Законот за попис помина во собраниска комисија, опозицијата најави амандмани

Со десет гласа „за“ и ниту еден „против“ и воздржан собраниската Комисија за европски прашања денеска во прво читање го поддржа и го проследи во натамошна собраниска процедура Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, согласно кој треба да се овозможи одржување на оваа статистичка операција наредната година.

Членовите на Комисијата од опозицијата се согласија дека има потреба од донесување вакво законско решение, но искажаа повеќе забелешки на предлогот и најавија амандмани за подобрување на текстот на законот. Забележаа дека треба да се остранат сите недостатоци на текстот, со цел, како што нагласија, да се избегне политизација на оваа статистичка операција. Според нив, вака како што е предложен законот остава можност за сомнеж за политичко влијание. Тие побараа и организирање јавна расправа со цел да се чуе мислењето на експртите по ова прашање и да се донесе квалитетно законско решение.

Пратениците од власта, пак, рекоа дека не треба однапред да се даваат квалификации за овој процес. Пописот, нагласија, ни е повеќе од потребен со оглед на тоа што последниот е спроведен пред дваесеттина години. Ако има конструктивни забелешки на опозицијата, најавија, ќе бидат разгледани во текот на амандманската расправа.

Пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека власта овој закон го изготвила нетранспарентно без консултација со сите заинтересирани страни, вклучително и без опозицијата.

„Од ваквиот начин на постапување произлегува заклучок дека целта на пописот не е да се спроведе статистичка операција која е значајна за креирање на десетгодишни развојни политики, туку дека пописот ќе се спроведе исклучиво само заради политички цели кои допрва ќе станат видливи“, рече Стојановска.

Попис, рече таа, мора да има, но, само врз основа на препораките на конференцијата на ООН од 2015 година кои се однесувааат на попис на население и домаќинства во 2020, како и ЕУ легислативаата за попис на населние и домаќинства во 2021 објавени во 2019 година. Ние имаме сериозни заблешки, рече Стојановска, наведувајќи дека, меѓу другото, постои неусогласеност на законот со регулативите на Европскиот парламент.

„Опфатот на лица кои ќе бидат попишани согласно член 6 од овој закон нема да ја даде вистинската слика на резидентно население во државата и е спротивен на член 2 од регулативата 763/2008 на Европскиот парламент каде е јасно дефинирано кое население се попишува како резидентно население“, рече Стојановска.

Според неа, спорен е и начинот на попишување на лица на привремена работа и престој во странство по член 8, особено можноста да се попишат по електронска апликација, што исто така, нема да даде вистинска слика за лицата кои се надвор од државата повеќе од 1 година и кои не спаѓаат во група на резидентно население. Вака дефиниран начин на попишување, рече, овозможува сите лица кои се на привремена работа или престој во странство без разлика на времето во кое се отсутни од државата да бидат попишани како резидентно население.

Пратениците имаа забелешки на тоа што методологијата за спроведување ќе ја одредува директорот на ДЗС и тоа по донесување на овој закон. Со тоа, рекоа, се дава преголемо овластување на едно лице – директорот. Се забелжуваат, нагласија пратениците од опозицијата, повеќе политички аспекти, наместо стручни и професионални. Според нив, проблем е и тоа што не е предвидено постпописно истражување на најмалку 2 отсто од пописната маса заради утврдување на квалитетот на редовниот попис. Ова, според нив, значи дека сите пропусти можат да се прикријат. Забележаа на промена на терминологијата, сега се споменува термин државјани, наместо лица, како и на немањето временски период колку најмалку едно лице треба да има престој во Македонија за да биде попишано како затекнато.

Халил Снопче, од Алијанса за Албанците рече дека проблемот со политизацијата на овој во суштина статистички процес е неминовен со оглед на тоа што, како што посочи, за жал, одредени права на граѓаните и припадниците на етничките заедници се врзани со процент од вкупното население. Дополнително, рече, тука е и прекинатиот попис во 2011 година. Затоа, како што истакна, треба да се направат напори да се донесе решение за попис во кој како процес ќе имаат доверба сите граѓани.

Пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ вели дека не гледа причина за дискусија од политички аспект за еден процес како што е пописот.

„Дали треба да дискутираме за содржината. Апсолутно. Нема совршени луѓе, ниту закони. Колку што знам секое законско решение без разлика кој е предлагач, низ расправа се утврдувало дали може поинаку и подобро. Тоа е суштината на парламентарната демократија. Затоа овде се носат законите. Затоа треба да имаме дебата. Но, со едно не можам да се согласам, а тоа е дека законот наликува на политички или има некаква политика имензија. Мислам дека конечно е време да почнеме ние самите да го минуваме нашето размислување и да веруваме на експерти во оваа држава кои ги има и на институции кои се по закон задолжени за одредени прашања“, рече Калеска Ванчева.

Претходно, законот пред пратениците го образложи заменик-министерот за правда Агим Нухиу. Тој појасни дека во рамки на оваа статистичка операција ќе можат да се попишат државјани на Република Северна Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во во државата или во странство.

За лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.

Пред почетокот на седницата и отворањето на расправата процедурално реагираше пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ која истакна дека Комисијата за европски прашања не треба да биде матично тело за овој закон, туку тоа треба да биде Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Повторно, рече таа, се повикувате на европско знаменце и усогласување со европски директиви, а тоа усогласување со предложениот закон не го правите. Ние, додаде Пешевска, не ја спориме потребата од донесување закон за попис, туку начинот на кој тоа се прави, со злоупотреба на европското знаменце.

Дебатата за законот за попис во Комисијата за европски прашања, согласно собранискиот Деловник може да трае најмногу три дена, но таа заврши денеска откако сите пријавени за збор ја завршија својата дискусија.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.

МИА

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе