„Ниту се преговарало, ниту ќе се преговара за јазикот и идентитетот“

Заев се огради од планот на Георгиевски за решение на спорот со Бугарија, вели бил негов личен став

Владата ниту преговарала, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Тоа е универзално право на сите нации да имаат свој јазик и да имаат свој национален идентитет, тоа е прашање кое е јасно и недвосмислено фиксирано со меѓународни повелби, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Според него, мислењето на владиниот коалициски партнер Љубчо Георгиевски за начинот на решавање на проблемот со Бугарија е негово лично мислење.

Заев информираше дека уште вчера разговарал со Георгиевски, при што тој му потврдил дека тоа е негов личен став, и како што рече, му објаснил дека тоа не може да биде став ниту на Владата ниту на коалицијата бидејќи ставовите на Владата по тоа прашање се јасни.

„Не постои никаде во светот, па ниту кај нас да си легнете на 31 декември ’43 како Бугари и да се разбудите на 1 јануари ’44 како Македонци. Тоа го нема никаде. Затоа ни Европа не навлегува во дебатите за историјата. Со Бугарија имаме потпишано Договор во кој прифаќаме заедничка историја меѓу двата народи и двете држави. И тоа е навистина еден сериозен исчекор во духот на пријателството“, рече Заев.

Тој уште кажа дека Бугарија иако ги признава Македонците и македонскиот јазик како реалност, бара да разговара за минатото, но тоа, вели е доминантно прашање на историчарите, изразувајќи уверување дека ќе изнајдат начини токму како историчари да го заокружат делот на минатото што Бугарија сака да го утврди.

Заев се надева дека ќе има поместување во изнаоѓање на решение по изборите во Бугарија.

„Верувам дека ќе се изнајде решение, не би давал длабински коментари, бидејќи сега во Бугарија има избори. А по изборите штом ќе се формира владата во Бугарија ние ќе продолжиме уште посуштински да навлеземе во преговорите, бидејќи сакаме што  поскоро да најдеме решение и ние да го продолжиме нашиот европски пат и да ја одржиме првата меѓувладина конференција“, изјави тој.

И СДСМ вчера се огради од ставовите на Георгиевски, истакнувајќи дека партијата останува на своите јасни и веќе кажани ставови околу ова прашање.

„Остануваме отворени за дијалог за изнаоѓање на решение, меѓутоа повторувам уште еднаш македонскиот јазик и македонскиот идентитет не се тема на разговор. Ниту се разговарало, ниту во иднина ќе се разговара на оваа тема. Ставовите на господинот Георгиевски се негови лични ставови со кои ние апсолутно немаме никакви допирни точки“, изјави Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.

 

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе