Малите етнички заедници во Македонија (20)

Египќаните за првпат се споменуваат во весникот „Македонија“

Заедницата на балканските Египќани денес за жал се соочува со дискриминација и општествена исклученост и има потешкотии во остварување на своите права.

Египќаните на Балканот се дојдени како колонисти да ископуваат и експлоатираат метали во 13 век п.н.е. Припаѓаат на семејството на семитско-хамити народи, а зборувале на староегипетски јазик, кој денес е изгубен. За колонизацијата на Египќани на Балканот има сведоштва речиси кај сите антички автори, но и богато археолошко наследство. За време на преродбеништвото во 19. век. Египќаните за прв пат се спомнуваат во весникот „Македонија“ што излегувал во Цариград во 1867 година, а текстот е пишуван од еден Египќанец од Прилеп. Денес се претпоставува дека на Балканот живеат околу еден милион  Египќани, најмногу ги има во Грција, Албанија, Косово, Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но ги има во Турција и Бугарија.

Заедницата на балканските Египќани денес за жал се соочува со дискриминација и општествена исклученост и има потешкотии во остварување на своите права во однос на останатите граѓани, во делот на ефективното учество во јавниот живот, промовирање на културните вредности пред пошироката јавност како и заштита и развој на својата култура и традиции.

Денес заедницата на балканските Египќани во Македонија во групата со други заедници што не се споменуваат во преамбулата на Уставот на Р. Северна Македонија, како што се Црногорците, Хрватите, Словенците, Ерменците, Русите, Украинците, Унгарците, Пољаците, не ги уживаат истите права како и тие заедници што се споменуваат во преамбулата. Спо­ме­ну­ва­ње­то или поточно, неспоменувањето на „деловите од на­ро­ди“ или „заедниците“ во преамбулата на Уставот, покрај другото генерира дискриминација по етничка основа во уживањето на граѓанските и малцинските права на припадниците на заедниците кои живеат на те­ри­то­ри­ја­та и се државјани на Република Северна Македонија.

Припадниците на заедниците што не се споменуваат во преамбулата на Уставот се исклучени од повеќето права што ги уживаат припадниците на заедниците што се споменуваат во преамбулата на Уставот. Меѓутоа, со ниту еден член во нормативниот дел на Уставот (освен во одредбите за Комитетот за односи меѓу заедниците, член 78 од Уставот), не се ограничува правото на т.н. „другите“ заедници од преамбулата на Уставот да учествуваат во јавниот живот, како и да го сочуваат својот културен, јазичен религиозен и друг идентитет.

Напротив, Уставот е високо либерален и јасно ги афирмира етничкиот, културниот и друг диверзитет на граѓаните.

Сметаме дека мултикултурализмот и интер-културниот дијалог, се вредностите по кои треба да се водиме, и врз овие вредности треба да го градиме нашето општество кое ќе се базира на почитување на сите различности и сите граѓани, без разлика на својата припадност и определба по која било која основа треба да имаат исти права и еднакви можности.

Здружени во Мрежата за мултикултурно општество со другите 9 заедници кои се водат како „други“ во Република Северна Македонија, досега сме идентификувале неколку активности што во иднина би требало да се преземат за да се подобри состојбата:

  1. Донесување на уставен закон за почитување на правата што се предвидени со Уставот на Р. Северна Македонија на сите заедници, при што би се потенцирало дека сите заедници се еднакви без разлика дали се или не се споменати во преамбулата на Уставот.
  2. Проширување на составот на Комитетот за односи меѓу заедниците за уште 3 члена, со што би се опфатиле со свои претставници и заедниците што не се споменуваат во преамбулата на Уставот. Овие членови би се грижеле и би ги застапувале сите други заедници со ротирачки мандат.
  3. Припадниците на заедниците кои не се споменуваат во Пре­ам­бу­ла­та на Уставот да не бидат дискриминирани во објавувањето на резултатите од претстојниот попис на населението, до­ма­ќин­ста­ва­та и становите, т.е. и за нив да бидат објавени резултатите поединечно за секоја заедница, како и да не бидат дискриминирани при вработувањата во јавната администрација.
  4. Дополнување на Законот за празници со вметнување како неработни денови за претставниците за соодветните т.н. „други“ заедници, на нивните национални или етнички празници.
  5. Државата да испрати информација до Се­кре­та­ри­ја­тот за спроведување на Рамковната конвенција за заштита на на­ци­о­нал­ни­те малцинства при Советот на Европа дека го проширува опфатот на лицата кои се под заштита на Рамковната конвенција, и тоа со припадниците на: балканските Египќани, Црногорците, Хрватите, Словенците, Русите, Украинците, Ерменците, Полјаците, Унгарците и други заедници кои ќе искажат интерес за тоа, а што всушност и во повеќе наврати се бара од Р. Северна Македонија, тоа да го направи во извештаите на Советодавниот комитет на РКЗНМ при Советот на Европа.
  6. Јавниот сервис да почне со емитување редовни мултикултурни програми на јавните медиумски сервиси, со кои ќе го негува етничкиот, културниот, религиозниот или јазичниот идентитет и за оние кои се третираат како „други“ заедници.
  7. Министерството за образование во наставните програми за основно и средно образование да внесе мултикултурно и интер-културно образование, со што учениците на соодветен начин ќе бидат запознаени со етничкиот, културниот, религиозниот и јазичниот диверзитет на Република Северна Македонија, вклучувајќи ги и тие што не споменувани во преамбулата на Уставот.
  8. Новото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците во своите програми, акциски планови и други дејности да не ги дискриминира припадниците на „другите“ заедници.
  9. Агенцијата за заштита на заедниците да вработи и припадници на заедниците кои не се споменуваат во преамбулата на Уставот.

Во блиска иднина се надеваме дека заедно со институциите на Република Северна Македонија ќе отвориме поширок дијалог за соработка каде заедно ќе ги решаваме проблемите со кои се соочуваат претставниците на заедницата на балканските Египќани, но и на сите заедници кои поединечно не се именуваат во преамбулата на Уставот, и ќе креираме едно современо општество, каде сите граѓани ќе бидат еднакви по правата и подеднакво ќе ги уживаат правата кои се согласно Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Рубин Земон, пратеник

 

ЕУ, свесна за демократскиот дефицит на земјите од Западниот Балкан (но и останатите, претежно економски проблеми), како да тежнее кон формирање блиски, но и специфични односи со овој регион, без полноправно членство.

повеќе

Нарушени се човековите права и слободи, нема владеење на правото и правосудството, кои треба да бидат основа на процесот.

повеќе

Поентата на глобализмот е максимално економско вмрежување во десетици економски сојузи на секоја држава.

повеќе