Малите етнички заедници во Македонија (10)

ДПС: Српскиот народ е под сериозни навреди и закани во Македонија

Во време на брзи светски промени, од една политичка партија се очекува да има визија и да биде патоказ. Природата на ситуацијата во која се наоѓаме не дозволува потпирање на формално убаво напишани или готови инстант програми. Со овој став првиот човек на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, ги покани медиумите на редовниот шести Конгрес на партијата кој се одржа минатиот месец во Скопје. Но, медиумите, ниту провладините, ниту опозициските, уште помалку оние кои се декларираат како независни, не се појавија и не известија за конгресот на партијата.

„Медумската слобода во Македонија е заробена!“ – смета Стоилковиќ поткрепувајќи го овој став со, според него, неадекватното медиумско известување за протестите во Белград што се случи речиси истовремено со одржувањето на Конгресот.

„Мегафоните на власта мора да водат сметка нивното известување да не претставува навреда за српскиот народ во Македонија и секако српската држава иако Србија повеќепати покажа дека е сериозен и верен партнер на Македонија. Ги паметиме и забележуваме секоја антисрпска постапка и секое однесување, не за другите, туку за себе и сопственото ментално здравје и тоа секогаш ќе го искористиме за да потсетиме кој на која страна бил и зошто бил таму“, вели Стоилковиќ.

Што се однесува до неприсуството на медиумите на Конгресот Стоилковиќ смета дека политичката платформа на Демократската партија на Србите во Македонија, кои се уставотворен народ, а партијата е еден од позначајните фактори на домашната политичка сцена, би требало да биде прашање од поширок јавен интерес. Медиумите не се одважија на поканата, иако на Конгресот свое обраќање имаше и кандидатката за претседател на државата Гордана Силјановска Давкова.

На конгресот Стоилковиќ го осуди мешањето на државните власти во секаков вид на организирање на Србите како етничка заедница во Македонија што особено е изразено во последните неколку години.

„Што се однесува до судбината на српскиот народ во Македонија, тоа ќе зависи од способноста да се одредат основни начела на националната политика и да воспостави национално единство за нејзино остварување што е многу тешко затоа што не се работи само за нашите меѓусебни разлики туку и за директно крајно вулгарно мешање на државните власти во политичкото и секакво друго организирање на Србите со цел да се преземе директна контрола врз српските организации и асоцијации“, потенцираше Стоилковиќ во своето обраќање на Конгресот.

Лидерот на партијата смета дека тука во Македонија не постои народ, ниту партија, ни кој било лидер кои биле изложени на така агресивна и негативна пропаганда со реални закани со правно и физично насилство и со сите последици кои ги подразбира тоа.

„Во два наврата физички е нападната Демократската партија на Србите во Македонија и тоа беше најсериозен атак кон една политика органзиација во Македонија, особено бидејќи се работи за една малцинска национална заедница. Упадите во нашите простории, конретно во централата во Скопје минатата 2018-та и во просториите во Куманово во 2017-та година се уште не се расветлени, ниту сторителите се фатени. Се е тоа со цел да се намали нашето влијание на терен и на политичката сцена“, рече Стоилковиќ.

За ова виновна е актуелната политичка гарнитура и албанското малцинство кои секогаш се „на пиедестал“.

„Србите се чувствуваат запоставено во последните неколку години. Апсурдот на политичкото дејствување се согледува во тоа што македонскиот политички фактор и албанскиот, како малцинство, се рамноправни на политичката сцена. За другите малцинства нема место и се запоставени. Кога албаските партии диригираат веќе се чувствува дека другите етнички заедници се помалку важни иако се дел од Уставот“, констатира Стоилковиќ во изјава за МКД.мк.

Што се однесува до известувањето на медиумите за упадот на група опозициски демонстранти во зградата на РТС во Белград која се случи кон средината на март, според Стоилковиќ тоа е сериозна навреда за српскиот народ во Македонија.

„Истовремено има протести во Албанија, во Црна Гора и Косово, но малубројните демонстрации во Белград беа ударна вест во повеќето македонски медиуми. По што се разликуваат другите соседи на земјава од Србите. Факт е дека овој настан од соседен Белград не беше адекватно третиран од медиумите“, рече тој.

„Како може да ја величат тезата дека насилниот упад во РТС е демократски чин, а за влезот во македонското собрание кој се случи на 27 април 2017 да тврдат дека е тероризам. Провидна и плитка антисрпска игранка“, стоеше во соопштението од Демократската партија на Србите во Македонија.

Агенцијата за остварување на правата на заедниците

Дали со новиот закон за формирање на Министерство за политички систем и односи со заедниците, кој беше изгласан во Собранието кое треба да го замени Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, Агенцијата за остварување на правата на заедниците ќе стане посебно одделение? Зошто Агенцијата која е самостојно тело формирано на иницијатива на лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија, Стоилковиќ, во 2007-та година и чие формирање во Извештајот на ЕУ пред една деценија беше нотирано како посебен успех во унапредувањето на правата на малцинствата сега ќе згасне? Овие прашања ги наметна Стоилковиќ, а околу истите негодуваат и другите етнички заедници во земјава.

„Агенцијата мора да биде самостојна и финансиски потпомогната ако сакаме почитување на правата на малцинствата. Иницијатор на нејзино формирање бев јас во 2007-та година кога бевме дел од тогашната опозиција, а истата беше на некој начин решение за унапредување на правата на помалите етнички заедници во земјава“, вели Стоилковиќ.

„Свесни сме за ситуацијата и актуелните случувања на нашата политичка сцена и затоа мораме да бидеме крајно внимателни, практично прилагодливи и секогаш свесни.

Ни претстојат немирни времиња и сериозни случувања. Ова го кажувам смирено бидејќи се надевам дека конечно сите станавме свесни дека црните предвидувања станаа реалност. Стариот меѓународен поредок се менува со нов, во кој се редефинира не само идеологијата и поредокот, туку и самиот концепт на државата.

Веројатно конечно свативме дека сме малку за поделби и дека само сложно, со мудра и одлучна политика можеме да одговориме на предизвиците на новото време имајќи во предвид кој ја креира нашата судбина, ја менува нашата историја и во крајна линија буквално одлучува за нашите животи“, порачува Стоилковиќ.

Христина Стојановска

Фото: Роберт Атанасовски

 

Напредокот и оптимизмот што ги обележаа децениите по 2. Светска војна се гледаа во создавањето на средната класа, составена од луѓе што, иако родени во куќи со земјени подови, завршија со факултетски дипломи и добри работни места во големите градови. Поседуваа автомобили и викендички, летуваа на море и патуваа во странство без визи.

повеќе

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе