Чествување на 8 Септември

Заев: Слободни и отворени кон светот, ја славиме независноста

Стремежот за независна држава е вековниот идеал во македонската историја. Денес, независноста која беше мечта на многу генерации, ја славиме слободни и отворени кон светот, рече премиерот Зоран Заев во обраќањето на чествувањето по повод Денот на независноста, 8 Септември. Церемонијата се одржа утрово пред зградата на Владата, а присутни беа претставници на државниот врв, дипломатскиот кор и медиумите.

„Денот на независноста, 8 Септември 1991 година, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската унија. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна членка на Северноатлантската алијанса, како и земја која е на пат за членство во ЕУ“, подвлече Заев.

Патот кон независноста е поплочен со заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации. Овој вековен идеал на македонската историја се исполни на 8 Септември, пред 29 години, кога застанавме еден до друг, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци, кога се обединивме во создавањето заеднички дом за сите. Денес, ја славиме независноста слободни и отворени кон светот. Ја имаме неповторливата можност да седнеме на масата на европските држави. Да го зграбиме моментот и самоуверено да породлжиме по европскиот пат, порача премиерот Зоран Заев во денешното обраќање по повод Денот на независноста, 8 Септември.

Пред гостите на централната свеченост што се одржа во дворот на Владата, Заев го потенцираше значаењето на 8 Септември 1991 година, денот кога, рече, граѓаните на Република Македонија на сите идни поколенија им го дадоа најголемиот подарок  – независноста на државата. Но, се осврна и на актуелните предизвици. Подвлече дека за модерна, успешна и европска земја, е подеднакво важно учеството на секој граѓанин. Во оваа прилика, Заев ја повика опозицијата да ги напушти, како што рече, тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување.

Осми септември 1991 година ќе остане запамтен, рече Заев, како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет.

Во контекст на претстојните приоритети и определби, премиерот најави дека земјата ќе продолжи по патот што веќе го трасираше – граѓанска држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, општество за сите со европска иднина.

Борбата за правда, напомена Заев, ќе биде врвна заложба. Но, не помалку важни ќе бидат и борбата со корона вирусот, трансформирањето на економијата во модерна, динамична, иновативна и конкурентна, како и следењето на зелената и дигитална ера кон која стремат сите развиени општества.

„Самостојноста и самотијата не одат рака под рака. Денес, на 29 години од славењето на нашата самостојност, татковината наша има најмногу пријатели. Благодарение на тоа годинава со кренати чела слободни и отворени кон светот ја славиме независноста“, рече премиерот.

Според него, уште на самиот почеток граѓаните недвосмислено го посочија патот по кој треба да се движи македонската државност, тоа е европскиот пат, патот по демократските вредности, што подразбира вклученост и активно учество на граѓаните во политичките процеси, но и интегрираност во меѓународните институции и иницијативи.

Денес, дополни тој, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сопствена Армија, со државна валута и со сите постулати на државност.

„Нашето место во ОН е недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонскиот јазик се користи слободно секаде во сите меѓународни институции, активности и настани.  Благодарение на напорите кои во минатиот мандат ги насочивме на надворешен план со упорност и одважност ги постигнавме Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, договори со кои Северна Македонија по децениско заостанување направи пробив на меѓународен план. Сето ова се реализираше првенствено низ полноправното членство на нашата држава во НАТО и почеток за преговори со ЕУ, како и низ градењето на партнерски однос со сите наши соседи“, истакна Заев.

Како што најави тој, доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување.

„Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон, а ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на сите граѓани“, рече Заев и ги повика граѓаните да дадат свој автентичен придонес.

„Дајте свој белег на македонскиот успех. Секој од вас е важен и потребен. Во граѓаните гледаме коректив, но и партнер. Следете ја нашата работа и испраќајте гласни, конструктивни и аргументирани забелешки. Ние како и досега ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби. Во таа насока ја повикувам и опозицијата да ги напушти тесноградите партиски интереси и да покаже државничко однесување“, рече Заев.

Централното чествување пред Владата, организирано согласно сите ковид протоколи, почна со чинот на менување на знамињата пред платото на Владата, по што беше интонирана македонската химна. Потоа беше прикажано видео кое испрати пораки по повод 29 години од независноста на државата.

Претходно, во рамки на одбележувањето на празникот, премиерот Заев со владина делегација положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски на гробиштата во Бутел. Цвеќе положи и собраниска делегација.

Денот на независноста претходно го честиташе претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Заедно растеме, се справуваме секојдневно со секакви предизвици, ситуации, кризи од секаква природа, и тоа го правиме заедно, како семејство затоа што тоа е најдобриот начин, така сме најсилни, и така сме непобедливи. Ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството, па дури ни пандемијата на ковид-19.  Републиката, низ годините доживеа и преживеа низа кризи, дури и конфликт, меѓутоа, секогаш го знаеше својот пат и правец и целта која ја имаше како водилка на тој пат. Доказ дека е на вистинскиот пат е и овогодишниот огромен успех, полноправното членство во НАТО, моќниот воено-политички сојуз, и тоа е успех за нас, за безбедноста и сигурноста на државата. Продолжуваме понатаму, кон следната цел, кон следниот успех, полноправното членство во ЕУ. За тој сон да стане реалност, мораме да ја задржиме истата динамика, истиот жар и посветеност и секако, верба дека ќе успееме. А ќе успееме ако изградиме силни, функционални институции кои во секој миг, во секој агол од оваа наша прекрасна татковина, ќе работат и придонесуваат подеднакво, искрено и транспарентно, ќе ги третираат нашите граѓани и нивните права на правичен начин. Затоа што, така се сака татковината, кога и татковината те сака тебе, искрено и безрезервно“, порача Џафери во честитката.

 

 

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе