Народен правобранител

Зибери: Не знам колку точно лица немаат државјанство, ама апсурд е некој во семејството да има, а други не

Народниот правобранител Насер Зибери нема точна бројка на лица во земјава кои немаат државјанство, но вели дека кон тие граѓани е направена неправда којашто треба да се надмине и да се реши со измена на Законот за државјанство.

Зибери на денешната презентација на Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2020 година рече дека дел од лицата родени во Република Македонија пред прогласување на независност на државата во 1991 година сѐ уште не го решиле проблемот со државјанскиот статус, а притоа континуирано живеат во земјата заедно со семејствата во нивните домови и имоти, што претставува своевиден апсурд при еднакви услови и околности некои членови на семејството да поседуваат државјанство, а некои со години да не можат да го остваруваат ова право.

„Кон оваа категорија граѓани е направена неправда која треба да се надмине и реши со измена на Законот за државјанство, согласно стандардите и принципите на Европската конвенција за државјанство. Согласно оваа Конвенција почитувањето на семејниот живот претставува основна темелна вредност, исто како што е прокламирано и во членот 8 од Европската конвенција на човекови права и слободи. Според Европската конвенција за државјанство, земјите на Советот на Европа при одлучување за државјанство, особено треба да водат сметка за вистинската и ефективната врска на засегнатото лице со државата“, истакна Зибери.

Во однос на бројот на лица кои немаат државјанство тој кажа дека не располага со точна бројка, но знае дека се поднесени девет претставки за Годишниот извештај за 2020 година.

Зибери говореше и за издавањето на изводи од матичната книга на родени по електронски пат, што, според него, воопшто не го олеснило пристапот на граѓаните до овој документ, туку напротив создало големи проблеми.

„Не се почитува рокот за изготвување и издавање на изводи, па наместо неколку дена граѓаните чекаат за електронски изводи по неколку месеци“, изјави Зибери. 

На прес-конференцијата тој најмногу критики упати за работата на Собранието, судовите, комисиите, затворите, но и образованието како сфера каде што најмногу се почувствувале последиците од пандемијата во однос на прекршување на човековите права и правата на децата. Според него, спроведувањето на онлајн-наставата е пречка за голем број деца кои се соочиле со потешкотии во учењето, а ги издвои и правата на студентите кои биле одбиени за владина помош без соодветно образложение од Генералниот секретаријат на Владата.

„Во овој период посебно беа на удар правата на децата. Отсуството на соодветна опрема за следење настава, талкање по мрежите, отсуството на електрична енергија икслучување поради неплатени сметки, слабиот квалитет на интернет – сериозно се одразија на воспитно образовен процес, посебно кај децата со попреченост кои речиси целосно беа исклучени од наставата“, рече Зибери.

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе