„Освен ова, овој повик може да биде непристоен преседан, кој ќе ги поттикне и другите општини како и јавни институции да го следат истиот пример, а преку тоа дополнително да се наруши објективноста на медиумските известувања на локално и централно ниво и да настрада јавниот интерес“, стои во реакцијата на ЗНМ.
На 3 февруари Општина Аеродром објави јавен конкурс со кој се повикуваат новинари и медиумски куќи да се пријават со шанса да освојат три награди во вкупна вредност од 180.000 денари. Во огласот се споменува тие да конкурираат со истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности и нивна промоција на локално ниво.
За ЗНМ мотивирање на новинари и медиуми со јавни средства да известуваат за работата на општините, претставува етички конфликт кој може да значи влијание врз уредувачката политика, а тоа може да предизвика штета на медиумската сцена.
Крајниот рок за испраќање на новинарските производи е 30 април, додека објавувањето на победниците е најавено да се одржи на 9 мај, Денот на Европа.
На овој конкурс реагираше и ВМРО-ДПМНЕ.
„Златко Марин, градоначалникот на Аеродром нема проекти ама му текнало да подмитува новинари, со конкурс во кој што би го фалеле колку е паметен и убав и како фино би било тој или СДСМ да останат уште четири години на власт. Тоа што нема гимназија, а се удави општината во бетон и смог, тоа нема врска. Важно Златко Марин и Советот на Аеродром воден од неговите кумски врски се досетиле како да ги подмитат новинарите и медиумите најмалку два месеци да пишуваат се најдобро за нив, и за тоа нудат пари- за новинарскиот свет- многу пари! Златко Марин и неговиот совет распишале јавен повик за натпревар на новинарско медиумски дела за тоа кој најмногу ќе им ја фали предизборната кампања, онаа со европско знаменце, и да, онаа која што се предвидуваат голф терени во Лисиче! Марин нуди 90. 000, 60. 000 и 30.000 денари, три награди за тоа кој новинар најубаво ќе го испофали во рок од два месеци! Ако не верувате одете на општинската интернет страница“, реагираше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.