За преговори со Македонија и Албанија

„Зошто си ги врзуваме рацете?“ Реакции на одлуката на ЕУ

Денеска Европскиот совет не даде датум за почеток на преговорите со Македонија и Албанија за членство во ЕУ. Според информациите од Брисел консензусот не бил постигнат поради противењето на францускиот претседател Емануел Макрон. На оваа одлука голем дел од европските лидери реагираа со констатација дека била направена голема, историска грешка. 

Вишеград

Полска, заедно со другите земји од Вишеградската четворка, силно го поддржуваа пристапувањето и на Северна Македонија и на Албанија и исходот од дискусијата не ја задоволил Варшава, пренесува Еурактив. Конрад Шимањски, заменик министер за надворешни работи за прашања на ЕУ, рече дека „отсуството на зелено светло значи дека влијанието на ЕУ во регионот ќе се намали, што пак, значи и влошување на европската безбедност“.

Владите од В4 испратија писмо до Доналд Туск во кое го повикаа да преземе акција и да го убеди Париз. По состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во вторникот (15 октомври), чешкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек, рече дека двете земји ги исполниле своите обврски и заслужиле да ги почнат преговорите за пристапување, додека неговиот словачки колега Мирослав Лајчак ги повика водачите на ЕУ да не се двоумат. „Процесот на пристапување е најдобрата алатка што ја имаме за да влијаеме врз развојот на настаните во Западен Балкан. Зошто си ги врзуваме рацете?“

 

Рим/Атина

Италија и Грција имаат витални интереси во балканскиот регион, вели Еурактив. За Рим почнувањето на преговорите за пристапување во ЕУ беше врвен приоритет на овој Совет на ЕУ со оглед на „депресивниот момент“ на претстојното повлекување на Велика Британија, велат изворите. За да го помогнат растот на балканскиот регион, изворите рекле и дека ЕУ треба да ги задржи блиските врски со него.

„Слично вакво вето земјите-членки ставија против Турција во 2005 година […] и сега видете како излезе тоа“, додава изворот. Италија притискала за „јасна политичка порака“ во корист на иднината и за дефинитивно пристапување, дознал Еурактив.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (Неа демократиа-ЕПП) рече дека Атина го поддржува патот на ЕУ на Северна Македонија и Албанија под услов „целосно да ги почитуваат меѓународните договори што ги имаат потпишано, да се придржуваат кон владеењето на правото и секако да ги почитуваат малцинските права“.

Нема официјален коментар на владата за „ветото“ од Франција, откако Атина и Париз тесно соработуваа во последните месеци за голем број прашања. Но владини извори за грчки Еурактив рекле дека Грција ниту би се спротивставила, под горенаведените услови, ниту би притискала други земји да се премислат.

Левичарската опозициска Сириза го обвини Мицотакис за лицемерство околу неговата поддршка за Северна Македонија, со оглед дека кога бил во опозиција, се противел на договорот со Скопје за промена на името. Поранешниот премиер Алексис Ципрас отворено ја поддржа Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, додека за Албанија зборуваше само условено, особено од аспект на грчкото малцинство што живее таму.

 

Софија/Букурешт

Бугарскиот премиер Бојко Борисов ја опиша одлуката како „историска грешка“, која ќе им нанесе сериозен удар на граѓаните на обете држави.

„Природата не толерира празни места. Некој ќе се заинтересира за овие две земји и тоа нема да биде добро за Бугарија“, рече Борисов алудирајќи на Русија, Турција и Кина. Тој исто така рече дека не може да разбере како Северна Македонија може да ѝ наштети на ЕУ бидејќи нејзиното население може да се спореди со еден поголем европски град.

И покрај тоа што ги поддржува двете држави, романската влада не реагираше по состанокот на Советот. Романски Еурактив објасни дека тоа се должи на фактот дека владата минатата недела изгубила на гласањето за доверба, додека премиерката Виорика Денчиле веќе ја почнала својата изборна кампања за претседателските избори што треба да се одржат следниот месец.

 

Загреб/Љубљана

Словенечката влада отворено го поддржува патот на Северна Македонија кон ЕУ и рече дека не бил неопходен „пакет договорот“ што ја вклучува и Албанија.

На Советот на ЕУ, лидерите разговараа и за можноста „да се одвојат“ двете држави и да се почнат преговори со Северна Македонија. Сепак, Еурактив дознал дека на тоа се спротивставиле дел земји, меѓу кои и Грција и Италија.

„Северна Македонија заслужува да добие зелено светло“, рече словенечкиот премиер Марјан Шарец и предупреди за можните последици во случај на блокада. „Знаеме дека процесот на преговарање за да се стане полноправна членка е долг, многу долг и дека ништо не се случува преку ноќ“, додаде Шарец.

Коментирајќи го барањето на Франција да се променат правилата на преговорите со ЕУ, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ рече дека правилата не може да се променат „додека играта е во тек“.

„Новата, ревидирана методологија за проширување, предложена пред сè од Франција, ќе ги доведе преговорите со Србија и Црна Гора во поинаква позиција од оние што некогаш ќе ги водат Северна Македонија и Албанија, а само можеме да замислиме што ќе се случи со Босна и Херцеговина и Косово“, рече Пленковиќ.

 

Разочарување во Белград, Сараево

Во писмо до лидерите на ЕУ, претседателот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ напиша дека блокирањето на пристапните преговори за Скопје и Тирана ќе испрати „погрешна порака“ до Сараево: „Работата и тешките одлуки што ќе ги донесеме, едноставно не го произведуваат очекуваниот резултат“. Тој додаде дека таквата одлука ќе го зголеми и евроскептицизмот во регионот.

Учесниците на белградскиот Форум за безбедност (БСФ) предупредија дека новото одложување ќе биде лош сигнал за целиот регион Западен Балкан.

Поранешната министерка за надворешни работи на ЕУ Кетрин Ештон рече дека ЕУ треба да ја награди Северна Македонија за Договорот од Преспа, чие постигнување било многу тешко, и додаде дека во него се вткаени токму вредностите на ЕУ.

Иван Вејвода, соработник на виенскиот Институт за хумани науки, рече дека ЕУ нема штета од почнувањето на преговорите со двете земји, бидејќи полноправното членство не би се случило во следните 7-8 години, дури и ако сè се одвива добро.

„Ако ЕУ решеше да ги почне преговорите, тоа ќе беше само една вест за седмата страница на европските весници, додека за регионот тоа ќе беше многу важна порака“, рече Вејвода.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео неодамна ги посети Северна Македонија и Црна Гора, заклучува Еурактив. Во обете посети, Помпео предупреди за ризиците од кинеските инвестиции во деликатните технологии и ги повика водачите да ги донесат „правилните одлуки“. Тој, исто така, рече дека Пекинг може да нуди мито за да постигнува инфраструктурни зделки на Балканот.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе