Двочасовен протестен марш за „Монструм“

Заврши „малата војна“ на булеварот од „Мавровка“ до Бит пазар

Најмалку тројца полицајци се повредени и им беше пружена медицинска помош, повредени има и меѓу демонстрантите, а жртви на протестниот марш за поддршка на осудените во судскиот процес „Монструм" станаа излозите од некои продавници на потегот од ТЦ „Мавровка" до Бит пазар. Засега, официјално, еден демонстрант е приведен.

Протестниот марш со барање за слобода за осудените лица во „Монструм", кој тргна од паркот во населбата Чаир, беше запрен од страна на широк и броен полициски кордон поддржан со оклопни возила пред крстосницата кај Кривичен суд каде беше целта да се протестира, поточно во линијата со ТЦ „Мавровка".

Организаторите се обидоа со преговори да издејствуваат полицијата да им овозможи пристап до Судот, објаснувајќи, како што тоа директно и го кажа Бедри Ајдари, роднина на осудено лице, дека протестот е уредно пријавен во МВР и дека имаат право на протест. Но, полицијатта не реагираше.

Околу 14.10 часот се случи првиот физички контакт на дел од демонстрантите кои се обидоа да го разбијат кордонот. Обезбедувањето на протестот се обиде и во првиот момент успеа да ги смири воинствените демонстранти. Петнаесетина минути подоцна се случи втор, посериозен напад, кога полетаа и камења и шишиња кон полицијата, но и повеќе лица се обидоа со физичка сила да се справат со полицијата.

Тогаш се виде дека еден од полицајците беше повреден, на еден колегите му даваа вода додека беше клекнат на асфалтот, а малку потоа еден беше полеан со бела боја. Нападите продолжија.

Влијателни личности од политиката и јавниот живот успеаја да ја убедат толпата на повлекување, меѓу нив пратениците Скендер Реџепи од Алтернатива и Елми Азири од Алијанса, како и поранешниот пратеник и припадник на некогашната ОНА Хисни Шакири. Повлекувањето започна, но еден број, помлади демонстранти продолжија со нападите.

Подоцна, по добиена наредба, полицискиот кордон неколку пати тргнуваше кон толпата која се повлекуваше, како поддршка одеа оклопни возила, беше испукан солзавец, се слушаа и детонации од шок-бомби. Ситуацијата стана неизвесна кога демонстрантите се позиционираа кај фрекфентниот Бит пазар, а полицијата остана педесетина метри поназад на булеварот, во очекување на нови наредби.

Тогаш пријдоа две лица, веројатно од организаацијата на протестот, кои започнаа разговор со полицијата. Разговорот очигледно е дека преку радио-врска беше следен и од МВР. Десетина минути подоцна состојбите беа смирени. Се чини дека на полицијата ѝ беше кажано дека протестот е завршен.
Околу 15.15 часот состојбите беа смирени, а булеварот сведочеше дека тука се случила „мала војна".

П.Џ.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе