Малите етнички заедници во Македонија (18)

Расте бројот на образованите Роми, во другите сфери ситуацијата е поразителна

Освен во образованието, нема значително подобрување на состојбата на Ромите во областа на здравството, домувањето и вработувањето. Неоспорен е фактот дека дел од ромската заедница сè уште живее далеку од достоинствено, односно со нееднаква стартна позиција што понатаму се отсликува во сите сфери од живеењето.

Ова е дел од најновиот Извештај во сенка за Поглавјето 23 во кој се анализираат реформите во правосудството и темелните права во земјава за периодот јуни 2018 – март 2019 година. Во него се дава прецизна слика за актуелната положба на Ромите и почитувањето на нивните права во македонското општество.

Извештајот е подготвен во рамките на проектот „Мрежа 23 – Вмрежување за влијание (NETWIT 23)“ што го имплементираат Институтот за европска политика – Скопје и Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Бидејќи секојдневниот животот на граѓаните се одвива на локално ниво, од тој аспект произлегуваат најгорливите прашања. До денешен момент постојат населби во кои поголемиот дел од жителите се Роми, каде што сѐ уште граѓаните немаат соодветен пристап до вода, асфалтиран пат, канализација, електрична енергија, неотстранување на отпад кој се акумулира со години на улиците и сите други основни работи кои се поврзани со инфраструктурата, а се од императивно значење за секојдневниот живот на една единка“, вели Исмаил Камбери, коавтор на извештајот.

Според него, напредокот се согледува во зголемувањето на бројот на Ромите со терцијално образование и во свеста за идентификување на клучните проблеми и креирањето на соодветни решенија за нив.

На локално ниво, сензибилноста за предизвиците со кои се соочуваат Ромите е зголемена кај локалните власти, но во процесот на решавање на овие проблеми не треба да се гледа низ призма дека решавањето проблеми значи дека се помага од филантропски побуди, туку тоа е обврска на државата - да ги стави во што е можно поеднаква положба сите граѓани без разлика на сите основи. Не може да е еднаков тој што не може да излезе од својата населба преку асфалтиран пат, нема редовен пристап до вода и електрична енергија со тој што живее во поурбана заедница со пристап до сите инфраструктурни, културолошки и сите останати добра. Едноставно, стартната позиција не е иста, а тоа после се отсликува во сите сфери во поглед на пристап до здравство, образование, работа, култура и така натаму.

700 Роми се без извод

Владата преку Министерството за труд и социјална политика и граѓанските организации, регистрираше околу 700 лица Роми кои не поседуваат извод од матичната книга на родени поради што не можат да имаат пристап до која било основна услуга или придобивка што се нуди од страна на државата, се наведува во Извештајот.

Премиерот Зоран Заев, на одбележувањето на денот на Ромите – 8 Април, најавил дека проблемот на овие лица ќе биде решен со законски решенија што ќе овозможат поведување на посебна управна постапка преку која граѓаните ќе можат да извадат основни документи за лична идентификација. Ромите и граѓанските здруженија кои ги застапуваат нивните права се во очекување на ова решение на вечниот проблем на Ромите-фантоми.

Само 22% од Ромите во земјава се вработени

Податоците што ги елаборира Извештајот покажуваат дека само 22% од Ромите во земјава се вработени.

Помеѓу 73 и 86% од младите Роми на возраст од 18 до 24 години не се вработени,немаат соодветни обуки и не се едуцираат.

Авторите на Извештајот констатираат дека учеството на Ромите во активните мерки за вработување е многу мало. Во 2017 година е само занемарлив 1% од вкупниот број корисници на мерките што се состојат од поддршка за самовработување, обуки, поддршка за креирање нови работни места и работно ангажирање.

Во поглед на вработеноста на Ромите во јавниот сектор, Ромите во 2017 година се застапени со само 1,3%, процент, што во 2015 година изнесувал 1,4%, со што се забележува намалување, наместо пораст на бројот на вработени во јавниот сектор. Доколку се анализира структурата на вработени по институции, 750 Роми од вкупно 1.715 Роми се вработени во јавните комунални претпријатија (43%).

Бројот на Роми што се вработени на работни места што се позиционирани повисоко во хиерархијата, односно на раководни места во институциите останува незначаен.

Бремените Ромки се најобесправени

Истражувањето спроведено од „Иницијатива на жените Ромки од Шуто Оризари“ покажува дека 40% од Ромките без здравствено осигурување платиле за лабораториски анализи во текот на бременоста и за породувањето, иако овие услуги им следуваат бесплатно.

Само 16% го искористиле правото на бесплатна фолна киселина, само 11% од бремените жени биле посетени од патронажни сестри во текот на бременоста и дури 12% од бремените жени се малолетни.

Во текот на 2017 година биле ангажирани само 10 ромски здравствени медијатори, што значително изостанува од предвидениот број од 30 медијатори до 2020 година согласно Стратегијата за Роми 2014-2020.

Позитивен е фактот што стапката на смртност кај доенчиња Роми е значително намалена. Во 2013 година оваа стапка изнесувала 11,4%, додека во 2017 година изнесува 6,5%.

Децата Роми што питачат – сериозен проблем

Според Извештајот во периодот јуни 2018 до март 2019 година вкупно 337 деца питачи се евидентирани на улица од кои само 10 не се од ромска етничка припадност. Според возрасните групи, децата питачи се бебиња што не наполниле ниту една година, па сè до деца со ненавршено полнолетство.

Ова претставува сериозен проблем првично за здравиот развој на децата, а исто така е проблем и на општеството во целина затоа што оваа состојба е мултидимензионална и поврзана со институции од различна област, а особено Министерството за внатрешни работи, за труд и социјална политика, образование и наука и здравство.

Според авторите на Извештајот потребно е конечно да се воспостави координиран пристап и механизам за комуникација помеѓу институциите за решавање на овој проблем. Овој пристап би опфатил соодветно вклучување на децата во образовниот процес, овозможување на соодветна социјална заштита за нив и за нивните родители и едукација на родителите со „меки вештини“ и нивно соодветно вклучување на пазарот на труд за овозможување на одржлива состојба за благосостојбата на нивните семејства.

Исто така, постојат индиции дека децата Роми кои просат се наведувани да просат од други групи луѓе кои организирано ги превезуваат децата да просат во различни градови низ земјата.

Ромски информативни центри со напредок

Ромските информативни центри што од март 2007 година функционираат во 12 општини како проект на Министерството за труд и социјална политика сега се сместуваат во центрите за социјални работи, наместо досегашната практика тие да бидат сместени во невладини организации или слично. Со овој потег се осигурува долгорочно системско решение за статусот на вработените во РИЦ-овите и се подобрува и олеснува пристапот на Ромите до услугите што се нудат од страна на ЦСР. Може да се констатира дека ова е и единствената позитивна забелешка за унапредувањето на положбата на Ромите.

Патот кон подобрувањето на положбата на припадниците на ромската заедница во земјава очигледно е далеку од лесен. Упатените во проблематиката упатуваат на низа препораки за реално дејствување во практика и на терен. Во извештајот наведуваат дека е потребно:

- Да се зголемат буџетските средства за имплементирање на Стратегијата на Ромите 2014-2020.

- Да се приспособат активните мерки за вработување кон капацитетите, ресурсите и потребите на припадниците на ромската заедница. Дополнително да се едуцираат граѓаните од маргинализирана категорија за придобивките и начинот за аплицирање на овие мерки.

- Да се запознаат подобро локалните самоуправи со нивните обврски што произлегуваат од Стратегијата на Ромите 2014-2020.

- Да се најде системско решение за решавање на проблемот со деца на улица. Ваквото решение треба да биде мултиструктурно и координирано помеѓу институциите од националната и од локалната власт во поглед на здравството, домувањето, вработувањето и образованието.

- Потребно е Министерството за здравство и од Фондот за здравствено осигурување конечно да го решат долгогодишниот проблем со незаконската наплата на бесплатни здравствени услуги кај матичните гинеколози и да го подобрат спроведувањето на мерките од превентивните програми наменети за жените во репродуктивниот период.

 

Христина Стојановска

Фотографија: Роберт Атанасовски

 

Со систематизирани податоци до ефективни мерки

Исмаил Камбери, еден од авторите на Извештајот во сенка за Поглавјето 23, во однос на пристапот до податоците кои се однесуваат на Ромите, вели дека институциите не водат бази на податоци на дезагрегиран начин.

Во принцип податоците се достапни ако доследно се истражат изворите од страна на имателите на информациите. Во однос на тоа дали има скриени моменти, од моето лично искуство со таква околност се немам соочено, но често пати доколку истражувате податоци за Роми, институциите не водат бази на податоци на дезагрегиран начин. Тоа значи дека не можете да ги разложите податоците кои се сувопарно презентирани како бројка во целина, односно од таквиот податок не можете да добиете точен број за пол, возраст, општина на живеење, етничка припадност на граѓаните и така натаму. Некогаш се водат вакви податоци зависно од институција до институција, но би било добра практика доколку ваквиот начин се востанови за сите институции кои се занимаваат со директните потреби на граѓаните. Ваквиот пристап значително би им помогнал на аналитичките центри во секоја институција при анализа на податоците, а што е најважно, значително би го олеснил процесот на развивање на одржливи и ефективни таргетирани мерки кон одредени категории на лица. Од друга страна, етничката припадност на граѓаните тешко може да се дезагрегира од причина што секој има право да се декларира како што се чувствува, а следствено, етничката припадност не може да биде предмет на докажување, па затоа институциите не можат да потврдат дали е некој Ром, Албанец или припадник на друга етничка заедница, но другите индикатори можат да бидат лесно проверливи“, појаснува Камбери.

Сегашниот изборен модел е причината и генераторот  на сите проблеми на општественото и политичпко уредување на Македонија.

повеќе

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе