Малите етнички заедници во Македонија (6)

Невладиниот сектор – прва помош за достоен дом за Ромите

Иако Ромите во Македонија главно живеат во урбани средини, во градовите или на нивната периферија, сè почесто сме сведоци на глетки што ја отсликуваат суровата реалност и супстандардноста на нивниот опстанок. 

И во 21 век има Роми што живеат под покрив што прокапува од сите страни, со кеси и завеси наместо прозорци и врати, дури и без приклучок на вода, струја, што почесто е последица на нелегалните градби или, со други зборови, на неможноста Ромите поради разни облици на дискриминација да ги легализираат објектите што ги владеат и во кои со децении вложувале.

Тивка и долга борба на Ромите на достоинствен покрив над глава

Иако домувањето е елементарна животна потреба и основно човеково право, не сите семејства живеат во пристоен дом и не сите имаат правна заштита и сигурност на нивната сопственост. Доказ за тоа е приказната за тричлено ромско семејство што живее во кумановската населба Средорек. Нивната семејна куќа, поради сплет на неповолни административно-правни аспекти, е нелегална градба, поради што судбината на семејството била сведена на долгогодишно талкање низ институционалните лавиринти во потрага по документот што ќе докаже дека објектот е легален и е во нивна сопственост за да им го остават на идните поколенија.

За среќа, во борбата не се сами.

Безусловна поддршка и бесплатна правна помош добиваат од кумановското здружение „Национален ромски центар“, кое во партнерство со здружението „Симбиозис 12“ исто така од Куманово и кичевското здружение ОРМ „Бела Кула“ од почетокот на 2018-та година го реализира проектот „Поддршка за легализација на ромско домување”. Проектот се реализира во шест општини, во кои има голема застапеност на ромската етничка заедница, и тоа во Куманово, Кичево, Велес, Кочани, Штип и Прилеп.

Надлежните од проектот реално ја согледале неправдата во системот, која продуцира страв кај ромската популација од неможноста да го легализираат имотот во кој со години и децении вложувале, но исто така и желбата со „чист документ“ да им го остават на поколенијата.

„Нашето здружение е активен поддржувач и партнер на ромската заедница во процесот на легализација од 2011 година. Ова прашање беше поттикнато со донесување законско решение што овозможи во една постапка граѓаните да ги легализираат своите домови и да добијат имотен лист за објектите што ги поседуваат“, појаснува Александра Георгиевска, проектен менаџер во НРЦ.

„Граѓаните имаат повеќе проблеми со кои се соочуваат во текот на постапката, меѓу кои неинформираноста и незапознаеноста со законските процедури и правилата во постапката. Иако постапката е една, секоја куќа или објект си има своја постапка и дополнителни докази, кои треба да се приберат освен задолжителните, за да може постапката навремено и правилно да се спроведе“, додава Георгиевска.

Легализацијата на домовите кај Ромите е отежната, меѓу другото, и поради јазичната бариера меѓу нив и вработените во институциите надлежни за ова прашање.

„Не дека вработените во општините не им објаснуваат доволно, туку јазичната бариера си го прави своето. Освен барањето има и дополнителни докази за навремено и правилно да се реализира постапката околу која не може да се разберат“, вели Ирсан Јашаровски од Симбиозис 12.

Во рамките на проектот функционира тим за легализација. Се реализираат и отворени средби на граѓани со адвокати на кои се нудат бесплатни правни совети за постапката на легализација. Досега има над 300 директни корисници од ромските населби во шесте општини низ земјава, а состојбата ја следат и теренски асистенти.

Легализацијата на објектите во кои домуваат неминовно е врзана со квалитетот на живот на Ромите. Без легално живеалиште овие граѓани не може да извадат документи за лична идентификација, а исто така легализацијата е клучна за обезбедување приклучок кон електричката, водоводната и канализационата мрежа.

Жените Ромки се иницијаторки на акцијата за сопствен и долгорочен топол дом

Се чини дека има повеќе светли точки на патот на Ромите кон обезбедувањето достојно место за живеење. Веќе повеќе од една деценија Здружението за хумано домување „Хабитат Македонија“ на граѓаните со ниски приходи од овој етникум им нуди поволни кредити, поточно микрозаеми за реконструкција и реновирање на супстандардните домови.

Според податоците во речиси 90% од доделените, корисник, односно носител на заемот, а со тоа и потписник на договорот, е жена.

„Поставените критериуми за доделувањето заеми за микрокредитирање не прават разлика по однос на полот, но да – податоците покажуваат дека во речиси 90% од доделените заеми на семејства за подобрување на условите за домување, корисник, односно носител на заемот, а со тоа и потписник на договорот, е жена. Најчесто, според интерни сознанија, жените повеќе се јавуваат како баратели на заеми, и со оглед на тоа што повеќе ги исполнуваат потребните услови стануваат подобни кандидати за добивање поволен заем“, информира Лилјана Алчева, заменик-директорка во „Хабитат Македонија“.

Во рамките на нивната програма Фонд за подобар дом здружението во партнерство со микрокредитната фондација „Хоризонти“ обезбедува и бесплатни градежни и проектантски совети.

„Микрозаемите што се нудат се со максимален рок на отплата од 30 месеци. Во насока на унапредување на домувањето на оваа група граѓани, Хабитат Македонија на партнерските семејства им нуди и бесплатни градежни и проектантски совети, како и помош околу изборот на материјали и самата реконструкција. Исто така, здружението работеше и на прашањето за легализација на нелегално изградените објекти во ромски населби и на поддршка околу донесување на деталните урбанистички планови во дел од општините, како и изработка на студии за домувањето кај ромската популација“, појаснува Алчева.

„Хабитат Македонија“ во периодот од јули 2007 до декември 2018 година домувањето го потпомогнал со дистрибуција на вкупно 1.971 заем на семејства, во вкупна вредност од 3.877.400 евра со просечен износ на заем од околу 2.000 евра. Најголем дел од заемите, односно над 50%, за Ромите е дистрибуиран во Скопје.

Во однос на поволните заеми, најдобро е заинтересираните корисници да се обратат до најблиската филијала на Хоризонти. Овие заеми се наменети за население со сопствено живеалиште и ниски примања, а треба да бидат наменети за реконструкција, реновирање и поправки, доградби и други интервенции за подобрување на условите во живеалиштето.

Покрај поволниот заем, корисниците добиваат и бесплатен градежен совет од стручно лице за правилно искористување на средствата, како и препораки за приоритетни интервенции во зависност од фактичката состојба на објектот“, потенцира Алчева.

Целокупниот заклучок оди во насока на тоа дека иако државата треба да биде главниот заштитник на Ромите, и тоа не само поради механизмите со кои располага, туку и поради одговорноста и обврската што ги носи, во практиката граѓанските организации се двигател на овие процеси, директен реализатор на мисијата за заштита на човековите права, кои се најкршливи кај оваа категорија на лица, и еден вид мост на комуникацијата меѓу поединецот и институцијата.

Токму поради тоа потребна е поголема корелација и прифаќање од страна на државата на граѓанските организации, кои треба да добијат поголем простор и поголема улога во работа со ранливите групи, односно државата треба да се вклучи во стимулирање и продлабочување на оваа врска, а сè со единствена цел, заштита и инклузија на овие лица во секојдневното живеење.

Христина Стојановска

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено

Сабота, Март 16, 2019 - 07:08

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе

Денес, кандидати за политички функции се луѓето. Утре, тоа ќе го прават интелигентни машини. И, тие може и ќе победуваат, како што расте незадоволството на граѓаните од човечките политичари.

повеќе

Еден од начините на промовирање подобри меѓуетнички односи помеѓу децата е овозможување подолготраен контакт помеѓу нив што ќе овозможи создавање значајни индивидуални врски помеѓу децата.

повеќе