Реакција

Здружението на млади правници има бројни забелешки на измените на Законот за државјанство

Македонското здружение на млади правници смета дека со предлог измените на Законот за државјанство, кои денеска се на второ читање во Собранието, нема да се решат проблемот на лицата без државјанство во Македонија и бара итно свикување на јавна расправа.

Текстот на законот е подготвен во нетранспарентна процедура без увид на јавноста и без можност за какви било коментари, мислења и предлози, сметаат од македонското Здружение на млади правници кое повеќе од 10 години работи на намалување и искоренување на бездржавјанството во Македонија. Здружението од претседателот на Собранието Талат Џафери бара итно свикување на јавна седница на која ќе се произнесе стручната јавност.

Младите правници сметаат дека начинот на кој што е формулиран предлог-законот е непрецизен и не го решава во целост проблемот на лицата без државјанство, кои се заштитени согласно меѓународното право и конвенциите наведени како извори за донесување на овој закон, а дел од предложените решенија се спротивни на текстот на овие конвенции.

Конвенциите на ОН за бездржавјанство и Европската конвенција за државјанство се однесуваат на добивање на државјанство на оние лица кои немаат државјанство. Прашањето за двојно државјанство согласно Европската конвенција за државјанство е предвидено само во поглед на деца родени во државата, а кои поседуваат државјанство на друга држава, како и за лицата кои склучуваат брак. Иако во јавните говори на предлагачите на законот се потенцира решавањето на бездржавјанството, во предлог законот никаде не се изрично споменати лицата без државјанство на кои би им се олеснила натурализацијата, како што се наведени во член 7-а од веќе постоечкиот Закон за државјанство, велат младите правници.

Тие сметаат дека предлог-законот ги става во понеповолна положба лицата кои се родени и живеат во РМ целиот свој живот и немаат никакво државјанство, од оние лица кои по 1991 година се иселиле од земјава, имаат државјанство на друга земја, а ќе имаат можност да добијат државјанство на Република Македонија.

Дополнително, во предлог законот не е уреден статусот на оние лица кои се родени по 1991 година како втора генерација лица без државјанство кои живеат во нашата држава.

Според Здружението на млади правници, доколку намерата на овој закон е да се намали или искорени бездржавјанството, тогаш се поставува прашањето зошто условот за законски престој од осум години за странци се намалува на седум години, а условот во членот 7-а за лицата без државјанство останува непроменет. Тие прашуваат зошто за лицата без државјанство согласно член 7-а не се воведени олеснителни околности за прием, како што е тоа направено во член 7 од новиот предлог закон. Доколку се изгласа овој предлог закон како што е предложен ќе биде уште една пропуштена шанса да се реши судбината на голем број на луѓе, наши соседи кои се родени тука, живеат тука и никогаш не ја напуштиле државата, а немаат државјанство на ниту една земја. Бараме донесување на закон со кој сите лица кои живеат на територија на Република Македонија, а се апатриди, односно немаат државјанство од ниту една друга земја, веднаш да добијат државјанство на Република Македонија со што ќе се отстрани бездржавјанството согласно меѓународните конвенции, велат од Здружението на млади правници.

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе

Во последните 30 години сите политички партии, независно од тоа колку демократски се претставуваат во своите програми, на државата гледаат како на инструмент, што е пак првиот сигнал, чекор кон авторитарност.

повеќе