Пред извештајот од Брисел

Жбогар очекува сите партии во Парламентот да најдат начин да му дозволат на СЈО да ја продолжи работата

Се надевам дека на состанокот на Советот на ЕУ во јуни, змејите-членки ќе одлучат да отворат преговори со Северна Македонија. Остваривте голем напредок, кога ќе погледнете наназад ќе видите голема разлика, од земја која гледаше непријатели околу себе, сега е пријател со сите нив, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар.

„Од земја која беше во политички превирања, сега има функционална демократија, функционален Парламент со опозиција која се ангажира за реформските процеси, реформите во правосудството, така што гледаме значаен напредок. Секако уште многу нешта можат да бидат направени до јуни, и со надеж чекаме да ги видиме вашите достигнувања и да видиме што ќе се случи дотогаш“, рече Жбогар, кој денеска одржа предавање на Факултетот за безбедност во Скопје.

Коментирајќи дали законот за СЈО е еден од критериумите за отворање преговори во јуни, Жбогар потсети дека министрите на ЕУ минатиот јуни кога го отворија патот за почеток на преговори, поставија услови и за реформи и конкретни резултати во правосудниот систем.

„Специјалното јавно обвинителство покажа големи достигнувања, и за нас како ЕУ и за сите земји-членки е важно на СЈО да му се дозволи да ја врши својата работа, и да покаже уште поголеми достигнувања за судските предмети“, изјави Жбогар.

Тој уште додаде дека очекува оти сите политички партии во Парламентот ќе најдат начин да му дозволат на СЈО да ја продолжи работата.

Деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски порача дека предавањето на Жбогар на Факултетот е значајно, особено, како што рече, „сега кога сме во фаза на сериозни реформи, и подготовка на нашето општество за почеток на преговорите со ЕУ, да можеме на младите да им дадеме што поширок поглед во однос на тоа зошто е важно овој пат да биде засилен во нашето општество“.

Коментирајќи ја изјавата на рускиот амбасадор во ЕУ Владимир Чижов дека проширувањето на НАТО со Македонија ќе го дестабилизира Балканот и ќе значи ризик за безбедноста за Европа, Дујовски рече дека проширувањето на НАТО со Северна Македонија воопшто не значи ризик за безбедноста.

„Напротив, ќе значи дополнителна стабилност за целиот регион и за нашата држава и за сите други држави во регионот, затоа што со нашето членство во НАТО ќе се заокружи еден долготраен процес што ќе им овозможи и на земјите-членки на НАТО и на сите во регионот да се посветат на други прашања“, оцени Дујовски.

Предавањето на Жбогар на Факuлтетот за безбедност-Скопје, беше во рамки на Дипломатскиот форум на факултетот.

Целта на предавањето е преку дискусија на актуелни теми кои се важни за европските интеграции да се нагласи значаењето на периодот на целосна стабилизација на безбедноста на земјава, нејзиниот развој и соработка, очекувањето земјата да ги започне преговорите со ЕУ, како и за предизвиците во регионот.

По предавањето имаше дискусија на студентите и професорите на факултетот.

Активноста е во рамки на воспоставувањето поинтензивна соработка на Факултетот за безбедност-Скопје со странските дипломатски претставници во земјава.

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе

Толку убава, чиста земја, богата со шуми, планини и природни ресурси ја претворивме во Мордор.

повеќе

Сè повеќе се зборува за диверзификација на приходите, наместо фаворизирање само еден извор на финансирање.

повеќе