Малите етнички заедници во Македонија (15)

МПЦ-ОА не сака да слушне за Власите

Веднаш да кажам: ништо подобра не е состојбата и кај МПЦ-ОА, ако не е дури и полоша. Имено, МПЦ-ОА не сака да слушне да каже и да признае дека меѓу нејзините поданици/верници има и Власи и Срби и мал број на Роми христијани – т.н. кар’ци.

Јас пишувам од името на Власите. Ние Власите, како народ со посебен јазик, од страна на МПЦ-ОА немаме никаков третман и со тоа не само што не понижува и омаловажува, туку ја погазува и најосновната и најзначајна порака на Христос – секој на својот јазик да се моли на Господ. Според овој принцип тој и им наредил на апостолите да работат на терен. Поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан никогаш во своите Божиќни и Велигденски пораки не ги споменува и Власите (па и Србите и православните Роми т.н. кар’ци).

Јас колку што знам, и ИВЗ и МПЦ-ОА се обезбедија со неограничен монопол и со Законот за верските заедници и религиозните групи. Според овој закон, член 3 и 4, во рамките на една заедница не може да се формира друга заедница, или некако слично. Кој е апсурдот во двата случаи? Се зема предвид догмата, ама силно и неправедно и недемократски и нечовечки се погазува нешто многу значајно за еден народ и неговата култура – јазикот. Имено, во црквите на МПЦ-ОА се служи, во најго;ем дел, на црковно-словенски јазик, на кој јазик Македонците, па и Србите, разбираат по нешто, ама Власите не разбираат ништо. Тоа е заради основниот факт дека македонскиот јазик припаѓа во семејството на словенските јазици, а влашкиот, пак, му припаѓа на семејството латински јазици. Во овој поглед нема ама баш ништо заедничко кај овие два јазици.

За волја на вистината и во Македонија и во Бугарија и во Србија во црквите се служи на еден и ист јазик – црковен старо-словенски јазик (за уште поголема волја на вистината создаден од Власите – Светите Кирил и Методиј и други како нив, под патронат на друг еден уште поголем Влав од нив, за тоа време, Свети Фотиј Патријарх Цариградски, за да ги одделат/оттргнат Словените од погрчување). И сите три народи сакаат да се посебни, а Власите никако да не може да си имаат барем можност на Господ да му се помолат на својот убав и многу мелодичен јазик. Колку се далеку овие состојби од она што го рекол/наредил Христос? Многу, ама кој ти признава!

А Власите си имаат и друга, многу поважна историска и илјадагодишна причина, да бидат ценети и почитувани од МПЦ-ОА. Имено, позната работа е дека големиот византиски цар Василиј Втори, Влав, во 1018 година издаде Златна була со која на местото од Охридската патријаршија, претходно основана од Самоил, ја основаше Охридската Архиепископија за сите Бугари од Византија, со големата добродетел да ги оттргне од погрчување од Цариград. Истиот добродушен Влав и цар на Византија, Василиј Втори, во 1020 година издаде друга Златна Була (да се види книгата на Иван Снегаров, „Охридската Архиепископија од основањето до 1767 г., во два тома, б. м.), според која под јурисдикција на Охридската Архиепископија ги стави „и сите Власи од цела Бугарија”. Значи, и тогаш имало Бугари и Власи. Со таа разлика што тогашните добри Бугари прифатиле да бидат браќа со Власите и црковно заеднички да се раководат и да опстојуваат, ама со текот на времето Власите си останаа пак Власи, ама некои од тие Бугари станаа Македонци и, еве, да види Господ во последните 50-тина години не сакаат да слушнат и да ги почитуваат истите тие некогашни Власи со кои беа браќа. Нас не боли и фактот дека во 2020 година, односно догодина, се навршуваат рамно 1.000 години од стекнатото право на Власите на своја Охридска Архиепископија, ама ние ќе немаме право да влаземе во црквите на МПЦ-ОА, да имаме служба на својот јазик и да го одбележиме овој голем и златен јубилеј.

Кој е овде апсурдот и зошто тој е многукратно поголем и поболен за нас Власите? Апсурдот лежи во фактот дека Собранието го донесе Уставот, според кој и ние Власите сме признати за малцинство и ни се дадоа некои права, со што и Република Македонија може и навистина да се смета за демократска земја, која на хартија ги почитува светските и европските стандарди за демократија и човекови права.

Меѓутоа, овде, во оваа држава се направи една катастрофална и незамислива грешка. Истото тоа Собрание, кое го изгласа Уставот, на друга седница изгласа Закон за верските заедници и религиозните групи, според кој Закон, член 3 – 4, ние Власите не можеме и стриктно ни се забранува да се организираме по верска основа. Нелогично, ама човечки е да си го поставиме прашањето: во оваа држава Уставот ли е најголем закон или Законот за верските заедници и религиозните групи??

Јас ќе речам дека овде е најважна нечовештината. Оставам секој кој ќе го прочита овој напис,  да суди според тоа како му сече умот…

            Димо Н. Димчев, основач и прв уредник на редакцијата за емисии на влашки јазик на Македонската радио-телевизија

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе