За уставните измени

Зендели од Беса: Не сме кочничари, Османи да ги праша Албанците дали сакаат во државјанство да им стои „Македонци“

Процесот на уставни измени и предлог амандманите на албанската опозициска партија Беса биле тема на денешната средба во македонското Собрание на пратеникот од оваа партија Фадил Зендели со шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ.

„Заеднички став беше дека за граѓаните на РМ, за сите политички субјекти, една од основните цели е зачленувањето во ЕУ и НАТО. Денеска зборувавме и за уставните измени. Ние на амбасадорот Јанковиќ му ги објаснивме нашите предлог-амандмани, што веќе се во собраниска постапка, односно што бараме со тие предлози. Претставникот на канцеларијата на НАТО ни кажа дека треба да се зборува за сите аспекти, и политички и уставни, што во следните денови ќе бидат дел од дебатата во Собранието и да се најде начин како да се дојде до двотретинско мнозинство и да поминат уставните измени. Но, секако, и сите заинтересиорани страни да бидат задоволни од процесот“, изјави Зендели на прес-конференција по средбата во Собранието.

На прашањето дали ќе ги подржат предлог амандманите на Владата доколку не се прифатат нивните предлози, рече дека ќе видат во текот на дебатата како ќе се одвива целата постапка.

„Тоа е прашање на дебата. Не можам да прејудицирам, да оставиме простор во утрешната дебата и наредните денови, како ќе рефлектира мнозинството и Владата. Ние потоа ќе излеземе со соодветен став. Но, нашите барања се суштински, а не се поднесени про-форма и ние цврсто стоиме на тие барања“, рече Зендели.

Запрашан за коментар на обвинувањата на вицепремиерот Бујар Османи дека со неподдржување на амандманите албанските опозициски партии ќе бидат кочничари на процесот Зендели рече дека тие не се кочничари.

„Ние двајцата пратеници од Беса ја поддржавме иницијалната постапка за уставните измени, но во текот на процесот се променија правилата на игра, се додадоа и некои нови работи кои за нас се спорни. Затоа одговорност треба да преземат тие што ги менуваат правилата на играта, наметнуваат нови правила, што не беа дел од уставните измени, ниту од дебатата за уставните измени. Османи да оди да ги праша Албанците дали прифаќаат во државјанството да бидат именувани како Македонци. Ако најде некој со поддршка тогаш и ние ќе го поддржиме“, вели Зендели.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе