Брисел

Заев - Столтенберг: НАТО нема да дозволи здравствената криза да се претвори во безбедносна криза

Следува сериозна сертификација што треба да ја поминеме како процес, во рамки на процедурата во членството во НАТО. Тоа е многу важно за безбедноста на нашиот народ и на нашата земја, но важно е и за безбедноста на целиот регион и на сите наши партнери и генерално на Алијансата. Ние веќе поминавме одредени фази на сертификација што беше неопходна уште пред нашето полноправно членство во НАТО, за одредени категории на луѓе кои работеа со документите.

Ова го изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференција со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер, во одговор на новинарско прашање дали трансформацијата на македонската армија се одвива согласно стандардите на НАТО и дали предвидува смена на високи армиски офицери.

„Верувам дека тие процедури подготвени ќе ги поминеме сите во делокругот на она што е прв приоритет кај нас, а тоа е безбедноста, но и достоинственото учество во безбедносниот целокупен систем на НАТО ќе ги спроведеме максимално професионално, затоа што соработуваме со партнерите кои заедно со нашите служби од безбедноста работат на сите детали околу подготовката, процедурите, сертификацијата или т.н. ветинг на луѓе низ кои мора да поминеме сите“, рече Заев.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, во одговор на новинарско прашање дали има проблем со одобрувањето на воениот претставник на Северна Македонија во НАТО, побарано пред околу десет месеци, вели дека Алијансата има стандарди и упатства и секогаш кога има нова членка, има процедури што треба да се поминат.

„Имаме процес на одобрување или ветинг и тоа трае извесно време додека сите практични прашања да се спроведат. Се држиме до временската рамка, работиме на решавање на преостанатите прашања. Она што е најважно е дека Северна Македонија сега е членка на Алијансата, дека учествува во сите одлуки, седи на масата како рамноправна членка, има рамноправен глас како сите сојузници. Кога учествуваме на министерски состаноци и Северна Македонија е таму заедно со сите земји членки. Кога имаме одбранбен министерски состанок, министерката Радмила Шекеринска ќе биде таму заедно со сите други и таа ќе учествува како полноправна членка. Практични прашања секогаш може да има, но ќе ги решаваме во од“, истакна Столтенберг.

Генералниот секретар на Алијансата вчера објави дека Македонија ќе добие пакет помош, за справување со пандемијата на ковид-19. „Од новите залихи ќе се издвојат 60 респиратори и друга итно потребна опрема, ова е солидарноста на НАТО на дело“, изјави Столтенберг.

Шефот на Алијансата увери дека таа ќе продолжи да ги мобилизира своите воени капацитети за поддршка кон цивилните напори во борбата против вирусот, како што го правеше тоа и до сега, со обезбедување полски болници, транспорт на опрема и на пациенти кога тоа е потребно.

„НАТО е тука да им помогне на сојузниците и тимот на НАТО нема да дозволи здравствената криза да се претвори во безбедносна криза“, рече Столтенберг, потсетувајќи дека, додека трае оваа криза, не исчезнуваат другите предизвици со кои се соочува Алијансата, како хибридните и сајбер нападите, меѓу другото.

Заев го увери Столтенберг дека Северна Македонија ќе продолжи да придонесува за глобалната и регионалната безбедност преку учество во мисиите и зголемување на одбранбениот буџет, постепено, за да ги постигне два отсто од БДП во следните три години, како и да се зголеми капацитетот на армијата, нејзините професионални стандарди и интероперабилноста со сојузниците на НАТО.

„Нашето членство во НАТО е добро за безбедноста на регионот, Балканот не е изолиран остров“, нагласи премиерот Заев, и додаде дека Северна Македонија ќе биде промотер на регионалната соработка, економската и одбранбената, регионот, рече тој, може да има само полза од нашите евроинтеграции.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе