Заев: Преговарачката рамка е уште едно признание за македонскиот јазик, ВМРО-ДПМНЕ да се одважи да го поздрави

Веста дека во предлог рамката за нашите преговори со ЕУ на македонски јазик треба да се преведе европското законодавство е нормална и стандардна работа и уште една потврда и признание за македонскиот јазик, оцени денеска лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев, апелирајќи до опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да го поздрави овој чин, како и да престанат сите лаги дека сме го изгубиле јазикот.

„Да, стигна и веста по предлог рамката за нашите преговори со ЕУ, македонскиот јазик е наведен како јазик на кој треба да се преведе европското законодавство пред да станеме држава членка на ЕУ. Тоа го сметаме за нешто нормално, стандардна работа, бидеќи согласно нашата лична карта во Обединетите нации и согласно нашето право на самоопределување нашиот јазик е македонски, а ние меѓународната комуникација ја водиме и на македонски јазик“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашања по изјавата пред Собранието.

Според него, тоа е уште една потврда и признание за македонскиот јазик.

„Ова нека биде апел да запрат со  лагите оние кои со месеци лажеа и велеа дека сме го изгубиле  јазикот и да престанат да ни го навредуваат и омаловажуваат јазикот нарекувајќи го ‘северџански‘. Ние зборуваме македонски јазик кој полека станува дел од големото европско семејство заедно со останатите  европски јазици. Тоа е патриотизам, тоа е грижа за татковината, за македонскиот идентитиет“, рече Заев.

Тој ги повика ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, да се одважат и да го поздрават усвојувањето на предлог преговарачката рамка и да ја поздрават и веста дека законодавството на ЕУ ќе биде преведено на македонски јазик.

„Беа против интеграцијата во НАТО и ЕУ, против Договорот од Преспа, беа против Законот за јавно обвинителство, Мицкоски не аплаудираше кога тука во Собранието го усвоивме Протоколот за членство во НАТО. Ајде еве денес нека се одважат нека го поздават овој важен чекор од нашата европска интеграција, нека го поздрават македонскиот јазик“, рече Заев.

Во обраќањето тој кажа дека со утврдувањето и предавањето на преговарачката рамка во Советот на ЕУ Македонија оди уште поблиску кон Унијата, македонската интеграција забрзува.

Заев очекува веќе наредната недела да започне дискусијата по рамката за преговори на експертско ниво, и, како што рече, во периодот пред нас рамката да биде усвоена од државите членки, со што преговорите и формално ќе може да започнат.

„Вчерашниот ден е само силна потврда дека нашата татковина сигурно чекори на европскиот пат, пат кој носи суштински реформи, владеење на правото, економски развој, здрава животна средина, силно земјоделие и шанси за подобар живот на сите македонски граѓани, тука – дома. Ова е процес што ни ја носи Европската унија дома. Со отворањето на преговорите ние почнуваме нова фаза од нашето унапредување, нова фаза од македонската европеизација“, рече Заев.

Според него, тоа ќе значи и започнува побрзо воведување европски стандарди во сите области, наша интеграција во економскиот и политичкиот систем на ЕУ.

„Големо задоволство ни е што токму вчера, на првиот ден на германското претседателство со ЕУ е утврдена преговарачката рамка како предлог до државите членки. Убедени сме дека со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Меркел во текот на германското претседателство оваа Преговарачка рамка ќе биде усвоена и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членство со прва Меѓувладина конференција, отварајќи ги поглавјата од првиот пакет, а тоа се: Поглавје 23- Правосудство и темелни права; Поглавје 24- Правда, слобода безбедност; Економските критериуми; функционирањето на демократските институции; реформата на јавната администрација; Поглавје 5- Јавни набавки; Поглавје 18- Статистика и Поглавје 32- Финансиска контрола“, истакна Заев.

Тој повика на 15 јули масовно да се излезе на гласање и да се даде поддршка, како што рече, овој пат и оваа успешна приказна да продолжи успешно за сите граѓани, за сите нас.

 

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе

На светов има доволно место и за доктори и за антиваксери, и за научници и инженери, како и за рамноземјани и антимаскери, за уметници и фантазери.

повеќе

Во Законот кој е предложен воопшто не се цели на попишување на реалната состојба на терен, туку се цели на попишување на сите возможни граѓани заради задоволување на политички цели.

повеќе