петок, 10 мај 2024

Додик: Срамна поддршката на Црна Гора за резолуцијата за Сребреница, нема да ја заборавиме

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, денеска изјави дека поддршката на Црна Гора за најавената резолуција на Генералното собрание на ОН со која 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница во 1995 година е „срамен чин“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Што се однесува на Црна Гора, се разбира дека не ни е пријатно, но нема да заборавиме“, им рече Додик на новинарите во Бања Лука, додавајќи дека не очекувал дека Црна Гора „ќе продолжи со таква брутална политика кон Србите“, бидејќи претходно ја признала косовската независност и „има некаков однос кон Босна и Херцеговина, не сметајќи дека тука е и Република Српска“.

Додик рече дека РС го поддржува српскиот народ во Црна Гора, кој, како што оцени, бил „угнетуван“ за време на владеењето на Мило Ѓукановиќ, и „гледаме дека и сега околностите и слободите за нашиот народ во Црна Гора не се подобрија“.

Додик понатаму рече дека Јасеновац и Сребреница не се споредливи и дека „Србите, особено од РС, треба да ја избегнат стапицата на споредбата. Тие така сакаат да ѝ дадат значење на Сребреница, а не да им оддаваат почит и пиетет на жртвите во Јасеновац. Тоа треба да престане“.

Според него, предложената резолуција за Сребреница е „тежок документ“, кој ќе остане трајно во перцепцијата на народот.

„А сега ги гледаме оние што би си ја испрале совеста и се однесуваат така. Српска не го прифаќа тоа“, рече Додик.

Тој рече дека верува оти резолуцијата нема никаква врска со судските пресуди, туку „е политичка платформа што треба да овозможи да се девастира РС“.

Српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, оцени дека резолуцијата за Сребреница „ја доведоа на терен на пребројување гласови и со тоа ги навредија сите жртви“.

„Работеа скришум. Без консензус, ги прекршија сите можни процедури. Го менуваат и механизмот за гласање во Генералното собрание на ОН за да има повеќе гласови. Тоа е навистина навреда за сите жртви“, рече Цвијановиќ.

Таа потсети дека амбасадорот на БиХ во ОН Златко Лагумџија го предложил усвојувањето на резолуцијата во Сребреница и покрај одлуката на Претседателството на БиХ – според Уставот единствениот орган надлежен за водење надворешна политика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