Во интервју

Заев за Шпигл: Не влегуваме во дебати за идентитетот, недостоинствено е да го менуваме Уставот

Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам причина тоа да се менува во Уставот, тоа би било мошне недостоинствено, вели македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за германски Шпигл.

Новиот македонски премиер Зоран Заев сака да го реши деценискиот спор околу името со Грција. Владата е подготвена да исполни многу барања - со еден исклучок, вели Шпигл.

Додека канцеларката Ангела Меркел на прес-конференцијата со својот гостин Зоран Заев зборуваше за „Македонија“, многумина го слушнаа тоа. Официјално, Германија ја има признаено татковината на премиерот како „поранешна југословенска Република Македонија“ - а изборот на зборови на Меркел сега беше мала, но значајна симболика, вели германскиот весник.

Со децении тлее горчлив спор околу името меѓу Македонија и нејзиниот јужен сосед Грција. Со социјалдемократот Заев на функцијата, сега е можно решение за конфликтот. Во интервју за Шпигл, новиот шеф на владата ексклузивно зборува за тешкиот пат за постигнување договор и опишува какви последици би имал неуспехот на преговорите.

Шпигл: Господине премиер, ако претпоставиме дека на мојот син сум му го дал Вашето име - што би рекле Вие?

Зоран Заев: Тоа би ми било совршено нормално. Секој има право слободно да го избере името на своите деца.

Шпигл: Тоа не би било напад врз Вашиот идентитет?

Заев: Се разбира, не. Патем, Зоран е име што постои во многу земји од Југоисточна Европа, не само во Македонија.

Шпигл: На Грција ѝ пречи уставното име на Вашата земја, Република Македонија, бидејќи гледа територијални претензии кон северниот грчки регион на Македонија, како и кражба на идентитет.

Заев: Во минатото имаше многу коментари за ова прашање, а нашите две земји дури отидоа и на суд. Сепак, спорот за името не е решен. Сега се обидуваме да изградиме пријателска атмосфера со нашата соседна земја и да го решиме спорот преку преговори. Мислам дека нашите грчки пријатели сега вистински и искрено сакаат да најдат решение за овој проблем. Тоа не само што ќе биде добро за Грција и за Македонија, туку и за целиот регион. Сепак, тоа мора да биде решение што им овозможува на двете страни да го заштитат својот идентитет и достоинство.

Шпигл: Од друга страна, стотици илјади луѓе неодамна демонстрираа во Грција против името Македонија за нивната земја. Колку е тешко да се најде решение?

Заев: Ќе биде многу тешко. Ако беше лесно, некој досега ќе најдеше решение. Во демократиите, луѓето имаат право да излезат на улиците, а можам да разберам и некои радикали што се против решение за спорот бидејќи тоа е спротивно на нивните лични чувства.

Но мислам дека големо мнозинство Грци исто така се за решение - затоа што знаат дека ова е добро за престижот на Грција во регионот, а со тоа и за нејзината иднина. Мислам дека и мојот колега Алексис Ципрас мисли така. Со решение на спорот, Грција ќе се доближи до својата заслужена позиција - една од водечките сили во регионот.

Шпигл: Разговаравте со Ангела Меркел, меѓу другото и околу спорот за името. Дали сојузната влада треба да посредува?

Заев: Мислам дека на двете страни - на Македонија и на Грција - добро ќе им дојдат поддршка и охрабрување. Сигурно вистинскиот начин не е да се врши притисок на која било страна. Една независна, суверена одлука во спорот за името не може никој друг да донесе освен нас.

Шпигл: Дали се плашите дека економското закрепнување на Грција ќе биде приоритет во ЕУ и дека решението за спорот за името ќе дојде на второ место?

Заев: Мора да се одвојат тие две работи. Му посакувам на нашиот јужен сосед и партнер навистина добри финансиски резултати и успех во политиката за стабилизација. Спорот за името е посебно прашање. Сепак, овој проблем секако може подобро да се реши во пријателска и стабилна економска клима.

Шпигл: Немате територијални претензии кон Грција?

Заев: Па во лето сакаме да ги окупираме прекрасните плажи и острови на Грција. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, ги трошиме парите таму, ја сакаме Грција, нашите претприемачи и туристи имаат толку многу контакти во Грција. Но сериозно: други идеи за окупација, се разбира, немаме.

Шпигл: Немате намера да влегувате во дебата за идентитетот?

Заев: Не, се разбира не. Овој спор за името, или како што понекогаш го нарекувам, овој глупав политички проблем, едноставно е пречка за развојот на пријателски и добри економски односи меѓу нашите две земји и за сè пошироко отворање на границите во регионот во корист на сите негови граѓани.

Шпигл: Грција предлага ставање географска додавка на името Македонија. Дали е прифатливо тоа за вас?

Заев: Во минатото тоа беше табу тема за нас. Сепак, како премиер на Македонија, сега можам официјално да објавам дека е прифатливо за нас, бидејќи тоа е факт. Македонија е историски регион лоциран во три земји: нашата земја, Грција и Бугарија. Нашата земја е северниот, или горниот дел. Јужниот дел е во Грција, источниот во Бугарија. Ова се факти и ние не треба да одиме против фактите. Бидејќи ние разбираме и прифаќаме дека Грците сакаат да има разлика, подготвени сме да прифатиме географска додавка.

Шпигл: А што мислите за потребата на Грција да не го преведува името на меѓународно ниво - односно, да го користи само во македонската верзија?

Заев: Најискрено, не гледам рационални аргументи. Како тоа треба да се спроведе практично, а да не се преведе нашето државно име? Треба ли да ја присилуваме канцеларката Меркел, или претседателот Доналд Трамп, да кажат, на пример, „Северна Македонија“? Тоа ќе биде без преседан на меѓународно ниво.

Шпигл: Грција, исто така, бара Македонија да го промени името во својот устав - односно, во земјата името да се користи само со додавката.

Заев: Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам причина да бараме тоа да се промени во Уставот, што би било неспојливо со нашето достоинство. На Грција ѝ треба сигурен партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се менува и промените исто така може да се сменат. Најважна гаранција за Грција е решението на спорот за името да е валидно. Ова е обврска на меѓународните договори, кои се ратификуваат и потоа важат за меѓународните комисии.

Шпигл: Вие на Грција барем симболично ѝ удоволивте по други прашања: спомениците од вашата претходна влада ќе се отстрануваат, а аеродромот и автопатот кон Грција, кои го носеа името „Александар Велики“, се преименувани. Дали планирате уште такви гестови?

Заев: Засега не, но, се разбира, подготвени сме да разговараме за сите проблеми што постојат. На пример, во иднина ќе работиме заедно во заеднички комисии за да ги преработиме училишните лекции во учебниците по историја.

Шпигл: Што би значело ако, по 27 години, сè уште нема решение?

Заев: Не би се осмелил да мислам дека не може да има решение за спорот за името. Нашата земја игра централна улога во регионот Западен Балкан. Ние сме мултиетничка земја, а кога има немир и нестабилност, тоа зрачи кон целиот регион. Ние треба да го решиме овој спор, само тогаш можеме да се развиваме, да се интегрираме во ЕУ и да дојдеме до просперитет и добро владеење на правото. Тоа е добро за целиот регион. Неуспехот е незамислив за Македонија, за целиот регион на Западен Балкан, а со тоа и за ЕУ.

Да можеме Благуна да ја прашаме за нашите јадови околу текстот од Нивици, би ја зачудиле.

повеќе

Плукајќи врз музикантите, незнаејќи одработувате за други интереси поведени од разбирливата емотивна нетрпеливост која ја прават криминалците од двете страни.

повеќе

Каков и да биде резултатот од предвидениот референдум за името во септември или во октомври, тој не дава гаранција за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за промена на Уставот.

повеќе