Малите етнички заедници во Македонија (2)

Фатма Аземовска: Дискриминацијата ме направи посилна

Фатма Бајрам-Аземовска е првиот магистрант по библиотекарство во земјава. По студиите на Филозофскиот факултет – Институт за педагогија магистрирала на отсекот библиотекарство, а денес веќе девет години наученото го реализира во практика, работејќи во битолската универзитетска библиотека „Климент Охридски“. Паралелно, Бајрам Аземовска е претседателка на здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“.

За своето исклучително остварување во областа на човековите права во 2008 година доби награда од американската амбасада во Република Македонија, а исто така е добитничка и на наградата „13 Ноември“ од град Скопје за 2013 година.

Приватно Фатма е горда мајка на две деца и посветена сопруга. Таа вели дека поради ромската етничка припадност, за жал секојдневно се соочува со дискриминација, но токму тоа ја прави посилна. Децата ги воспитува во отворен космополитски профил, а за целосна интеграција на Ромите во македонското општество смета дека клучно е образованието.

Во интервјуто за МКД.мк Бајрам Аземовска појаснува зошто денешните генерации припадници на ромската заедница драстично се разликуваат во позитивна смисла од оние пред две или три децении.

Една од главните поенти што сака да ги упати е дека сите ние во Македонија ја делиме истата реалност и посакуваме исти нешта без оглед на етничката припадност.

Вие сте првиот магистрант по библиотекарство во земјава. Што беше пресудно да се одлучите за оваа образовно-професионална определба?

- Библиотеките за мене претставуваат слобода. Слобода да се чита, слобода на идеи, слобода на комуникација. Тие се за образование, за забава, безбедни простории и место за пристап до информации. Се грижам дека во 21 век луѓето погрешно ја разбираат целта на библиотеките. Ако сметате дека библиотеката е полица со книги, тоа може да изгледа старовремски и застарено во свет во кој повеќето, но не сите печатени книги, постојат дигитално. Тоа е фундаментална грешка. Токму поради ова размислување се запишав на Педагошки факултет – Скопје на Институтот по библиотекарство.

Како течеа вашите додипломски и магистерски студии?

- Одличнo, јас сум отворена и комуникативна личност, јас немам проблеми со комуникацијата, позитивна, секогаш имам време за убави луѓе со убави мисли. На време ги завршив студиите. Одличните контакти сѐ уште ги одржувам со прекрасните професори и колеги од Институтот. Мене вратите на професорите секогаш ми беа отворени, дури и за кафе (малку да се насмееме).

Со добар и соодветен распоред верувам дека може секаде да се стигне. Магистерски студии запишав, сега сум мажена и имам две деца, меѓутоа семејството и работните задачи не ми беа обврски, па можев да бидам редовна на студиите и навреме да ги завршам.

Денес работите во Битолската библиотека. Какво е Вашето искуство?

- Веќе 9 години работам во Битолската библиотека и многу сум задоволна од работата, имам голема поддршка од директорот на установата, како и од колегите. Ме радува фактот што сѐ повеќе деца стануваат наши читатели благодарение на иновативните проекти што ги внесуваме во битолската библиотека и со поддршка на Министерството за култура за првпат сме во Еразмус проект, што многу ни значи.

Дали во текот на образованието, а подоцна и работата сте се соочиле со дискриминација врз основа на етничка припадност?

- За жал, секојдневно се соочуваме со тоа. Меѓутоа тоа ме прави да бидам појака, не дозволувам да влијаат на мене, на моите деца и на семејството. Децата ги учам да бидат отворени кон светот, полесно да ги прифаќаат промените и да се адаптираат на нив како и јас. Затоа и често патуваме во странство, за да имаат широк поглед на работите.

Дали можеби етничката припадност Ви била дополнителен мотив да успеете да стекнете повисока титула со цел да го срушите стереотипот за жените Ромки?

- Искрено, не сум оптоварена со тоа. Единствен критериум ми е квалитетот, да научам нешто ново и да можам некаде да го спроведам. Инаку секако дека влијаам на младите да ме следат, јас сум „рома модел“ и сакаат да се идентификуваат со мене, што искрено ме радува. Затоа и ги мотивирам младите студенти да продолжат со образованието. Годините не се мерило за образованието, кога сакаме и имаме желба, тогаш сè се постигнува. Ние жените мораме постојано да се надоградуваме, да учиме, да посетуваме семинари, тренинзи... мора да сме во тек со светот.

Бидејќи Вашата струка е библиотекарството, претпоставувам дека сте вљубена во пишаниот збор. Колку и што читате? Кои книги Ви се омилени?

- Што читам во моментот зависи од расположението. Морам да си признам, по стручните испити, сега читам белетристика и мотивациски книги. Сакам да го читам Коста Петров и Ана Бунтеска, уживам во нивните дела. Инаку секој ден одвојувам од моето време да прочитам стручна литература.

Каква е културата на читање меѓу припадниците на ромскиот етникум?

- Еднаш го прашале Алберт Ајнштајн како децата да ги направиме интелигентни. Неговиот одговор бил едноставен и мудар: „Ако сакате вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате да бидат уште поинтелигентни, читајте им уште повеќе бајки“. Тој ја сфатил вредноста на читањето и на замислувањето. Се надевам дека на нашите деца можеме да им дадеме свет во кој ќе читаат и ќе бидат читани, ќе мечтаат и ќе разбираат. Мораме да најдеме иновативни проекти да допреме до најмладите читатели за да бидат редовни посетители во храмот на книгите – библиотеките.

Активна сте и во невладиниот сектор, поточно како претседателка на здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“. Која е Вашата цел за ангажирање во делот за унапредување на правата на Ромите како маргинализирана група во македонското општество?

- „Сумнал“ е организација што настана како резултат на ентузијазмот на група млади луѓе што не сакаа да ја прифатат суровата реалност во која живее ромската заедница во Република Македонија. Во почетокот водени од високата мотивираност, мораше да ги зајакнеме сопствените капацитети, да привршиме со студиите за да може да му се посветиме на развојот на ромската заедница со сопствените потенцијали, но комуницираме и со факторите на надворешната средина на нашето непосредно опкружување и предмет на работа. Што значи тоа? Тоа значи дека нашите проекти произлегуваат од потребата на заедницата и се спроведуваат во соработка со институциите на системот како дел од стратегиите и развојните програми на национално ниво.

Освен успешна деловна жена, Вие сте и горда мајка и посветена сопруга. Како го одржувате балансот за делотворност на двете полиња?

- Сопруга сум и мајка сум им на осумгодишната Леона и на четиригодишниот Даријан. Мајчинството ме измени многу бидејќи во очите и насмевката на Леона и Даријан и на сопругот Нешат ја пронајдов смислата на постоењето и тајната на животот. Семејството ми е на прво место и од него црпам енергија за сите други мои активности и професионални обврски.

Како ги воспитувате децата во однос на другите етникуми? Која е најважната животна лекција што сакате да им ја пренесете?

- Се вложувам максимално како мајка во воспитанието и образованието на моите деца и ја поттикнувам нивната креативност и секогаш да бидат отворени за нови погледи кон светот. Тоа се прави со читање многу книги што ја поттикнуваат фантазијата, а многу често и моите деца се вклучени во активности од проектите на кои работам.

Врз жените Ромки честопати, особено во помалите рурални средини, се рефлектира стереотипот дека се необразовани, неедуцирани, домаќинки и повеќедетни мајки. Дали во денешно време полека се руши овој стереотип? Каков е Вашиот став - каде е Македонија во поглед на перцепцијата на Ромката во современото општество?

- Новите генерации припадници на ромската заедница драстично се разликуваат во позитивна смисла од оние пред 20 или 30 години врз основа на кој се темелат ставовите на пошироката јавност и перцепцијата на Ромите во Македонија. Веројатно ќе треба да поминат уште 20 години, па јавноста да сфати дека ромската заедница во земјава како и сите други го следи трендот на современото живеење и дава свој придонес во развојот на современото македонско општество.

Во минатото раното стапување во брак беше поврзано со пократкиот век на живеење на припадниците на ромската заедница поради традиционалниот начин на живеење и лошите социјално-економски услови.

Сегашните генерации имаат многу поголем пристап до образованието, покрај основното, и средното образование е задолжително, што условува поинакво планирање на иднината и ставање на економскиот момент на прво место. Она што е тренд кај младите Роми по стекнувањето на полнолетството и завршувањето на средното образование е барањето брачни сопатници во странство, претежно во европските земји. 

Кој е Вашиот најголем придонес даден за ова наше општество?

- Децата како волонтери преку неформалното образование стекнаа вештини што им значат многу во однос на јакнење на нивната самодоверба, борба против пороците, комуникациските вештини и пронаоѓањето начини на изразување на нивната креативност.

Еве и малку бројки - стотина описменети деца и мајки, зголемен број деца во нашите програми за рано учење и подучување на деца на возраст од 3 до 6 години, подготвени деца за посета на основно училиште, еднаков старт на ромските деца со другите деца, го зголемивме успехот на децата во училиште, го намаливме осипувањето кај децата во основното училиште, зголемен е бројот на средношколците, зголемен е бројот на едуцираните мајки и татковци и уште многу резултати.

Нашата примарна цел беше да инвестираме во образованието на новите генерации кои надоаѓаат бидејќи тоа значи инвестиција во иднината која најмногу се исплаќа. Се разбира, без неопходната институционална и финансиска поддршка од нашите пријатели поддржувачи и донатори сѐ е многу тешко, посебно од општините Чаир и Битола, кои секогаш ни ја даваат својата поддршка.

Сите овие резултати и добиената награда од американската амбасада во Република Македонија и од град Скопје се мотив да продолжам понатаму со повеќе елан, нови активности и предизвици.

Иако студиите ги завршивте со оценка 10, имате титула на прв магистрант по библиотекарство во земјава и имате огромно искуство, па сепак велите најважна е човечноста. Кому попрво би му помогнале, на Ром, на Албанец или на Македонец?

- На сите на кои можам им помагам. Воопшто не ми е важна етничката припадност, важна ми е човечноста, тоа за мене претставува богатство. Важно ми кога ќе седнам со луѓето да имаме различни теми, да не ме отрујат со политики и бегам од луѓе со лоша енергија и мисла.

Според Вас што треба да направат припадниците на ромската заедница за да се изборат за подобро и поправично место под сонцето? Дали всушност Ромите се самодеструктивни или пак системот е неосновано нефер и некоректен кон нив?

- Мојот личен став е дека е потребно уште многу вложување во ромската заедница до постигнување на задоволително ниво на развој. Особено е важно инвестирањето во човечки капитал, млади Роми што ќе работат за развој на заедницата.

Вложувајте во образованието на вашите деца ако сакате да се интегрираат во општеството. Само преку образованието можеме да направиме интегрални промени.

Што ви дава сила да се движите напред во време кога се случува вистинска ерозија на позитивните вредности во општеството под влијание на политичката клима?

- Сметам дека сум комплетна изградена личност и можам да разликувам што е добро, што е лошо, не дозволувам никој да изврши влијание врз мене. Професионализмот и стручноста се водечки принципи.

Кои социјални проблеми Ви се најголем предизвик за поотворено и похумано општество?

- Квалитетот на образованието во секоја смисла на зборот!

Дали живееме во машки свет?

- Џејмс Браун пее, „Ова е машки свет, но тој не би бил ништо без жена или девојка“. Јас не сакам жените на 21 век да бидат необразовани и третирани како сексуални објекти, домаќинки, жени што само ќе раѓаат и ќе бидат тепани и малтретирани – дадени ни се права и треба да ги искористиме да бидеме што сакаме. Кога некој маж ќе помисли дека може да ве третира како крпа само бидејќи Господ го направил маж, затворете му ја устата бидејќи можете. Само со такво однесување ќе стоиме рамноправно со мажите во овој „машки свет“. Ромите се мирен народ, над 80 отсто живеат во свои куќи, плаќаат сметки, плаќаат данок, сакаат да се образуваат, младите да шетаат, да работат, да чекорат напред и да се интегрираат во македонското општество и дават придонес. Сите ние во Македонија ја делиме истата реалност и посакуваме исти нешта.

Христина Стојановска

Фото: Димитар Петковски

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе