Самит на НАТО

Заев вели дека по Лондон е „реален оптимист“, a Макрон бара реформа на процедурата пред датум за преговори

Францускиот претседател, Емануел Макрон, по лидерскиот состанок во НАТО, на прашање на МИА зошто ги блокираше преговорите со ЕУ за Северна Македонија во октомври изјави дека не бил сам во таа одлука и дека ќе одбие секакво отворање на преговори со земји кандидати доколку претходно нема реформа на преговарачката процедура. Од Лондон доаѓа изјавата на македонскиот премиер дека по средбите со лидерите на земјите членки на НАТО и ЕУ сега е „реален оптимист“ во однос на добивање датум за преговори за членствово ЕУ на Македонија.

„Ја прифаќам лошата улога уште еднаш, ако сакаат луѓето да велат дека само Франција беше против, уште еднаш ќе прифатам, но Франција не беше единствена против почетокот на преговорите“, одговори францускиот претседател. Тој ја повтори позицијата на Париз дека ќе одбие секакво отворање на преговори со земји кандидати доколку претходно нема реформа на преговарачката процедура.

„Сметам дека пристапната процедура е премногу бирократска, конфузна, не е читка, не може да се сопре и не е релевантна, вклучително за засегнатите земји. Прашајте ги Србите дали им се менува животот на секое отворање поглавје. Мораме да ја обмислиме процедурата на постратешки начин“, рече Макрон и додаде дека „целосно ги признава постигнувањата на Северна Македонија, вклучително и промената на името“ и дека станува збор за „многу храбар потег“.

„Но, пред кое било ново отворање преговори многу експлицитно кажав дека сакам да се реформира процедурата, таа да биде реверзибилна и да овозможи диференцијација, да биде пополитичка и да биде придружена од фази на стратешки партнерства со соодветни инвестиции“, објасни шефот на француската држава.

Емануел Макрон ја доведе во прашања и сигурноста на полноправното членство за земјите од регионот во ЕУ, во одговорот на прашањето на МИА во Лондон.

„Целта кон западниот Балкан ни е целосно да ги вкотвиме од европска страна, тоа е геополитичкиот предизивик. Тоа вкотвување можеби поминува преку перспективата на зачленување за некои, но треба да бидеме јасни дека поминува преку фази на стратешки партнерства и инвестиции. Основа грешка што ја направивме колективно беше да сметаме дека нашиот единствен однос кон западниот Балкан е членството. Може во даден момент да има членство. Многумина велат отворете ја процедурата, знаеме дека нема да се зачленат пред десет години… отвораме и никогаш нема да затвориме, видовме со Турција“, вели Макрон.

Францускиот претседател дообјасни дека механизмот на ЕУ кон западниот Балкан е проширувањето, но дека тоа не е здраво.

„Го создадовме тој механизам во кој велиме нашиот однос кон западниот Балкан е проширувањето и всушност од замор одлучуваме да го сториме тоа, да отвориме и да прошириме. Сметам дека тоа не е здраво и дека не си ги кажуваме работите искрено“, изјави Макрон.

Тој по втор пат ги поздрави „напорите“ на Северна Македонија, како и на Албанија и оцени дека треба да се отворат „канали кон посилно и поинтензивно стратешко партнерство“ придружено од поголеми инвестиции во регионот „кои ќе го сменат животот на народот“, меѓу другото во образованието и културата.

„Пред кое било отворање на преговори процедурата мора да се направи пореверзибилна и се надевам дека ќе успееме тоа да го сториме пред самитот во Загреб“, рече Макрон.

„Сакам да бидеме јасни дека отворањето преговори нема да значи никаков автоматизам во однос на затворањето на тие преговори и сакам во позадина процедура во која повеќе инвестираме“, изјави францускиот претседател.

Конечно, тој потврди дека Франција била и останува против акво било одвојување од Албанија.

„Одбивам одвојување на Албанија и Северна Македонија, тоа е прашање на рамнотежа на регионот, лошо е да се одвојат, смртоносна одлука ќе беше ако отворевме со Северна Македонија, а не Албанија“, порача Макрон.

Тој им упати порака и на другите земји членки на ЕУ во однос на иднината на проширувањето и рече дека нема да прифати ниедна нова земја членка во ЕУ доколку претходно не се реформира процесот на консензуално одлучување и не се воведе поголема стапка на одлучување преку квалификувано мнозинство. Друг услов ќе биде земјите на ЕУ да прифатат дека не може секоја земја членка да има свој комесар во Европската Комисија.

Денеска во Лондон и македонскиот премиер Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања порача дека од оптимист стана „реален оптимист“ во однос на започнувањето преговори со Европската Унија.

Запрашан дали имал прилика да разговара со претседателот Емануел Макрон на денешниот лидерски состанок на НАТО во Лондон, Заев рече дека три пати имал размена на мислења со францускиот претседател вчера и денеска.

„Јас сум уверен дека следува убава одлука, убаво време за нас, не можам да споделам ништо затоа што како најголем оптимист, сега сум реалистичен оптимист. Работите се движат во позитивна насока, наше е да продолжиме да работиме, да продолжиме со реформи и се надевам дека вистинската одлука ќе биде донесена, односно историската грешка што ја направија ќе биде исправена. Не сакам со тоа да делам оптимизам никако, треба да бидеме посветени да ја европеизираме Македонија со повеќе вредности и реформи, а штом ќе одлучат, да ни соопштат“, изјави денеска премиерот Заев.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе