Средба на македонската делегација со Вархеји во Брисел

Заев: И Бугарија и ЕУ да знаат дека ќе ги одбиеме обидите да се преговара за идентитетот

„Премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Оливер Вархеји на средбата во Брисел се согласија дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија“, се вели во владиното соопштение по средбата на македонската делегација предводена од премиерот со еврокомесарот.  Во соопштението се истакнува дека Заев нагласил оти и Бугарија и ЕУ треба да знаат дека Македонија ќе ги одбие сите обиди да се преговара за македонскиот идентитет.

Во владиното соопштение се вели дека премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик-претседателот во Владата за европски прашања Никола Димитров, министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на Постојаната мисија на Северна Македонија во ЕУ Агнеза Руси-Поповска, денеска во Брисел се сретнале со еврокомесарот за соседска политика и проширување на ЕУ Оливер Вархеји.

„Еврокомесарот Вархеји ја пречека македонската делегација со пораката дека неговата цел, како и целта на Европската комисија, е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ.

Вархеји додаде дека ЕУ е посветена на Западен Балкан и дека денес, после 2,5 години, во Советот на министри за надворешни работи на членките на ЕУ се води стратешка дебата за Западен Балкан во која деблокадата на европскиот пат на Северна Македонија е приоритет број еден и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да одблокира овој процес“, се вели во соопштението.

Претседателот на Владата Зоран Заев на средбата со еврокомесарот Вархеји истакнал дека високо ги оценува овие напори на Европската комисија и дека очекува соодветно ниво на соговорници и соработници од страна на Бугарија.

Техничката Влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекуваме другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение, нагласил на средбата премиерот Заев.

„Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна", потенцирал премиерот.

На крајот од соопштението се вели: „Премиерот Заев и еврокомесарот Вархеји на средбата во Брисел се согласија дека идентитетот не може да биде причина за блокада на европските интеграции на Северна Македонија“.

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе

Што правите министерке, кога ќе посетите еден приватен или државен иниверзитет за да видите што навистина се случува.

повеќе