Сѐ повеќе контроверзии

Законот за дивоградби ќе аменстира познати личности од кривичен прогон

Законот за легализација на дивоградби кој вчера беше донесен во Собранието на Македонија со широко мнозинство, има и една новина - предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти, што претставува своевидна амнестија за сторителите на кривичното дело за што Кривичниот законик предвидува и затворски казни. Случаите на Стевчо Јакимовски, Павловиќ - Латас, и случајот на СЈО „Лидери“ (разговорите меѓу Груевски и Ахмети), како и случајот кај „Мавровка“, паѓаат во вода.

Со вчера донесениот Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со кој се овозможува легализација на дивоградбите, не само што шанса добиваат многу граѓани кои досега не ја завршиле својата правна процедура или во меѓувреме започнале да градат, туку ќе се направи и своевидна амнестија на непознати, но и на познати во јавноста личности кои се под истрага или се веќе законски гонети. Кривичниот законик предвидува сериозни, па и затворски казни за сторителите на кривичното дело - бесправно градење. Меѓу нив „паѓаат" и случаите своевремено покренати против поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски, потоа случаите на Специјалното јавно обвинителство против новинарот Драган Павловиќ-Латас и неговите браќа за градба на куќи во Зелениково, (вратен на повторно судење), како и случајот „Лидери" со дивоградбата спротив американската амбасада во Скопје, предмет покренат врз база на аудио снимки во кои се слушаат тогашниот премиер Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети. Конечно, и случајот со градителот кај ТЦ „Мавровка" во Скопје, чиј објект беше урнат, за што има и обвинение, па се гради повторно.

Поради овие, но и други случаи, во јавноста владее мислењето дека мотивот на прелагачите на законот не бил поради „обичните" граѓани, туку пред сѐ поради познатите и моќни личности.

За потсетување, за овој закон вчера во Собранието гласаа сите пратеници, освен Maja Mорачанин и Мирослав Богдановски од пратеничката група на ДОМ, Борислав Крмов од Левица, како и Гордана Силјановска и Рашела Мизрахи од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Широкото мнозинство ЗА беше обезбедено откако и на предлог на ВМРО-ДПМНЕ законот се „прошири" со рок со неговото стапување во сила, но и со амандманот на членот 41 од законот кој предвидува да запрат сите кривични и граѓански постапки што се во тек, а се поврзани со изградба на бесправни објекти.

Инаку, идејата за „брзо" гласање на овој закон „падна" на последната средба на премиерот и лидерот на опозицијата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Денеска министерот за транспорт и врска Благоја Бочварски вели дека целта со овој закон не е објектите да се легализираат со плаќање на едно евро по квадратен метар, туку плаќање на полни комуналии колку што се плаќаат во матичната општина, плус 50 проценти казнени пенали.

Инаку, според овој закон, практично нема ограничување на местата во земјава каде ќе се легализираат дивоградби. Исклучок е заштитениот Охридски регион, додека за местата во националните паркови или други природни реткости или места со културно значење, одобрение за легализација ќе треба да издадат или да не издадат надлежните министерства, општините или други органи и институции. Министерот за овој дел од законот вели дека тие членови од законот биле внимателно напишани по обемни анализи.

Државната комисија за спречување на корупцика, како што веќе изјави за МКД.мк нејзината претседателка Билјана Ивановска, е на мислење за овој закон да поднесе иницијатива за оценка на неговата уставност пред Уставниот суд, со оценка дека ако законот стапи во сила, дека на сите други закони може да им се стави „крст".

Дали ќе стапи во сила, сега зависи од претседателот на Македонија Стево Пендаровски. Во одговор од неговиот кабинет на прашање на МКД.мк дали ќе го потпише указот за негово прогласување,се вели дека претседателот го добил законот од Собранието и дека „ќе го разгледа текстот на законот по што ќе донесе одлука".

П.Џ.

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе

Узурпацијата на јавниот простор како камен за сопнување на граѓанскиот активизам.

повеќе

Паузата во борбата против коронавирусот, бизнисот ја користи за свое преструктуирање и за непосредни контакти со компаниите кои беа запоставени во изминатиот период.

повеќе