Реакции по препораките на Венециската комисија

Законот за јазиците повторно ја загрева политиката во Македонија

По објавувањето на дел од сѐ уште неофицијалните препораки на експертите на Венециската комисија на Законот за употребата на јазиците во Македонија, од Министерството за правда соопштија дека нема ништо да коментираат сѐ додека не го добијат официјалното известување на Комисијата. Во меѓувреме дел од партиите веќе дадоа свој коментар.

Од Венециската комисија во нацрт-извештајот, по престојот во Македонија на 5 и 6 септември, велат дека Законот за јазици во актуелната форма ќе го забави функционирањето на комплетниот правосуден систем и дека предвидените стандарди се над европските.

Опозицијата оцени дека ставот на Комисијата е „шлаканица за владата“, а партиите на Албанците велат дека Законот е добар и дека веќе се применува во судовите.

Според ДУИ, Законот веќе се спроведува во судските институции.

„Цената на мирот, на еднаквоста и меѓуетничките односи е неспоредлива со симболичната цена на имплементација на еден закон. Исто како што функционира ЕУ со сите тие официјални јазици во сите структури, исто може да функционира и нашето општество, со посебен акцент и во судството. Тогаш кога ќе бидеме подготвени целосно да го спроведеме албанскиот јазик и во судските процеси, тогаш ќе почне и примената на Законот. Секако дека страните сега имаат право на употреба на јазикот и тоа не треба да претставува пречка“, изјави за ТВ Алсат Артан Груби од  ДУИ.

Алијанса за Албанците смета дека албанскиот јазик само може да се унапреди, да се вметне во Уставот и никако не е прифатливо да има регрес во неговата употреба.

„За овој Закон, за нас како Алијанса за Албанците нема веќе назад. Ако ДУИ има различен став од овој треба да кажат. Правото на употреба на албанскиот јазик во иднина само треба да се унапреди, да се регулира употребата и со Устав и никако не треба да има враќање назад“, вели Арта Точи од Алијансата за Албанците.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вели дека Законот за јазиците од 2008 година е добра основа за решавање на овој проблем. Тој вели дека со мали корекции тој Закон е посоодветен за спроведување.

„Пазарењето на премиерот Зоран Заев да формира влада со носење на нефункционални закони резултираше со препораки од Венециската комисија кои се правна шлаканица за целата Влада“, изјави Милошоски.

Со Законот за употребата на јазиците од март 2018 година, статусот на албанскиот јазик во земјата беше дополнително унапреден и стана втор официјален јазик во земјата.

Во нацрт-препораките на Венециската комисија се вели дека законското решение ги надминува европските стандарди и дека оди предалеку и наметнува нереални правни обврски за јавните институции.

„Тоа е особено случај во деловите кои го регулираат користењето на албанскиот јазик во судските постапки кои се толку широко интерпретирани што ќе бидат потребни долги години подготовка за да бидат применети.“

„Во актуелните околности, доколку Законот целосно се имплементира, тој значително ќе го забави функционирањето на комплетниот правосуден систем, создавајќи и ризик од сериозно нарушување на правото на фер судење гарантирано со Европската конвенција за човекови права“, се наведува во документот.

Венециската комисија конечниот извештај ќе го објави на 17 октомври.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе