Малите етнички заедници во Македонија (1)

Академската титула сѐ уште табу тема меѓу жените Ромки

Девојките и жените од ромската етничка заедница од државата добија поволни услови за образование и учество на пазарот на труд. Но бројките засега го покажуваат спротивното. Порасна бројот на Ромките со средно образование, но факултетот сѐ уште се чини е „табу тема“ во ромската заедница. Сепак, состојбата не е толку црна како пред неколку децении, кога во однос на образованието Ромките беа синоним за неписменост.

На што се должи малиот број дипломирани Ромки во последните неколку години, кога државата доделува и над 100 студентски стипендии во една академска година со цел преку образованието Ромите целосно да се интегрираат во општеството.

24-годишната Сибел Бајрам од Скопје е една од ретките млади Ромки во македoнското општество со високо образование. Добитничка е на Националната награда за волонтерство на Република Македонија за 2015 година за своите волонтерски ангажмани, кои се од голема помош за ромската заедница.

Но таа не запре тука. Во моментов, и покрај тоа што работи како наставничка по англиски јазик во основното училиште „26 Јули“ во скопската општина Шуто Оризари, своето образование го надоградува со магистерски студии на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања на одделот Менаџмент за човечки ресурси.

Сибел Бајрам од Скопје е една од ретките млади Ромки во македoнското општество со високо образование

Бајрам е позитивен пример за младите Ромки, меѓу кои и за нејзината помала сестра Семра, која исто така студира. За овие образовни достигнувања, спротивни на длабоко закоравената традиција во ромскoто семејство и широко распространетиот стереотип во кој улогата на Ромката се рефлектира единствено во домаќинството, младата Сибел голема поддршка добива од семејството и од својата ромска заедница.

Сибел е една од ретките! Не секоја девојка од ромската етничка заедница ја има оваа поволна стартна позиција и поддршка во континуитет.


Основно, можеби средно, а за понатаму...

Според податоците на Државниот завод за статистика, на крајот на учебната 2016/2017 во основните училишта низ целата земја имало 9.328 ученици Роми, од кои речиси половина или вкупно 4.548 девојчиња. Поразителен е фактот што кога станува збор за продолжение на образованието. Ромите се соочуваат со автостигмата дека не им е потребно ништо повеќе од „осум или девет одделенија“.

Средното образование истата учебна година го продолжиле само 1.409 ученици Роми, од кои само 622 девојки. Диплома за средно образование истата учебна година зеле 305 Роми, од кои 125 девојки.

Евидентно е дека Ромите се најмногубројни во основното образование, а за средно почнаа да се одлучуваат во последната деценија мотивирани од државните стипендии, кои претставуваат голем финансиски мотив. А кога доаѓаме до факултетот, тој е „луксуз“ меѓу Ромите. Во прилог на тоа говори и податокот дека во 2017 година дипломирале само 11 млади Ромки и 19 момчиња Роми.

Според ДЗС, минатата учебна 2017/2018 година во високо образование се запишале вкупно 82-ца Роми, а најголем бил интересот за Филозофскиот и за Медицинскиот факултет.

Припадничките на оваа заедница што немаат завршено ниту средно несомнено се позиционирани на работ на општествените случувања, каде што недоволната едукација од една страна и комформизмот од друга страна не им даваат доволно сила да се борат за подобро место во општеството.


Невладините организации не се задоволуваат со малку

Според голем број упатени во проблематиката на ромското малцинство во македонското општество, факт е дека припадничките на понежниот пол од ромската заедница се дискриминирани, а уште попоразителен е фактот што таа дискриминација често пати е двојна.

Според Дилбера Камберовска, извршна директорка на ромската организација на жените од Македонија „Даја“, Ромките во Македонија се двојно дискриминирани.

„Жените Ромки во Македонија се двојно дискриминирани и како припадници на ромската заедница, како маргинализирана заедница, и како жени, дискриминирани врз основа на полот. Дискриминацијата кај жените Ромки е дел од сите области на општествениот живот. Имаат проблеми во образованието за целото времетраење, а доколку помал дел од нив и го завршат започнатото, веднаш им се јавуваат проблеми за настап на пазарот на труд. Сметаме дека ситуацијата не е задоволителна и дека треба многу да се работи на положбата на жените Ромки во Македонија“, смета Камберовска од „Даја“.

Сличен став дели и Елена Нешовска Силјаноски, програмска координаторка во Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“, која постои веќе 16 години.

„Жената Ромка во однос на положбата во општеството се соочува со дискриминација во речиси сите сфери на живеењето. Не може да се издвои едно најгорливо прашање, но сепак таа е засегната најмногу од областа на образованието, вработувањето и здравството“, вели Нешовска Силјаноска.

Од здружението „Сумнал“ потенцираат дека иако средното образование е задолжително, сѐ уште има девојчиња од ромската популација што не се вклучени во образовниот процес поради малолетничките бракови, кои пред сѐ се карактеристични за семејствата во социјален ризик.

Граѓанскиот сектор што работи на промоција и афирмација на правата на оваа етничка заедница е упорен во намерата да ги придвижи работите кон подобро.

Од областа на образованието „Сумнал“ како организација реализира неколку програми како што е „Ран детски развој“, во која се вклучени децата до 6 години. Со програмата „Дополнително учење и подучување“ децата од училиштето „Васил Главинов“ од Скопје го посетуваат центарот „Сумнал“ и со помош на стручни едукатори ја обработуваат домашната задача и ги изучуваат лекциите. Младинската програма ги вклучува и средношколците и студентите, на кои им нуди најразлични обуки од областа на вработувањето, односно одредување професионална ориентација при завршување деветолетка, обука од областа на здравството, социјалната заштита, човековите права и слободи...

„Преку овие програми исто така се вклучени и нивните родители, односно мајките на децата. Освен што се работи на когнитивниот, емоционалниот и креативниот развој кај децата, се работи и на зајакнување на капацитетите на нивните родители, односно младите мајки што се работоспособни и активни баратели на работа во областа на вработувањето и зајакнувањето на капацитетите на жената Ромка“, потенцира Нешовска Силјаноска.


Пазарот на труд ги елиминира Ромките

Освен образованието, кое изостанува кај Ромките, дел од невладините организации сметаат дека проблем во градењето на карактерот и животот на една жена е и инклузијата на жените Ромки на пазарот на труд. Од образованието зависи каква работа ќе најдат Ромките.

Народниот правобранител бележи дека од година во година има благ напредок во спроведувањето на начелото на соодветна и правична застапеност на припадниците на сите етнички заедници во институциите. Сепак, омбудсманот укажува на недоволен број вработени лица на раководни работни места што не се припадници на мнозинската заедница, а тоа во голем дел се однесува и на Ромите.

Во приватниот сектор состојбата е многу поразочарувачка бидејќи дел од приватниците се потпираат на стереотипот дека за Ромите се врзуваат негативни епитети во однос на исполнувањето на работните обврски. Ова за жените е дополнително негативно бидејќи има и такви работодавци што сметаат дека жените Ромки цел живот раѓаат и одгледуваат деца. Оние Ромки што ќе се вработат приватно работат на нискодоходовни позиции (чистење, текстилна индустрија).

Според Годишниот извештај за вработените во јавниот сектор, кој го објавува Министерството за информатичко општество и администрација, во 2017 во работен однос во јавниот сектор биле 1.245, односно 1,14 отсто се Роми.

Вработувањето или економската положба на жената Ромка е исто така проблем што се провлeкува низ годините. Нискиот ангажман е резултат на бариери како што се возраста, традицијата, структурата на семејството и образованието при конкурирање за работа. Тие сѐ уште се соочуваат со предрасуди, стереотипи и дискриминација на работното место при барање работа како активни баратели, оддалеченоста на работното место исто така претставува проблем кај дел од нив, но и немањето соодветни квалификации и образование при вработување“, вели Нешовска Силјановска од „Сумнал“.

Невладините се залагаат за поголема соработка со припадниците на ромската заедница. Со Ромките се работи на едукација и информирање за актуелните мерки за вработување, помош при барање работа и конечно вклучување на пазарот на трудот.


Жените Ромки „отсутни“ од јавниот живот и политиката

Во насока на зајакнување на состојбата на Ромките и нивна поголема видливост во општествениот живот, здружението „Даја“ го реализираше проектот „Јавно и политичко учество на жените Ромки“. Според студијата изработена во рамките на овој проект, Ромките почнувајќи од локално, па сѐ до национално ниво, имаат ограничено учество во политиката, односно недоволно и нееднакво се застапени како гласачи, како раководители, како лидери, а никогаш немале своја претставничка во трката за градоначалничката функција.

И Европската комисија во своите извештаи за напредокот на државата кон евроинтеграциите нотира реални бариери од страна на институциите, партиите и многу други фактори на системот при учеството на Ромките во јавниот и политичкиот живот.

Студијата на „Даја“ бележи дека на локалните избори 2017 беа избрани вкупно 27 советници Роми, од кои само пет жени.

Како и секогаш, само во општина Шуто Оризари беа поднесени советнички листи составени од Роми од страна на две политички партии (Сојуз на Роми и Социјалдемократски сојуз на Македонија). Според резултатите од локалните избори, од вкупно пет жени советнички на национално ниво, четири Ромки се избрани да бидат дел од Советот на општина Шуто Оризари, се наведува во студијата на „Даја“.

Она што може да се заклучи е дека социоекономскиот развој, културата и традицијата, географската положба и политичкиот систем како фактори се клучни за (не)учеството на жената Ромка во јавниот и политичкиот живот.

Како и да е, со децении нештата биле далеку поцрни. Тоа го посочува и Сибел, девојката што со сопствениот пример покажува дека со упорност, храброст и посветеност може да се бори за магистерска титула и да гради кариера иако е Ромка.

„Порано било потешко да си жена, девојка Ромка, бидејќи кај нашите предци свеста за образованието била на пониско ниво. Тие сметале дека жената треба да е во домот, да одржува мир и хармонија, да не оди на училиште, да се грижи за децата, да чисти и да готви... и тоа би било сѐ што тие го правеле пред 60-тина години. Сега, сѐ уште има такви семејства со такво воспитување, меѓутоа за среќа, тие се во помал број. Денес жената Ромка се образова онолку колку што ѝ се можностите и интелектуалните капацитети, работи и придонесува за подобра финансиска состојба во семејството и нејзиниот труд и капацитети се ценети во семејството“, вели Сибел, која е позитивен пример во не толку позитивната положба на жените Ромки во Македонија.

 

Политиките за Ромите се усвојуваат формално, без резултати на дело

Невладините организации по иницијатива на цивилното ромско општество и надворешни донатори се ревносни во намерата да го наметнат ромското прашање во дискурсот на јавните политики. Но се чини дека органите на системот формално ги усвојуваат политиките како дел од агендата за приближување кон ЕУ, сметаат голем број аналитичари, а изостануваат ефективните резултати за добробитта на Ромите како малцинство во Македонија.

Исмаил Камбери од Институтот за европска политика – Скопје нагласува дека во однос на зрелоста и моменталните околности во државата, властите треба да демонстрираат повисока политичка волја и да почнат со поставување ромски претставници со докажан капацитет и кредибилитет на највисоките позиции во хиерархијата на клучните институции. Тоа ќе биде индикатор дека државата навистина ги зема предвид потребите на целото население при развивањето одредени стратегиски програми, појаснува Камбери, а сето тоа ќе придонесе кон развој на политики и мерки што ќе бидат одржливи на долг рок, од кој бенефит ќе имаат сите, без разлика на етничката припадност.

Еден од клучните проблеми во поглед на присуството на ромското прашање во дискурсот на јавните политики е исклучително нискиот број Роми на раководни позиции во институциите. Ваквиот податок е важен бидејќи при развивањето политики што ги засегнуваат сите граѓани, во поголем дел од овие процеси Ромите не се вклучени, а неромските носители на одлуки не се доволно сензибилизирани и не ја познаваат подробно комплексноста на проблемите со кои се соочува ромското население. Тоа резултира со одредени програми и мерки со кои треба да бидат опфатени сите граѓани, поради неприспособеност, Ромите да не можат доследно да ги користат бенефициите што им се достапни на сите. Тоа ги става Ромите во полоша стартна позиција во и онака веќе понеповолната положба во однос на другите.

Нецелосно приспособените јавни политики водат кон забавен развој на положбата на ромската заедница, а тоа не оди во прилог на државата поради реформските процеси почнати заради интеграција во ЕУ. Имено, прашањето на Ромите се третира и се оценува во секој извештај за напредок на Европската комисија за Република Македонија во поглавјата 23 и 24, а токму овие поглавја се најклучните за почнување на преговорите со ЕУ. Дополнително, важноста на овие поглавја се гледа и во фактот дека поглавјата 23 и 24 се првите што се отвoраат при преговорите со Европската Унија. Ние мораме да ги задоволиме стандардите на ЕУ, а дел од овие стандарди подразбира дека државата мора веќе посериозно да почне да работи на прашањата поврзани со проблемите на ромската заедница“, смета Камбери.

За мирен и хармоничен развој на општеството потребно е почитување на етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани, а во таа насока и на Ромите. Секој писмен, а во поголема мера и академски граѓанин припадник на ромската заедница е во корист на општеството, кое пак треба да се заложи да ги искористи капацитетите на образованите и способни поединци насочувајќи се кон што е можно попродуктивен колектив.

Христина Стојановска

Фотографија: Роберт Атанасовски

Објавено

Среда, Февруари 6, 2019 - 06:32

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе

Македонизмот често е мистика и точка на недоразбирање и меѓу Македонците и на Македонците со другите народи во и околу Македонија.

повеќе