Самото тоа што инструменталната верзија на бугарската химна се свиреше 85, а на македонската химна 52 секунди претставува извесна недоследност во почитувањето на протоколарните правила без разлика на толкувањата дека македонската намерно била изведена без делот кој би соодветствувал на строфата со Делчев, Груев и Сандански. Написите за ова во некои медиуми предизвика и жестока реакција на владината служба за информирање која побара дури и бришење на тие текстови.
„Владата на Република Северна Македонија најостро ги демантира и ги отфрла како дезинформација објавените информации во повеќе медиуми и портали, за наводно намерно изоставање на одредени делови односно стихови од химната на Северна Македонија, за време на официјалниот пречек на претседателот на Владата на Република Бугарија, Кирил Петков...
Секогаш и без исклучок се интонираат инструментални кратки верзии на државните химни, а никогаш не се изведуваат верзии на химните во целост и со стихови и вокали. Оттука, дезинформација е дека химната односно стихови од химната биле скратени од кои било причини специфично за оваа посета... Владата бара медиумите и порталите кои ги објавија неточните информации во целост да го објават овој демант и да ја повлечат изнесената дезинформација“, реагираше Владата.
Дел од медиумите објавија дека при изведување на македонската химна, воениот оркестар намерно го извел само првиот дел, „но не и делот што е проблематичен за Бугарија каде се споменува Гоце Делчев, Даме Груев, Сандански и Крушевската република“.
Од Академијата за протокол сепак сметаат дека станува збор за пропуст. Д-р Лукреција Маљковиќ-Атанасовска, меѓунариден консултант за дипломатски протокол во изјавата за МКД.мк вели дека протоколарна практика е да нема драстично отстапување во траењето на националните химни.
„Двете делегации, во фазата на договор меѓу претходниците се договараат за химните и разменуваат нотен запис за воениот оркестар. Протоколарната практика е да нема драстично отстапување во траењето на националните химни, но во последните години, од непознати причини, се свири само една „строфа“ од македонската национална химна со што таа видливо пократко трае од странските. Химната е најсвечената песна, таа треба да ги подигне патриотските чувства кај народот, и ако народот ваквото интонирање го доживува како нецелосно и некомплетно и не ја доживува химната како довршена, тогаш дефинитивно мора да се отфрли практиката да се интонира само една строфа. Впрочем, на сите спортски натпревари и други свечени манифестации, се интонира и ‘илинденската’ строфа, за која народот, овојпат, сметаше дека е тенденциозно изоставена“, вели Лукреција Маљковиќ-Атанасовска.
Според Законот за употреба на грбот, знамето и химната на Република Македонија (1997), член 27, „химната на Република Македонија се изведува со: свирење, пеење или и со свирење и со пеење. Химната секогаш треба да се свири со достоинство. Химната не се користи како дел од друг вид музика. Химната на Република Македонија може да се свири на почетокот, средината или крајот од манифестацијата на која се изведува, во зависност од тоа на кој начин на химната ќе и се даде најголемо достоинство“.
Во член 28 од овој закон пишува дека ако химната на Република Македонија треба да се изведе во РепубликаМакедонија заедно со химната на странска држава или свечена песна на меѓународна или друга странска организација, прво се изведува химната на странската држава или свечената песна на меѓународната или друга странска организација, а потоа химната на Република Македонија.
Тука нема одредби околу должината на изведбите на химните, но протоколарна практика е дека интонирањето на химните не треба да е временски драстично различно, односно една химна упадливо подолга од другата.
И при посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, химната на НАТО се изведуваше 79 секунди, а македонската химна 43 секунди.
„Многу добро е познато дека при инструментална верзија на химната нема стихови, но нашиот народ многу добро знае која е содржината на химната и кои се строфите, па секое нејзино скратено интонирање со право предизвикува реакции, а тоа значи дека можеби треба да се размисли нешто да се промени“, велат од Академијата за протокол.
А.Д.