Како што јавува МИА од Белград, на состанокот ќе учествуваат и премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и министерот за здравство, Златибор Лончар.
„По овој повод, ќе биде потпишан Меморандум за разбирање и соработка меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија за соработка во борбата против ковид-19 и меѓудржавен договор меѓу Србија и Албанија за слободно движење на граѓаните со лични карти“, соопштиле од кабинетот на Вучиќ.
Вучиќ по видео состанокот одржан на 30 октомври со премиерите Зоран Заев и Еди Рама кажа дека е важно што се донесени неколку важни одлуки, кои ќе бидат спроведени најдоцна од 10 ноември.
„Тогаш без ПЦР тест ќе може да се оди во Албанија и Северна Македонија, или оттаму во Србија“, кажа Вучиќ.
Тој додаде дека министрите за здравство во наредните денови ќе формулираат договори како едни на други да си помагнеме, да можеме да примаме пациенти од Скопје и од Тирана, тие да можат да примаат српски државјани кои се наоѓаат на нивна територија, како да се регулираат трошоците.
„Ајде да видиме како едни на други да си помагаме со вакцините, да се појавиме некаде заедно во набавка на вакцините“, рече Вучиќ, додавајќи дека тоа била само една од точките на состанокот, која се однесува на ковид-19.