На еден ден пред распуштање, Собранието работеше цела ноќ

Заврши расправата за законот за ЈО, Мизрахи разрешена од функцијата министер за труд и социјална политика

На еден ден пред распуштање, Собранието работеше цела ноќ. На 135. седница заврши расправата за Предлог-законот за јавно обвинителство, а гласањето, како што соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се спроведе кога координаторите на пратеничките групи ќе го обезбедат потребното мнозинство и рече дека дополнително ќе информира за продолжението на седницата.

Собранието со 62 гласа „за", 26 „против" и без воздржани на 136. седница ја разреши Рашела Мизрахи од функцијата министер за труд и социјална политика.

Премиерот Оливер Спасовски, образложувајќи го Предлогот за разрешување на министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи, рече дека побарал таа да биде разрешена по, како што рече, серијата нејзини настапи на кои грубо ги прекрши законите кои го уредуваат уставното име на земјата.

Во Владата не го коригираше ова свое однесување. Секој треба да ги почитува Уставот и законите, а институциите мора да функционираат беспрекорно, нагласи премиерот. Изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже демократски капацитет и ќе предложи нов кандидат за министер.

Мизрахи, пак, посочи дека место да ја критикуваат нејзината работа, била мета на антисемитски напади.

Нарушените меѓучовечки односи, непостоење вредности, распаднат систем, криење проблеми, очајни граѓани, исплашени вработени во МТСП, тоа се проблемите на Министерството за труд и социјална политика. Уште не влезена во Министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија назначена за министер во Влада бев мета на антисемитски напади од лица кои ниту бираат средства, ниту начин, ниту зборови. Па наместо да ја критикуваат мојата работа, ја критикуваа мојата верска и национална припадност и ме обележаа со жолта ѕвезда, изјави Мизрахи.

Пратениците го донесоа и Предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка.

И изминатиот ден во фокусот беше законот за јавно обвинителство. Премиерот Оливер Спасовски смета дека прво треба да се донесат во Собранието сите закони, кои, како што рече, се многу битни за граѓаните, па дури потоа да се распушти Собранието и да се оди на избори. Не сакаше да зборува за формирање евентуално ново парламентарно мнозиство, бидејќи, како што рече, ќе се испочитува договореното, ќе бидат усвоени законските решенија по што ќе се оди на избори.

-Ние мора прво да ги донесеме законите кои се исклучително важни за оваа држава и потоа треба да одиме на избори. Тоа е ставот кој го имаме и како Влада и како партија, од првиот момент до денеска. Така што, сите законски решенија, пред се законот за ЈО кои треба да дадат дополнителни позитивни аргументи во носење на одлуката на Европскиот совет да почнат преговорите со ЕУ треба да биде приоритет на сите политички партии и на секој пратеник во Собранието, рече вчера Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на студентскиот дом „Гоце Делчев".

Спасовски изјави дека имаат коректни односи со ДУИ и очекува дека така како што ја започнале коалицијата така и да ја завршат во однос на овие законски решенија.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера во Неготино изрази уверување дека законите ќе се донесат, Собранието на време ќе се распушти, а предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април.

Парламентот не смееме да дозволи со какви било игри, со какви било планови да се наруши процесот на дискусија – деловничкото право на пратениците и на крајот правото да се изгласаат законите. Може ќе има две третини, може и ќе нема две третини, но ред е, и фер е, и чесно е пред државата да дадеме шанса да се изгласаат овие важни закони, рече Заев.

Заев рече дека коалицијата со ДУИ функционира. – Секако вчера од генералниот секретар на партијата со неговиот настап испративме сериозна порака за одговорност пред државата. Наша единствена цел е пред распуштањето на Парламентот да се даде шанса да се гласаат законите – не само двотретинските закони, Изборниот законик, разрешувањето на министерката за труд и социјална политика и неколку законски решенија, буквално трошењето на неопходното време кое што е изброено до полноќ на 16 февруари кога се последните рокови за распуштање на Парламентот, истакна лидерот на СДСМ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески изјави дека не смее одново да се блокира и опструира донесувањето на законите за ЈО и за Советот на ЈО, кои се темелот на реформите во правосудството и гарантираат неселективна правда и одговорност за сите. Мора да се создадат услови тие да се донесат пред распуштањето на Парламентот.

Според него, нема нарушувања во односите со коалицискиот партнер ДУИ бидејќи и тие се залагаат за носење на овие закони пред распуштање на Собранието.

Ставот на ДУИ е целосна апсолутна недвосмислена поддршка на законот за јавно обвинителство, за совет за јавно обвинителство, за одбрана, за АВМУ, за игрите на среќа, на законот за ветинг и сите други закони кои што се во процедура, вклучено и консензулано срочениот текст на Изборниот законик. ДУИ очекува изборите да се одржат на 12 април и Собранието да се распушти до недела со усвоени закони, рече на прес-конференција во Собранието координаторот на пратеничката група на ДУИ Артан Груби.

На прашањето дали има проблем во коалицијата ДУИ – СДСМ, Груби рече дека нема никакви разлики, а кочењето на собраниската седница било поради некоординираност на пратеничките групи.

ДУИ апсолутно го поддржува законот за ЈО и законот за Советот на ЈО, апсолутно, недвосмислено цела пратеничка група почнувајќи од лидерот Али Ахмети се до последниот, рече Груби и нагласи дека ДУИ не го условува со ниту еден закон, процедура или прашање донесувањето на законот за ЈО. Нека го стават на гласање, потенцираше.

Џафери ја закажа 135. седница за денеска во 13 часот. На дневен ред освен Предлог-законот за ЈО е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавни обвинители.

На веб-страницата на Собранието за денеска со почеток во 14 часот е закажана седница на Комисијата за надворешната политика. Пред членовите на оваа Комисија ќе бидат претставени платформите за дипломатски активности на амбасадорите на нашата држава во Косово, Албанија, Катар, Кралството Данска, при Мисијата на Обединетите Нации во Женева и при Мисијата во Советот на Европа, Стразбург.

За утре е закажана 137. седница на Собранието со единствена точка на дневниот ред – Предлог-одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија, поднесен од Талат Џафери.

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе

Деполитизацијата и акцентот на научни истражувања ќе го насочат образованието на правиот пат.

повеќе

Голем број на христијани, православни верници, по претворањето на Света Софија во џамија, сметаат дека Вартоломеј не е веќе доследен да ја носи титулата вселенски патријарх.

повеќе