Реакција

Заев, Шекеринска и Димитров најавуваат тужби, сите велат дека не се замешани во случајот „Рекет“

Премиерот Зоран Заев денеска уште еднаш отфрли секаква негова вмешаност, како и инволвираност на високи функционери во случајот „Рекет". Тоа, преку своите фејсбук-профили попладнево го направија и Радмила Шекеринска и Никола Димитров.

Заев, одговарајќи на новинарско прашање да го коментира објавеното во некои медиуми каде во записник се споменуваат тој и високи државни функционери дека ги предупредувале осомничените во „Рекет“, според Заев е лага и манипулација.

Заев најави тужба за клевета, повикувајќи го обвинителството да ја потврди веродостојноста на записникот кој се споменува.

„Прво, ја повикувам јавната обвинителка да ја потврди веродостојноста на записникот што е направен и чесно е да каже дали е тоа така кажано. Второ, секако дека ќе тужиме, зашто тоа не е точно. Неколку пати, јас отфрлав каква било поврзаност со Боки 13, Бојан Јованоски, врзана со случајот „Рекет“ и до ден-денеска стојам на тие ставови. Апсолутно е обврска на Обвинителството да објави јавно дали тоа така е кажано. Како што видов рано изутрината објавена е само една страница од записникот, а потоа се прераскажува, што претставува сериозна манипулација. Секогаш сакам да ги охрабрам новинарите да истражуваат, да доловат сѐ што е важно за јавноста, но да прават манипулации, за тоа има одговорност. Јас лично, а верувам заедно со мене Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Фросина Ременски, сите што сме споменати. Ќе ги повикам заедно со мене да поднесат тужба за клевета и таму да ги отвориме документите и на јавноста да ѝ докажеме дека лаже новинарот кој го лиферува ваквиот запис“, рече Заев.

На прашањето дали ќе побара политичка одговорност доколку се утврди дека од политичарите има вмешани во случајот „Рекет“ или ќе чека да поднесат политичка одговорност, Заев нагласува дека над одговорноста и правдата не смее да биде никој.

„Јас лично, не верувам дека некој од високите функционери на СДСМ е инволвиран, но оставам истрагата тоа да го докаже. Законот важи за сите, без разлика дали е функционер. Ги охрабрувам истрагата, јавното обвинителство, целото правосудство. Наша обврска како извршна власт е да создадеме услови на независна истрага која ќе ги даде сите одговори. Тоа е предизвик сите да покажеме како држава дали знаеме да се справуваме со вакви девијантни, криминални појави кои ни се случуваат во општеството. Вакви случаи има секаде во светот, прашањето е како државата се справува со нив преку сите повикани иституции“, изјави Заев.

На својата фејсбук-страница се јави и вицепремиерката Радмила Шекеринска. И таа вели дека ќе покрене тужба против порталот „Република“ за, како што вели, лагите насочени против неа.

„Ќе ја тужам „Република“ за нејзините лаги, затоа што реакции до нив се непотребни и залудни. Сите знаеме дека, со секој од своите непотпишани текстови, си одработува за своите „непознати” газди. Газдите ни ја крадеа државата, тие, пак, имаа задача да ја лажат. Лажат и манипулираат со јасна цел која ја гледаме на дело секој ден во судовите: да ги оневозможат, попречат или одложат сите постапки за криминалот, корупцијата и злоупотребите кои ги чувме во „бомбите“ и видовме на дело претходните 10 години.

Создадоа мафијашка структура која одземаше фирми и уништуваше животи преку ноќ, која контролираше, уценуваше и плаќаше новинари, која знаеше само да потплаќа, купува и продава… и сега сака да избега од правдата и одговорноста. Што ќе прави? Истото тоа, но со повеќе лаги и повеќе пари. Не успеаја досега. Нема ни сега“, напиша Шекеринска на својот Фејсбук пеофил.

Ноторна лага е дека сум вмешан во „Рекет“, ако нема извинување ќе поднесам тужба, напиша на својот фејсбук-профил министерот за надворешни работи Никола Димитров. И тој негира негова наводна вмешаност во случајот „Рекет“, и побара од „Република“ да ја повлече како што вели „ноторната лага“, во спротивно ќе поднесе тужба.

„Барам веднаш „Република“ да ја повлече ноторната лага дека сум вмешан во случајот „Рекет“ и да ми се извини за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, прв пат во животот ќе тужам. Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска. Мене сосема ми е јасно дека мојот последен статус разбуди многу духови кои очигледно единствено се плашат од луѓе без дамка криминал во своите кариери и поважно – луѓе подготвени до последно да се борат за правда“, вели Димитров во демантот.

Тој истакна оти очекува и пропаганда и нечесна битка, но, како што вели неговиот одговор секогаш ќе биде достоинствен.

„Очекувам и пропаганда и нечесна битка и мојот одговор секогаш ќе биде достоинствен, но истовремено и безмилосен кон криминалците и оние кои нив ги штитат преку дефокус и лаги. Влегов во политиката за да го тргнеме срамот од очигледниот криминал и корупција и нема никогаш да престанам во борбата со ова црнило. Овие обиди, напротив, само укажуваат дека сум на правиот пат. Продолжете ноќта да ја нарекувате ден, нема да ви помогне. Реков – да се преброиме. Време е“, истакнува Димитров во демантот.

 Синоќа порталот Инфомакс објави дел од содржината на исказот на Орце Камчев даден пред обвинителката Вилма Русковска, на 2 мај, кога го пријавил уценувањето од Бојан Јовановски. Според овој и други портали кои ја објавија оваа содржина, Камчев сведочел дека повеќе личности од државниот политички врв се замешани во случајот „Рекет“. Обвинителлството попладнево соопшти дека објавувањето на документи од истрага е кривично дело.

Лустрацијата беше непотребна и смешна фарса, неуспешна пресметка и понижување на политичките неистомисленици. За ветингот да успее, треба да ги опфати сите.

повеќе

Законски да се регулира дека за амбасадорските места ќе има интерен (во МНР) оглас и кандидирање на заинтересираните.

повеќе

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе