МАЛИТЕ ЕТНИЧКИ ЗАЕДНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА (3)

Здравствената неправда кон Ромите коси низ болничките ходници

Правото на здравствена заштита на „помалиот“ етнички колектив во земјава разочарува, а уште поразочарувачки е што проблемите од оваа сфера редовно се пикнуваат под тепих. Недоволно се зборува за сопките на патот кон здравственото осигурување на Ромите, вакцинирањето на Ромчињата, како и за правата при унапредување на репродуктивното здравје кај Ромките. Низ болничките ходници паралелно ровари и прикриената дискриминација кон Ромите.

Здравството, како една од најслабите алки во македонскиот систем, секојдневно го ослабува здравјето на луѓето. Не е мал бројот на поединците што заедно со своите семејства на сопствена кожа ги почувствувале пропустите при остварувањето на ова најважно и клучно право бидејќи од здравјето почнува сè. Во таа насока не се исклучок ниту припадниците на ромската заедница.

Правото на здравствена заштита на „помалиот“ етнички колектив во земјава разочарува, сметаaт повиканите на темава, а уште поразочарувачки е што проблемите од оваа сфера редовно се пикнуваат под тепих. Недоволно се зборува за сопките на патот кон здравственото осигурување на Ромите, вакцинирањето на Ромчињата, како и за правата при унапредување на репродуктивното здравје кај Ромките. Низ болничките ходници паралелно ровари и скриената дискриминација кон Ромите.

Тешки дела против здравјето на луѓето

Лекарските грешки се чини како да се почести кај пациентите од ромската етничка заедница.

Не толку одамна јавноста беше затечена од случајот со малолетно Ромче од Прилеп што од скршеница на рака заврши со траен телесен инвалидитет... Згрозени бевме и што мртвото новороденче на Ромка од Битола завршило на буништето со медицински отпад, а поради грешка на лекар од битолската гинекологија, родилка, исто така Ромка, починала на породување. Ова се само конкретни случаи за кои правно се заложи невладината Рома С.О.С. од Прилеп, додека многу други се нижат заткулисно, далеку од институциите на правдата, која дури и да е бавно и болно задоволена, веќе нанела штета за цел живот кај инволвираните пациенти и нивните најблиски.

Во 2008 година осумгодишниот Агуш Салиоски од Прилеп по скршеница на левата рака добил соодветен третман во Одделението за ортопедија во прилепската болница, односно раката му била ставена во гипс, но иако по интервенцијата се жалел на силни болки, лекарите не биле заинтересирани, што резултирало со гангрена. Бил префрлен во детската клиника во Скопје и со цел да се спаси неговиот живот, направена му е ампутација на раката.

Случајот го презема Рома С.О.С., од каде што посочуваат дека по две години лекарот што го примил детето е осуден на условна казна затвор од три месеци и првпат во македонското судство досуден е доживотен надомест во вид на парична месечна рента од 3.000 денари и материјална отштета во висина од 60.000 евра.

Иако од здружението доставиле писмо до Лекарската комора на Република Македонија со информација за пресудата и барање за постапување согласно со етичкиот кодекс на лекарската фела, одговор не е добиле, ниту е постапено од нивна страна, велат од Рома С.О.С.

Истото здружение дало свој придонес и при разврската на случајот со Ромката-родилка од Битола, на која во 2012 година мртвото новороденче ѝ го фрлиле во медицинскиот отпад. На родителите не им било дозволено да го видат и не им биле соопштени конкретните причини за смртта на бебето.

Родителите по низа бавни и долги судски рочишта добиле парична отштета од битолската болница, но таа не може да ги надомести душевните болки на мајката, на која животот што 9 месеци го носела под градите ѝ завршил третиран како отпад.

Пред шест години 24-годишната родилка Сабина Веселова од Битола, починала од непознати причини за време на породување со царски рез на битолска Гинекологија.

Претходно не биле утврдени никакви компликации, а и редовно вршела контрола кај својот матичен гинеколог. На сопругот и роднините не им биле дадени информации што точно се случувало за време на породувањето, а од обдукцијата било утврдено дека причина за смртта бил недостиг од воздух.

Грешката ја направил лекарот-анестезиолог, кој погрешно го аплицирал тубусот, а кој години подоцна бил осуден на условна казна.

