Малите етнички заедници во Македонија (19)

Египќаните упорно бараат да бидат дел од преамбулата на македонскиот Устав

Кога пред четириесетина години неколку македонски граѓани рекоа дека се Египќани, дека не се Роми, Албанци ниту Турци..., дека имаат свој посебен идентитет и дека е време оваа држава да почне да се грижи и за нив, реакцијата беше - од каде па сега ова? Но тие формираа здружение и, упорни во својата мисија, влегоа во онаа приказна за борба за човекови права, за малцински права, за грижа од државата. Денеска, еден од нив веќе е пратеник во македонското Собрание, каде што наскоро треба да се донесе и закон во кој и Египќаните ќе добијат свој национален празник.

На Балканот живеат еден милион Египќани, тврдат претставници на нивните граѓански здруженија во Македонија. И Грција, Албанија, Косово, Македонија, Србија, Црна Гора, Бугарија и Босна и Херцеговина Египќаните ги поистоветуваат со Ромите. Но, велат тие, тоа не е така, ќе продолжиме да се бориме со тие стереотипи и со дискриминацијата.

Oд бројните средби на Египќаните во Македонија

Египќаните на Балканот се дојдени како колонисти да ископуваат и експлоатираат метали во 13 век п.н.е. Припаѓаат на семејството на семитско-хамити народи, а зборувале на староегипетски јазик, кој денес е изгубен.

Пратеникот Рубин Земон е етнолог што вели дека во науката веќе се расчисти прашањето за етногенезата и доаѓањето на Египќаните на Балканот. „Собравме богат фонд од историски, археолошки, етнолошки податоци, дека не се работи за група која паднала од некаде, туку сме етничка заедница, која постоела уште од античко време на овој балкански простор“, вели Земон.

Тој, заедно со неговиот татко Назми Арифи, стрико му Усни Земоски, денеска веќе покојни, пред 25 години во Охрид го формирал Здружението на Египќани во Македонија. „Нѐ гледаа со потсмев и не веруваа дека ќе го изодиме својот пат“. Нивното главно барање од самиот почеток е внесување на Египќаните во преамбулата на македонскиот Устав.

Рубин Земон, пратеник

И покрај тоа што во Уставот постои нормата дека за сите заедници имаат соодветна и правична застапеност, оние што не се запишани во преамбулата (Египќани, Полјаци, Руси, Ерменци, Бугари, Хрвати, Унгарци...) сметаат дека таа заштита не се практикува за нив. „За жал, Македонија се претвора сѐ повеќе во бикултура, биетницизам, а не мултикултурна и мултиетничка заедница“ вели Земон. Оваа забелешка на Земон е дел и од минатогодишниот извештај на Европската комисија за Македонија.

Во Косово, на пример, Египќаните се дел од Уставот и имаат едно резервирано место во косовскиот парламент. Србија одвојува средства за египќанската заедница, а слично е и во Црна Гора. Во Албанија прифатена е стратегијата за социјална инклузија на Египќаните во Албанија. Бројката во Грција не е позната, иако некои претпоставки се дека тука живеат половина милион Египќани, велат претставници на здруженијата на Египќаните од Македонија. Во Грција и натаму не е можно да се зборува за диверзитетно етничко општество.

Бројот на Египќаните во Македонија е околу 25.000. Мислам дека само со бројки не се заштитуваат правата и муликултурализмот, вели Земон.

Најголема навреда за Египќаните е ако им се каже дека се Роми. Тие се уверени дека приближувањето на регионот кон Европа ќе им донесе поубав живот и остварување на колективните демократски права.

Демир Далип

Ние бараме да се донесат системски закони што ќе го подобрат статусот на Египќаните во Македонија. Најдобар показател за тоа каков е статусот на Египќаните во Македонија е тоа што во државната администрација нема ниту еден деклариран Египќанец, согласно со содржината, духот и одредбите од Охридскиот рамковен договор. Претставниците на најголемите политички субјекти и натаму не пројавуваат интерес за споменување на Египќаните во уставната преамбула. Токму тоа е и извор за маргинализација, дискриминација и институционална неинтеграција на Египќаните. Имаме грубо кршење на основните човекови права и слободи, а согласно со горенаведеното и грубо кршење на Уставот, како и на ратификуваните меѓународни договори од областа на основните човекови права и слободи, бидејќи не се почитуваат. Државата во најмала рака треба да го преферира моделот на позитивна дискриминација за да ја ублажи и онака тешката позиционираност на етничката заедница на Египќаните, да донесе програма за нивно вработување и стимулирање на учениците и студенти Египќани преку стипендии...“, вели Демир Далип, претседател на неформалната граѓанска иницијатива Коалиција на Египќаните.

Нивната борба засега се сведува на барањата за нивно набројување како посебна етничка заедница во македонскиот Устав, а не во делот „други“, водење грижа за рамноправноста при вработувањата во државната администрација, јавниот сервис да почне со емитување редовни мултикултурни програми на јавните медиумски сервиси...

Прифатеното дополнување на Законот за празници со вметнување како неработен ден за претставниците на Египќаните да биде и 24 јуни, меѓународниот ден на балканските Египќани (на 24 јуни 1990 година во Охрид се одржа првото Собрание на Сојузот на балканските Египќани), е голем чекор напред во нивната борба.

А.Д.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе