За насилството во Центар

Жерновски: Рангелова ми рече да се соочам со толпата од која животот ми беше во опасност

Повеќе од еден час оштетениот поранешен градоначалник на Општина Центар Андреј Жерновски, во својство на сведок, пред судот ги опишуваше дејствијата кои толпата ги преземала на 7 и на 10 јуни 2013, за време на одржувањето на седницата на Советот на Општина Центар. Жерновски рече дека Рангелова го повикала да излезе и да се соочи со насобраната толпа.

Жерновски, одговарајќи на прашањата на обвинителката Фатиме Фетаи, рече дека толпата била насилна и поради тоа и останатите кои биле во бараката на општината чувствувале страв и несигурност и стравувале за своите животи.

„На седницата присуствуваа и советници на ВМРО-ДПМНЕ и со низа процедурални забелешки се обидуваа да ја спречат седницата. Таа траеше до 18 часот и потоа поради тоа што немаше услови беше презакажана за 10 јуни. Седницата беше за поништувањето на актуелните ДУП-ови, односно урбанистички планови, а тука влегуваше и изградбата на црквата Св. Константин и Елена. Сценариото на толпата која беше насилна беше јасно и тие сакаа да го спречат одржувањето на седницата. Постоеше комуникација меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои присуствуваа на седницата и толпата. Даниела Рангелова ме повика да излезам надвор и да се соочам со граѓаните“, сведочеше оштетениот Жерновски.

За време на неговото сведочење, Рангелова запишуваше дел од неговите одговори. Жерновски нагласи дека голем број закони се промениле во тој период, особено во делот на законот за градење и урбанистичките планови и со овие промени многу права на локалната самоуправа и беа одземени. Тој нагласи и дека побарал од полицијата да реагира и да го спречи насилството, но повратна реакција немало. Атмосферата на случувањата на следната седница која била одржана на 10 јуни Жерновски ја опиша како уште полоша.

„Во понеделникот сценариото и атмосферата беа многу полоши. Граѓаните беа насилни, фрлаа јајца и тврди предмети кон страната на градоначалникот и советниците на СДСМ. МВР вети дека ќе го спречи насилството, но граѓаните лесно доаѓаа до бараката и ги загрозија животите на секој од нас. Полицијата не реагираше, јас прашав зошто, ама наместо одговор добив цинична и груба насмевка. Парче од скршено стакло летна во окото на Чурилова и ја повреди“, сведочеше Жерновски.

Тој пред судот образложи дека невладината организација „Веритас“ која што ги организирала протестите воопшто и не постоела и не била регистрирана во Централниот регистар, а тоа општината Центар го открила кога се обидела да поднесе кривична пријава против оваа организација.

Поранешниот градоначалник нагласи дека откако веста за насилното однесување на толпата во Општина Центар била објавена во медиумите кај него доаѓале амбасадори и претставници на ОБСЕ и рече дека ако не биле тие и ако преку свои канали тие не контактирале со ВМРО-ДПМНЕ, насилството ќе продолжело.

„На прес-конференција покажував слики на насилници кои рушеа огради и ја демолираа бараката и сите овие фотографии и снимки беа доставени до МВР. Оттаму ни беше одговорено дека насилниците не се познати на органите на прогонот. Овде во судница од оние кои се обвинети можам да нагласам дека го препознавам лицето кое пред судот рече дека е болен и бараше за него да се одвои постапката. Него сум го гледал на сите протести на ВМРО-ДПМНЕ и тој беше најжесток во своите напади. Наместо антихрист, тој кажа дека сум антифашист. Препознавам уште еден од протестантите, а тоа е лицето кое со бела кошула седи во судница“, рече оштетениот Жерновски, мислејќи на обвинетиот Александар.  

На судењето одбраната не му постави прашања на оштетениот Жерновски и тој ќе треба да се појави во судница и на наредното рочиште. Денес како сведок го испрашуваше само обвинителката Фетаи по што судењето на барањето на пратеничката Рангелова, беше прекинато.

К.Д.

На Водно навистина не му треба сега и жичарница нова да се гради.

повеќе

Неконтролираниот политички развој, кој создаде пет парламентарни партии на етничките Албанци, ја прави нестабилна политичката ситуација не само кај aлбанскиот блок, туку и на ниво на државата. 

повеќе

Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2018-2021 се носи во екс-пост заробена држава каде тензиите помеѓу администрацијата, економските агенти, клиентите и општеството се големи.

повеќе