„Извештај за фундаментални права 2020“

Законот за заштита од дискриминација да се донесе веднаш по изборите

Иако оценките за нашите перформанси во однос на човековите права во последните неколку години одат по нагорна линија, останува многу работа за постигнување на крајната цел – општество со целосно функционални институции во служба на граѓанинот, општество со еднакви можности, без дискриминација врз кој било основ, општество во кое владее правото и во кое борбата против неказнивоста е врвен приоритет.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на тркалезната маса „Презентација на Извештајот за фундаментални права 2020“, во организација на МНР, Институтот за европска политика и Хелсиншкиот комитет за човекови права рече дека човековите права и владеењето на правото е тоа што сите нас не привлекува да бидеме дел од европското семејство.

„Да се биде еднаков во држава каде владее правото, каде системот е функционален во слободно и праведно општество. Тоа е магнетот на ЕУ покрај првиот столб. Бидејќи веруваме и очекуваме дека ќе ги почнеме пристапните преговори заедно со помош и поддршка на германското претседателство со ЕУ во следниве месеци, првата меѓувладина конференција и првиот кластер како основи ќе го содржат и ова поглавје за темелните права. И тука ние ќе имаме еден инструмент да се доближуваме до тој идеал кон кој сакаме да се стремиме“, рече Димитров.

Димитров посочи дека Извештајот на Европската агенција за човекови права се однесува на 2019 година и е втемелен врз квантитативни и квалитативни резултати на истражувањата на Агенцијата, на националните анализи изготвени од нејзините локални партнери, консултации и коментари од релевантните национални инстутции, пред се од Министерството за правда.

„Ние сме споменати во неколку поглавја во позитивен контекст во делот на недискриминацијата, активностите против говорот на омраза и положбата на Ромите. Загрижувачки се податоците за детската сиромаштија и насилството врз жените“, изјави тој.

Во контекст на прашањето за недискриминација и новиот закон со современи и европски стандарди за заштита и спречување дискриминација, што беше усвоен минатата година и посебно позитивно издвоен како достигнување во овој извештај, Димитров ја истакна заложбата за негово повторно донесување веднаш по парламентарните избори и конституирање на Собранието.

Исто барање упати и Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

„Идниот собраниски состав што е можно поскоро да се наврати на Законот за заштита од дискриминација кој беше укинат од страна на Уставниот суд. Ние никогаш законот за заштита од дискиминација не го гледаме само како барање од ЕУ. Од друга страна, тој е критериум на директивите на ЕУ. Значи, тој не е некое меко право, не е аспект на усогласување на одредени одредби со пракси, туку е потреба за да можете да исполните критеримумите во поглавјето 19, социјална политика и во поглавјето 23“, рече Кацарска.

Според неа, државата стои доста добро со земјите-членки на Унијата во однос на усогласеноста со европското законодавство, но она на што ќе треба да се поработи и што останува како предизвик во следниот период е градењето на судската пракса и имплементацијата на неколку закони како што се законот за социјална заштита, инклузивните аспекти на Законот за основно образование и новите одредби за регулирање на говорот на омраза.

Народниот правобранител како институција предлага комисијата која треба да биде формирана со овој закон да биде избрана на ист принцип како Комисијата за спречување на корупцијата.

„За законот којшто Уставниот суд го укина поради начинот на кој бил донесен, ние како институција сѐ уште имаме забелешки и сметаме дека тој во однос на комисијата за заштита од дискриминација е многу слаб. Ставот на Народниот правобранител е дека оваа комисија треба да биде избрана на потранспарентен начин и од лица кои не се инволвирани во разни политички структури затоа што ‘рак рана‘ во нашето општество е комисиите да ги формираме со кадри кои лесно потпаѓаат под влијание на разни политички структури“, изјави народниот правобранител, Иџет Мемети.

Извештајот на Европската агенција за фундаментални права беше објавен на 11 јуни годинава и покрај земјите членки на Унијата и Велика Британија, ги опфаќа и нашата држава и соседна Србија.

 

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе

Се поставува прашањето, дали треба да се жртвува слободата за сметка на жртвите кои се последица од вирусот, кој не можеме да го спречиме освен со строги санкции и мерки?

повеќе