Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесоа интерпелацијата за Џафери уште на 30 мај, односно по неговото вулгарно обраќање кон собраниски службеници и по заклучувањето на вратата во пленарната сала додека траеше поединечно изјаснување.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои спроведуваат „активна блокада“ во Собранието, го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со Собранието. Според нив, во неговиот мандат, сѐ со цел исполнување на коалициските договори, Џафери постапувал како пратеник на власта, а не како претседател на Собранието.
Џафери, пак, преку соопштение одговори на поднесената интерпелација која, според него, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, секако, се свесни дека, за дневно – политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршувам Уставот, законите и собранискиот Деловник“, напиша Џафери.
Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот. Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.