Освен тоа, од денешните снимени разговори може да се слушне и како меѓу министрите и државните службеници било договарано емитувањето на некои прилози по националните телевизии, како биле нарачувани прилози и термини колку пари државата давала во некои медиуми.
„Запрепастувачка, тешка и болна е вистината за механизмите за тоталната контрола на Груевски и братучедите, за лажната реалност заради одржување на власт. Сето ова се прави од еден центар, од Управата за безбедност и контраразузнавање, која прислушувала повеќе од 100 новинари, и оние од провладините и оние што критички ја опсервираат оваа власт. Од разговорите се гледа директната спрега на УБК, на премиерот и на приватните медиуми и МРТ“, рече Заев.
Во еден од разговорите што денеска беа објавени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска за најавена емисија за масовни убиства на МТВ дури вели дека „новинарката Лиле може и да лета од работа ако ја пушти таа емисија“.
Речиси од сите разговори се гледа како оди спрегата на власт и медиумите со купувањето простор за рекламирање на националните телевизии и очекувањата на власта за тие „два милиони годишно што ги даваме за една телевизија“.
Заев денеска соопшти и дека од добиените материјали се гледа дека новинарот и сопственик на неделникот „Фокус“ Никола Младенов бил следен неколку години. Снимките од овие разговори ќе му бидат предадени на неговото семејство и тоа ќе реши што ќе прави понатаму со нив.