Дали овие случаи се случиле поради тоа што пациентите биле Роми, па затоа и биле несоодветно третирани – прашуваат невладините организации? Дали може да се задоволи правдата кога си оставен сам на себе?!

„Во суштина, пристапот до правдата долго време се игнорира и се одолжува, што на крајот завршува со поголемо чувство на непрaвда отколку на правда. 'Правично судење во разумен рок' е само фраза што во пракса скоро никогаш не може да се имплементира“, вели Несиме Салиоска oд Рома С.О.С.

„Во сите овие случаи поддршката од здружението беше клучна, а посебно при охрабрувањето на оштетените семејства да истраат до крај, додека соработката со адвокатите Благој Димовски и Владимир Петличковски од Битола се покажа исклучително успешна како позитивен пример за сензибилизација на правните практичари при заштита на ранливите групи граѓани“, додава Салиоска.

 

Ромките први на удар на хроничните болести

Истражувањата покажуваат дека Ромите имаат понеповолна здравствена состојба во однос на мнозинското население. Здравјето кај оваа популација се карактеризира, пред сè, со повисока стапка на појава на хронични заболувања, како и пократок животен век за 10 години од останатото население. Дури 27 % од мажите Роми и 31 % од Ромките заболуваат од хронични заболувања.

Голем дел од Ромите немаат матичен лекар, а присутен е зголемен морталитет на доенчиња.

Загрижувачки е тоа што Ромите посетуваат лекар или лекар-специјалист само при хронични заболувања, во хронична фаза.

„Во државата не постои здравствена статистика што е поделена по етничка припадност и поради тоа не постојат официјални податоци што ќе укажат на здравствената состојба на Ромите. Меѓутоа нашите истражувања и работата на терен укажуваат дека Ромите во поголема мера од другите заедници се соочуваат со бариери во пристапот до здравствената заштита. Како најистакнати бариери во пристапот можеме да ги издвоиме следните: неможност да платат за здравствените услуги и лекови, недоволната запознаеност со своите права од областа на здравствената заштита, оддалеченоста од здравствените установи, како и појавата на дискриминација во здравствените установи“, смета д-р Борјан Павловски од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

Од нивното искуство на терен посочуваат дека девојките и жените Ромки во поголем степен се соочуваат со дискриминација во здравствената заштита во споредба со мажите Роми.

Со 100 денари во џеб не се оди на лекар

Административните бариери, пред сè непознавањето на постапката како да се стане здравствен осигуреник, како и сиромаштијата, односно немањето финансии за превоз до болницата, прегледи, услуги и соодветна терапија, ги одвраќаат Ромите од помислата на превентивни прегледи.

Една од причините за неможноста да се оствари правото на здравствена заштита е немањето здравствено осигурување, а пак осигурувањето често пати е збунувачко од административен аспект за Ромите, особено за оние со понизок степен на образование.

На овој проблем посочува и младата идна докторка Сумеа Рахим, која како апсолвентка на Медицинскиот факултет редовно реализира пракса во ромските заедници. Таа смета дека на Ромите им недостига административна култура.

„Во глобала земено, болестите и пациентите немаат вера и нација. Така е и кај нас. Ги има од сите групи, од оние што премногу водат грижа за своето здравје, па сè до оние што немаат никакво елементарно познавање, па дури немаат ни здравствено осигурување. Ако се споредат бројките на вакцинираните ромски деца при крајот на 20 век и во почетокот на 21 век, може да согледаме дека порано повеќе се водело грижа за здравствената состојба на децата во ромските гетоизирани населби. Во периодот кога 90% од населението во ромските населби имало постојана работа имале и здравствено осигурување, но помодарското 'азилантство', кое почна во 90-тите години од минатиот век, донесе големи турбуленции во ромското живеење, па дури и во здравството. Многумина го загубија правото на документи, многу деца родени во странство се вратени без потполна документација, неприфатени во странство, а непријавени во Македонија, и ред други направени административни грешки доведоа до тоа луѓето да останат без здравствено осигурување во Македонија“, вели Рахим.

Бидејќи во здравствените установи од примарната заштита во ромските населби нема соодветен кадар, луѓето од ромската заедница немаат доволно финансии за да патуваат до соодветното место, а честопати е случај и лекарската фела да е недоволно флексибилна, поради што Ромите не се чувствуваат сигурно за да им се обратат.

„Земајќи предвид колку чинат медицинските испитувања, сигурно е тешко за еден невработен Ром што нема здравствено осигурување и живее во периферијата од градот да стигне до сите овие установи. Од сите овие фактори најтежок е фактот дека живеат во гето. Тие гета веќе се мали градови што ги немаат основните средства. Инаку, кога здравствениот персонал би се однесувал поразбирливо и би им давал соодветна здравствена услуга, сигурно дека тие ќе се чувствуваат посигурни да појдат на лекар“, додава Рахим.

Ромките во активизам за подобри права

Дека Ромите имаат тешкотии во здравството смета и Салија Халим, претставник на „Иницијативата на жени Ромки од Шуто Оризари“, која инаку е дел од невладината Асоцијација за здравствена едукација и истражување Хера. Иницијативата, меѓу другото, е плод на фактот што 10 години немало гинеколог во општината Шуто Оризари, во која живее доминантно ромско население.

„Ромите генерално имаат тешкотии. Најчесто е поради недоволното познавање на своите права, нивниот социоекономскиот статус, отежнатиот пристап до здравствените установи, јазичните бариери, културолошките и традиционалните сфаќања и обичаи, социјалното исклучување и сиромаштијата, како и предрасудите и стереотипите кон ромската популација“, смета Халим.

„Иницијативата на жени Ромки од Шуто Оризари“ е неформална група на активистки од ромската заедница, која врши теренски посети на жени од Шуто Оризари и од други општини каде што живее ромско население со цел да ги едуцира за правата од областа на антенаталната заштита и репродуктивното здравје и права. Нивната цел е да се унапреди репродуктивното здравје на Ромките со оглед на нивните специфични потреби како маргинализирана група во општеството, појаснуваат активистките.

Бремените Ромки редовно посетуваат гинеколог, но им се наплаќа незаконски

„Освен теренски активности и мониторинг, ние ги информираме за нивните права, одржуваме едукации и ги застапуваме интересите на локалното население пред надлежни институции. Дискриминација и натаму постои при остварувањето на здравствените права, и тоа од страна на здравствените работници. Секако, потребно е здравствениот систем да се подобри во целост и да претрпи реформи како за сите граѓани, така и за Ромите. Особено потребно е да се смени пристапот на здравствените работници кон Ромите, односно да се работи на нивна поголема сензибилизација, но и да се обезбеди поголема вклученост на самите Роми во креирањето на политиките и програмите наменети за нив на локално и национално ниво“, појаснува Салија Халим.

Нивното последното истражување, реализирано во 2018 година, покажува позитивни резултати, односно дека 97% од испитаничките посетиле матичен гинеколог во текот на последната бременост. Станува збор за невработени испитанички.

Како најчести причини за нередовната посета на гинеколог за време на бременоста се недостигот од финансиски средства и фактот што не чувствувале потреба да го посетат.

Иако бремените жени се ослободени од плаќање партиципација на сите нивоа на здравствениот систем, 80% од испитаничките се соочиле со наплата, што е противзаконски.

„И незаконската наплата од страна на матичните гинеколози е проблем што ги одвраќа Ромките да си ги остварат здравствените права. Имено, на 80% од испитаничките им била наплатена услугата ехо-преглед, иако ваквите прегледи им следуваат бесплатно. Проблем постои и со жените без лична идентификација; според последното истражување, само 40% од испитаничките го искористиле правото на бесплатни прегледи, иако според Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца, ова право им следува и на бремените жени без здравствено осигурување“, прецизира Халим.

Имајќи ги предвид незаконската наплата и проблемите на бремените жени без лична идентификација, претставничка на „Иницијативата на жени Ромки од Шуто Оризари “ учествуваше на 71-та сесија на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените при Обединетите нации (ЦЕДАВ) во Женева, Швајцарија, каде што јавно се обрати пред комесарите и ги истакна проблемите на Ромките во земјава. Комитетот ги даде своите препораки за Македонија, меѓу кои е и препораката државата да најде решение за незаконската наплата од страна на матичните гинеколози и да овозможи еднаков пристап до услуги за сексуалното и репродуктивното здравје, особено кај Ромките и лицата без документи за лична идентификација.

Релацијата лекар - пациент е нарушена кога пациентот е Ром

Нееднаквиот пристап кон пациентите или, поточно кажано, негативниот стереотипен однос што значителен дел од здравствените работници го практикуваат кон Ромите треба да се искорени. На тоа во континуитет работи невладиниот сектор.

„Како пациент, активист и вработен на проект поврзан со здравството на Ромите во Република Македонија, можам да заклучам дека постои негативен наратив кај здравствените работници кон ромската заедница. Иако, во досегашното искуство, со помош на креативни техники, средби и контакти со здравствените работници, може да се забележи дека има добра волја, особено кај помладите, за промена на негативните наративи и отвореност за овозможување еднаков пристап кон сите пациенти, сепак, сегашното искуство е поинакво, а потребата од ваков тип на проекти сè уште е неопходна“, смета Мухамед Ајваз, активист за унапредување на правата на Ромите, кој инаку е дел од невладината Хера.

„Појавата на болест кај нас како индивидуи или близок член од потесното семејство е стресна појава и го менува нормалниот тек на случувањата во тоа семејство. Замислете колку е отежнувачки кога во таква ситуација се упатувате во здравствена институција и во самиот почеток постои недоверба кај здравствените работници и пред да го кажете вашиот проблем, првото прашање е дали имате здравствено осигурување и соодветна документација, особено кога е тоа случај со Ромите, бидејќи владее негативен наратив дека се неодговорни и не си ги плаќаат обврските кон државата. Поради тоа секогаш приоритет ѝ се дава на администрацијата, бирократијата, пред човечкиот живот, што само по себе ја јакне недовербата на релацијата здравствен работник – пациент, а понатаму сериозно влијае на непосетувањето на лекар, дури и кога пациентите Роми имаат неопходна потреба од тоа“, појаснува Ајваз.

Здравствените медијатори во мисија

Речиси една деценија Министерството за здравство во соработка со граѓанскиот сектор го имплементира проектот „Ромски здравствени медијатори“, чија цел е надминување на бариерите во комуникацијата меѓу ромската популација и здравствените работници, идентификување на лицата и семејствата што немаат пристап до здравствена заштита преку посети на терен и нивно информирање за пристапот до здравствена заштита и здравствено осигурување и информирање за достапност на бесплатни здравствени услуги предвидени во превентивните и куративните програми на Министерството и унапредување на здравствениот статус на Ромите.

Но, според податоците на „Извештај во сенка - Спроведувањето на Стратегијата за Роми во Р Македонија во 2016 и 2017 година“ – документ на Центарот за економски анализи – ЦЕА и Институтот за истражување и анализи на политики – Ромалитико, бројот на здравствените медијатори за 2017-та е намален и значително изостанува од планираниот таргет за ангажирани 30 медијатори до 2020 година.

Според истиот документ, буџетските средства во Министерството за здравство за поддршка на имплементацијата на Стратегијата не се реализираат целосно веќе неколку години. Процентот на реализација е 57%, при што постои можност да се ангажираат здравствени медијатори и во другите општини со ромско население.

Невладиниот сектор ја потенцира и потребата од ангажирање ромски персонал во болниците, имајќи предвид дека голем број млади беа стипендирани од страна на Ромскиот едукативен фонд и завршија високо образование.

Сè на сè, Ромите во земјава се жртви на прикриена дискриминација при зачувувањето на сопственото здравје, која резултира со недоверба на пациентите – Роми кон медицинскиот персонал. Од една страна се соочуваат со нееднаков третман, а кога ќе тргнат по правда, од оваа причина се соочуваат со уште една болка – бавната и болна неправда. Поинаквата боја на кожата сè уште е синоним за наметнатите стереотипи во општеството и често пати значи погазување на Хипократовата заклетва. Единствено со заеднички напор и што поскоро сите заеднички можеме да посветиме на задоволување на здравствената неправда кај Ромите, која некогаш повеќе боли од самата болест!

Христина Стојановска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Вторник, Февруари 19, 2019 - 12:52

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе