„Нашата приоритетна цел е да обезбедиме сигурност во снабдувањето и достапност на енергија за домаќинствата и бизнисите, имајќи ја предвид студената зима“, напиша тој во повикот. Тој посочи дека веќе донесените мерки треба да се анализираат и да се подготват понатамошни активности за „добро координиран европски одговор“.
Мишел, синоќа на крајот од sамитот на новата иницијатива – Европската политичка заедница, најави дека следниот домаќин на самитот на 44-те земји од Европа, без Русија и Белорусија, ќе биде Молдавија, потоа Шпанија и Велика Британија.
Шефовите на држави или влади на земјите од Европската Унија, земјите-кандидати и соседите се согласија дека таквиот начин на средби и разговори за проблемите и соседната соработка, без агенда и без формални заклучоци на крајот, им одговара и дека самитите ќе продолжат.
„Нашата цел не беше да ги замениме институциите, ги има многу. Она што сакавме да го направиме е да создадеме простор за разговори, што не се врзани со потребата од донесување заклучоци и пазарење со зборови. На иста маса ги доведовме оние кои инаку не би се сретнале.Средбата се одржа во критичен момент за континентот, бидејќи стабилноста и безбедноста на Европа се загрозени поради руската агресија“, изјави домаќинот на Самитот, чешкиот премиер Петр Фијала.
Чешкиот премиер рече дека државниците разговарале за миграцијата, безбедноста и енергетиката и оти разговорите ќе продолжат на следниот самит во Кишињев, а му се заблагодарил на францускиот претседател Емануел Макрон што ја дал идејата за Европска политичка заедница.
„Можеме да разговараме за заедничките проблеми. Многу е важно што разговаравме за кризите што го засегаат континентот, кризата на Балканот и тензиите на Медитеранот. Го претставивме единството на 44 земји кои јасно кажаа дека ја осудуваат руската агресија, а тоа е многу вредно. Таа порака е единство“, рече францускиот претседател Макрон на прес-конференцијата по Самитот. Идејниот творец на Европската политичка заедница оцени дека првиот самит на ЕПЗ бил успешен.