најдобар интерес на детето, придружено со напори за строго контролирање на издавањето на експертско мислење од страна на социјалните и здравствените работници.

Паралелно, следењето на развојот на поединецот ќе обезбеди можност за проверка дали мерките се ефективни и како можеме да го постигнеме тоа, ако не со воведување на систем за регистрирање на сите форми на бракови помеѓу и со лица под 18 години. Конкретно, преку Законот за основно и средно образование треба да се продолжи со собирање на податоци кои ќе вклучуваат евиденција за условите на ризик за децата при прекинување на школувањето, особено во однос на брачните заедници, формални и неформални“, појаснува Салиоска.

Бекир Халим и Салиоска

Неисме смета дека без превенција и јасно разбирање, нема проблемот да се надмине, неопходно е спроведување на кампањи и обуки кои ќе ја сензибилизираат јавноста во контекст на човековите права, вклучувајќи ги и услугите за сексуално образование како начин за разбивање на теми и поддршка на оние кои немаат избор.

Со тоа и ќе биде заокружен патот од превенција, евиденција и санкција на детскиот брак во Македонија, што е во корелација и со неодамна ратификуваната Истанбулска конвенција.

Измените на законите се во насока на спроведување недискриминаторска и координирана институционална процедура, преку која сите млади индивидуи целосно ќе можат да ги искористат своите потенцијали и капацитети во реализација на сопствената и заедничката визија.

Младата Неисме е гордна што се менува дискурсот на гледањето кон нејзината работа во општетсвото.

„Кога започав со мојот активизам, најголем дел од луѓето во мојата околина не беа позитивни, активностите кои ги превземав ги толкуваа како губење време, додека идеите за живот претежно беа гледани како невозможни или апстрактни. Сепак денес, истите тие луѓе се горди на мојот начин на живот и посакуваат и тие да имаа можност да го направат истото. Во ред е да жените размислуваат за брак и деца, но не е во ред кога тоа е нивната единствена животна аспирација или очекување од животот. Од таа причина, преку мојот пример им укажувам на можностите за различност и остварување на поинакви животни амбиции.“

Жената Ромка е двигател на важните одлуки!

36-годишната Салија Бекир Халим е од Скопје е добитничка на втората награда. Таа покрај семејството и семејните обврски, секојдневието го исполнува со активностите на неформалната група „Иницијативата на жени од Шуто Оризари.

„Веќе 7 години сум активистка и дел од „Иницијативата на жени од Шуто Оризари“ преку која активно се залагаме за унапредување на сексуалните и репродуктивните права на жените од нашата општина. Најгласни, ми се чини, бевме за долгогодишниот проблем на немање матичен гинеколог во нашата општина, по што и ден-денес нѐ препознаваат. Оттука, оваа награда ја сфаќам како признание за моите лични заложби, но и за заложбите на сите жени од Иницијативата“, вели Бекир Халим.

Во пракса, на терен, положбата на жените Ромки не е баш сјајна.

„Теренската работа ни потврди дека Ромките ги мачат многу проблеми меѓу кои би ги издвоила невработеноста, традиционалните вредности, нискиот степен на образование, дискриминацијата, здравствениот статус, како и незаконската наплата од страна на матичните гинеколози. Сите овие проблеми се горливи за денешната Ромка и сите се меѓусебно поврзани. Како дел од Иницијативата, сметам дека клучно за надминувањето на овие проблеми, покрај системскиот пристап, е и омоќувањето на Ромката, односно стекнувањето економска независност и стабилност. “

Салија е горда сопруга и посветена мајка на 10-годишната Рабијаа, а слободното време го минува со семејството и пријателите. Но, паралелно на тоа таа е гласен борец за решавање на проблемите кои произлегуваат од непочитувањето на човековите права. За нив мора гласно да се зборува, смета таа.

„Жената Ромка ја има најголемата улога во семејството, таа е двигателот на сите важни одлуки. Жената Ромка е таа која треба гласно да говори за сите проблеми. Образованието е многу важно и секоја треба да тежнее да стекне што е можно подобро и поквалитетно образование, но не е секогаш пресудно за да се охрабрат и да побараат еднаквост и почитување на нашите човекови права!“

Овие две врвни признанија за двете хероини од земјава е уште една потврда дека женската солидарност е сила, посебно ако цврство се верува во поставената мисија! Салиоска и Бекир Халим се доказ дека со посветеност и упорност може да се стигне далеку за доброто на својот народ. Впрочем малите и сигурни чекори, секогаш водат до големи и продуктивни промени!

Христина Стојaновска

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе