ПО ПОВОД 8 СЕПТЕМВРИ

Заев: Реални се шансите Македонија да добие датум за преговори за членство во ЕУ

Низ меѓусебна почит и разбирање, затоа што само заедничката среќа е среќа, да продолжиме заедно да ја градиме Македонија, им порача вечерва премиерот Зоран Заев на граѓаните на централната прослава по повод Денот на независноста на Македонија - 8 Септември.

 

Премиерот Заев упати честитки за празникот и нагласи дека Македонија повторно има одговорни политичари кои знаат што им е потребно на граѓаните, но оти има и свесни граѓани кои знаат што и е потребно на државата.

„Но, како премиер кој ја доби честа од вас да води, ве повикувам, да чекориме заедно. Тогаш кога сме потполно слободни, ние сме пред најголемата одговорност што ќе избереме. Повикувам на одговорност од секој и на силна поддршка да ги продолжиме демократските процеси во интерес на евроатлантската иднина на Република Македонија“, истакна Заев на прославата што се одржува на платото пред Владата.

Референдумот од 8 септември 1991 година, како што посочи, недвосмислено ја одреди иднината на независна Македонија, со 95 процентно „да“ од излезените граѓани, кои во огромен број, 72 процента од гласачкото тело, се појавија на гласачките места. Тогаш застанаа заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и го сочуваа мирот во земјата.

Тестови на зрелоста по референдумот, наведе претседателот на Владата, беа создавањето армија, воведувањето државна валута, меѓународното признавање на Македонија, решавањето воен конфликт, трасите кон ЕУ и НАТО, излегувањата од политичките кризи, градењето демократија, па обновување демократија, многу општествени ангажмани на многу граѓани на Македонија.

Според Заев, денес Македонија, а со тоа и сите граѓани, се пред момент што не се испушта и за којшто е неопходно да се покаже повторно зрелост.

„Очите на цела меѓународна јавност ги свртевме кон нас со тоа што на мудар и трпелив начин, од земја генератор на криза, Република Македонија ја претворивме во мотор на развој на регионот. Сега имаме отворен пат за напредок преку подадените раце за членство во Европската Унија и во НАТО од земјите пријатели на Македонија. Постојат реални можности Македонија да добие чиста препорака, а потоа и датум за преговори со ЕУ. Реални се надежите и дека Република Македонија може да биде 30. членка на НАТО“, потенцира премиерот Заев.

Клучен тест, според него, се и локалните избори кои, како што рече, првпат по 11 години ќе ги организира и спроведе нова демократска Влада.

„Цврсто сме определени да организираме и спроведеме фер, демократски и регуларни избори, со нула толеранција за евентуални злоупотреби“, порача премиерот Заев.

Ако до слободата, стигнавме заедно, тогаш, како што укажа, заедно можеме и до другите заеднички цели.

„Македонија демократска, демократски да се развива. Македонија европска европски да напредува. Македонија наша, заедно да ја изградиме. И во Република Македонија да живееме финансиски стабилни, безбедни и со нови шанси за нови успеси“, нагласи Заев.

Тие процеси ќе ги предводи новата граѓанска Влада која, како што рече, се отвори за луѓето и за светот, парите ги насочува кон граѓаните низ покачувањето на минималната плата, надоместоците, субвенциите, намалувањата на давачките, економијата ја развива низ условите што ги создава за развој на домашните претпријатија и нивното поврзување со странски компании, институциите ги фокусираме во служба на граѓаните, низ поедноставни, неселективни процедури, со соодветно работно време, пред коишто нема привилегирани, туку секој е еднаков.

„Енергично ги спроведуваме реформските процеси во државата, коишто веќе ги отворија евроатлантските перспективи. А Македонија активно соработува со соседите, низ пријателства што се претвораат во мостови кон нашата заедничка светла иднина, наведе Заев. Друг тест, посочи, се реформите, на коишто се работи во соработка со граѓанските организации и ЕУ и НАТО, за да се овозможиме независно судство, објективни медиуми, независни институции во државата. Тест се и развојот на добрососедските односи и регионалната соработка, што покажавме дека од слабост сме способни да ги претвориме во предност“.

„Договорот со Бугарија, отворените можности за транспротно поврзување на Самитот во Трст, отворените врати за економска соработка на неформалниот самит во Драч, билатералните договори за развој на економската соработка со повеќе држави од регионот и светот, покажуваат дека таму каде што има политичка волја, се стеснува просторот за отворени прашања“.

Централната прослава по повод Денот на независноста, што се одвива под слоганот „Македонија слободна, слободно живее“, почна попладнево со повеќе активности. Беа изведени детска претстава, а настапија и танцови групи, гудачки квратет, како и хорот при Македонската опера и балет и Здружението на џез музичари на Македонија. Настапи се најавени и на Љубојна со специјалниот гостин Џамбо Анѓушев, Бени и Нон стоп со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.

Во рамки на тридневното одбележување утре делегација предводена од претседателот на Владата Зоран Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на гробот на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, а делегација предводена од министерката за труд и социјална политика Мила Царовска ќе положи цвеќе пред споменикот „Ослободители на Скопје“. Во организација на Министерството за одбрана во Крушево ќе биде организирано искачување на Бушева Планина „Заедно кон врвот“.

Република Македонија одбележува 26 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

МИА

Тоа е нашата политичка наивност- да се верува дека правото е семоќно орудие во разрешавањето на сите проблеми. А каде е моралната, политичката, социјалната, психолошката страна на проблемите? 

повеќе

Премолчувањето на јавнот интерес во законските решенијазначи изостувањето на клучниот критериум за оправданоста на концесиите на добрата од општ интерес.

повеќе

Фатени на дело во многу  кражби, сите праведни граѓани на оваа земја беа убедени дека на арамиите ќе им се суди по примерот на Жан - по кратка  постапка.

повеќе