Министерката за надворешни работи на Бугарија Захариева во утринско интервју на БТВ, на новинарското прашање може ли под притисок од Европската Унија Софија да го тргне ветото кон Македонија за отворање на пристапните преговори, одговори дека тоа не е можно.
„Треба граѓаните на Бугарија да разберат дека на нашата земја никој не може да ѝ наложи како да се однесува. Европската Унија не фунцкионира како Југославија. Ниту една земја членка на ЕУ, ниту пак САД, можат во иднина да извршат притисок врз Бугарија и на таков начин да овозможат пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ. Никој не може нам да нѝ наложи каква политика ќе водиме, рече Захариева.
Нејзината изјава во врска со бугарското вето кон Македонија доаѓа по вчерашната официјална средба со шефот на македонската дипломатија во Софија Бујар Османи, a денеска треба да се одржи нова средба на мешовитата македонско-бугарска комисија.