Малите етнички заедници во Македонија (13)

Преку мешани бракови до асимилација, влашката традиција исчезнува

Со оглед на тоа дека и поголем број од Власите се припадници на православната вера, исто како и Македонците, мешаните бракови помеѓу Македонците и Власите се редовна појава и во тие бракови Власите најчесто го губат својот идентитет.

 „Се сеќавам некаде во 1958/59 година се случи првиот мешан брак и едно момче се ожени со Македонка. Дома се раскажува дека мајка му на момчето во знак на жалење си го свртела влашкиот фустан наопаку, демек си го загубила синот. Денес веќе не може да се замисли некое момче Влав да се ожени со Влаинка. Денес, може слободно да се рече, Власите од оваа гледна точка се пред прагот на асимилација“, вели Димчев.

Влашко-македонски, Македонско-влашки и Албанско-влашки речник

Власите во Македонија се доселија како резултат на еден етнички егзодус вршен врз нив во периодот 1734-1789 година. Во овој период биле уништени влашките градови: Грамоста, Никулица, Линотопи, Градиштеа, Ланка, Лунга, Грабова и Москополе, познато уште и како Ерусалим на Власите. Со доаѓањето во Македонија тие носат и дел од својата традиција и карактеристики, кои стануваат дел од нивниот идентитет, кој ги прави различни од останатите народи што живеат во Македонија. За жал, голем дел од оваа традиција исчезнува.

Константин Белемаче -Националниот трубадор на Власите кој ја напишал познатата химна на Власите "Родителски Завет"(Дим'андареа П'ринтеаск' )

Власите си имаа свој фолклор, ама тој многу малку е собран и проучуван. Власите си имаа своја облека, специфична влашка, и по неа се разликуваа насекаде каде што живееја. Власите иако немаа свештеници, си имаа свој календар и според него си живееја. Си имаа свои мерки на претпазливост и одбрана за бранење на моралните законитости: за секое застранување измислуваа и пееја песни, и со тоа се одржуваше моралот.

Се раскажуваа случаи кога неколку девојчиња се излажале и се заљубиле во момчиња Македонци, ама поради испеаните песни толку многу страдале и починале. Во својот календар Власите имаа и еден празник Агустија, на први август, кој го славеа во чест на славниот римски император Август. Во својот јазик Власите Грамостани стриктно го почитуваа правилото на она протетичко 'а', пред секој збор што почнуваше на 'р'. Па така, кога се населија во источна Македонија, Радовиш сакал-нејќел стана Ардувишти, а селото Радање, штипско, стана Арадање и др. Власите своите мртви ги откопуваа на трите години и им ги собираа коските во платнено ќесе. Ако не беа распаднати, им служеа во црквите и повторно ги закопуваа“, раскажува Димчев.

„Апостол" е книга за црковна литургија на влашки јазик што се изведува за сите христијански празници како и за свадби и погреби. Крстот е христијански знак што Власите многу го почитуваат/ле.(Старите Баби-Влаинки, на времето на челото носеле крст за да се заштитат од потурчување во времето на Османлиите

Тој вели дека жално е и тоа што техниката на правење и чување на сирењето на Власите, на ткаењето на познатите „влашки јамбојлии“, на платната за тендите, за гуњите... се губи, а со тоа Власите во Македонија го губат идентитетот.

Власите веќе подолго време немаат свој идентитет. Ако 99 проценти од браковите се мешани, ако 99 проценти од децата и младите не го зборуваат влашкиот јазик, ако никаде не се гледа млада девојка да излезе сретсело или на дуќан во својата карактеристична и, за волја на вистината, многу убава влашка носија и секој да ја препознае дека е Влаинка, ако нема ниту една музичка група што ќе свири на свадбите и прославите влашки народни песни, ако на ниедна свадба не се прави карактеристичното влашко знаме, кое не згасна ниту во тоа 'пусто турско', ниту за време бугарско и српско, па дури ни комунистите не го забранија, ако на свадбите не се прават прекрасните обичаи, тогаш за каков 'идентитет' станува збор. Не е умесно, ама ќе споменам дека пред некоја година градоначалникот на општина Центар предвидел во буџетот 6 милиони денари за стационар за кучињата-скитници, а град Скопје нема ни еден метар канцеларија за Власите? Со муабети не се одржува идентитет. Идентитетот си бара институции, ама кај нас се нема слух за тоа. Се ближи времето кога некои материјали за Власите (минато, фолклор, литература) ќе започнуваат со она сувопарно од приказните: си биле еднаш, којзнае кога... ама ако не биле, не ќе се споменувале, едни Власи“, вели Димчев.

„Библија" преведена на влашки јазик.

Во однос на опстанокот на Власите и нивниот идентитет Бабовски е далеку поголем оптимист.

Таквата можност е реална, но сепак сме опстанале со векови и мислам дека така ќе биде и во иднина. Лично мислам дека ако до сега сме го зачувале својот идентитет, не гледам причина зошто тоа не би било и во иднина, вели Бабовски.

„Москополе"-двојазична поема на влашки и македонски јазик со сонети за разурнувањето на познатото Москополе, односно ароманскиот/влашкиот Ерусалим

 

Милан Миличевиќ

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе