Во изјава за дописничката на МИА од Брисел, Закариаш порача дека проширувањето на ЕУ е приоритет за португалското претседателство, што започна на први јануари и трае до триесетти јуни оваа година.
Таа додаде дека во тек се контакти со двете страни – Скопје и Софија – за изнаоѓање на решение за билатералниот спор кој го кочи отворањето на преговорите со ЕУ.
„Започнавме со политички контакти со Република Бугарија и Република Северна Македонија за да успееме да изнајдеме пат кон отворање на процесот, и за време на нашето претседавање да се одржи првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, но и со Албанија“, изјави Закариаш.
Државната секретарка на Португалија додаде дека во овој момент се потребни дополнителни политички разговори помеѓу двете страни и увери дека Лисабон тоа ќе го прави во дух на доверба.