Интервју

Заев: Предлозите за август или септември се предлози воопшто да нема избори, за тогаш СЗО најавува нов бран на вирусот

Секое одолжување на изборите е на штета на здравјето на граѓаните, на штета на економијата и на демократијата. Лесно е да се направи разлика меѓу оние што само се повикуваат на здравјето и оние што преземаат конкретни чекори да го заштитат, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за МКД.мк. На европскиот пат очекува поддршка од Бугарија и додава дека знае оти времето на кочење и блокади е зад нас. „Македонскиот јазик е затворено прашање, и на научно и на политичко поле. Нашиот македонски јазик е реалност, ние сме македонски народ, кој зборува македонски јазик, јасно е како ден”, вели Заев. 

Велите дека сте флексибилен за датумот на изборите. До каде оди таа флексибилност, би прифатиле ли избори во јули или останувате на ставот за јуни?

Избори треба да се одржат во првиот можен термин кога ризикот од ширење на заразата ќе биде сведен на минимум. 

Затоа велиме изборите се решение, а не проблем. Тоа е одговорно, токму заради здравјето на граѓаните, заради развој на новата македонска економија, но и за заштита на демократијата преку соодветна контрола на Владата. Тоа може да се постигне само ако обезбедиме функционални демократски институции. 

Ние не сме како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да посакуваме избори без опозиција, нашиот демократски капацитет е многу поголем. Затоа учествувавме на лидерските средби и затоа бевме конструктивни на овие средби. Сакаме да се постигне договор, но нема да дозволиме да ѝ се нанесе штета на државата, нема да дозволиме да му се нанесе штета на здравјето на луѓето, ниту пак да влеземе во нова, уставна криза. 

Договор за датумот на изборите теоретски може да се постигне до истекот на вонредната состојба на 30 мај. По сила на законот, изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Доколку не се постигне договор, сите политички партии знаат дека течат законските рокови и по завршувањето на вонредната состојба, во законскиот рок од 22 дена мора да одиме на избори. Се разбира, секое одолжување е на штета на здравјето на граѓаните, на штета на економијата и на штета на демократијата – ние вакви штети нема да дозволиме, преголеми одолжувања не се прифатливи.

СДСМ е одговорна партија, така се однесувавме до сега и така ќе продолжиме да се однесуваме. 

По втората лидерска средба на која не се постигна договор за датумот на изборите, веќе се зборува за нова лидерска. Подготвен сте за тоа? Што би имало повеќе на таа нова лидерска ако сите остануваат на својот став за датумот за избори?

Ние сме демократи и цениме дека изборите треба да се демократски натпревар меѓу власта и опозицијата. Оттука, ќе направиме сè што е потребно за да обезбедиме опозицијата да учествува. Немаме никаков проблем да разговараме со цел да постигнеме договор, но реков, нема да дозволиме да им се наштети на граѓаните ниту на државата преку непотребно одолжување.

Предлозите за избори на крајот на август или почетокот на септември, всушност се предлог воопшто да нема избори. Не постои ниту здравствен, ниту политички авторитет што може да тврди и да гарантира дека тогаш ќе нема ниту еден заболен случај. Наша одговорност е да им се спротивставиме на обидите да се предизвика политичка криза. 

Не смее никој од нас ниту да проба, а камоли да придонесе да се загрози здравјето на нашиот народ, земјата да се соочи со уставна криза, со ќор-сокак, во кој би заглавиле сите процеси и активности што значат заштита на здравјето на граѓаните, спас на работните места, помош во нивниот домашен буџет. 

Граѓаните на оваа држава што изминатиов период ги живеат и се носат со последиците од коронавирусот, заслужуваат сите заедно да покажеме одговорност и да се однесуваме државнички, водени од нивните потреби и интерес. 

Во изминатите 2,5 години направивме многу, стигнавме далеку, остварувајќи ги стратегиските интереси, членство во НАТО и преговори со ЕУ и нема да дозволиме уназадување на државата. 

Очекувам одговорност од сите политички чинители.

Доколку и по трет обид не се постигне договор, очекувате ли опозицијата да ги бојкотира изборите, бидејќи од ВМРО-ДПМНЕ веќе испратија порака „во јуни избори нема да има“?

Очекувам ВМРО-ДПМНЕ да учествува на овие избори, кои и самите подолг период ги бараа и за кои заеднички се договоривме да се одржат на 12 април, по што опозицијата влезе и во техничката влада со свои кадровски решенија. Поради кризата ги замрзнавме изборните активности и ги одложивме изборите. Согласно со законските одредби, штом заврши вонредната состојба, продолжуваат и изборните активности. 

Партиите веќе учествуваат на изборите. Кандидатските листи се поднесени, одобрени и утврдени до ДИК. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со сигурност ќе се најдат на гласачкото ливче бидејќи тој дел од изборниот процес веќе е завршен. Остануваат уште 20-тина дена за изборна кампања. 

Сите услови за организација на финалните чекори од изборите се исполнети. Покрај мислењето од Комисијата за заразни болести, дека може да се подготват соодветни протоколи за реализација на изборите, добивме позитивен одговор и од ОБСЕ/ОДИХР дека се подготвени да продолжат со набљудувачката мисија. 

Тоа е реалната состојба определена со законски одредби и тие треба да се почитуваат од сите, а најмногу од нас политичарите и политичките партии.

Сите изјави од политичарите се „во име на здравјето на граѓаните“, а се сведуваат на препукувања и меѓусебни навреди на лидерите. Ваква ли ќе биде и изборната кампања? Очекувате валкана кампања?

Не е голема визија или одговорност ако 100 пати повториш „здравјето пред сè“. Многу поголема одговорност е да зборуваш за здравјето додека им помагаш на граѓаните, додека соопштуваш факти и точни бројки дури и кога тие не се поволни, да се воздржиш од ширење невистини, да работиш на економски мерки што ја креваат потрошувачката и да не дозволиш вонредната состојба да ја загрози демократијата. Оттука, лесно е да се направи разлика меѓу оние што само се повикуваат на здравјето и оние што преземаат конкретни чекори да го заштитат.

За време на кризата, СДСМ делуваше целосно во интерес на граѓаните и државата, главен збор имаа стручните лица, здравствените работници, лекарите, институциите. Затоа и успеавме кризата да ја ставиме под контрола. Тоа е одговорност.

Од друга страна, видовме крајна неодговорност од ВМРО-ДПМНЕ, ширење лажни вести, неосновани напади врз министерот Филипче, лаги дека нема доволно тестови, лаги дека 140.000 работници останале без работа. Во исто време кога гледавме слики од теретани и прошетки по Водно на социјалните мрежи.

За жал, ниту една ваква закана по здравјето и животот на граѓаните, против што се бореше и сè уште се бори целиот свет, не ги разбуди ВМРО-ДПМНЕ да се променат, да се соочат со реалноста и да почнат да се однесуваат одговорно. Нашите граѓани не го заслужуваат тоа. 

Еве и денеска го гледаме истото однесување. Мислејќи само на својот партиски интерес, предлагаат избори во септември, токму кога Светската здравствена организација вели дека треба да се спремаме за новиот бран на вирусот. Предлозите за избори на крајот на август или почетокот на септември всушност се предлог да нема воопшто избори. Не постои ниту здравствен, ниту политички авторитет што може да тврди и да гарантира дека тогаш ќе нема ниту еден заболен случај. Наша одговорност е да им се спротивставиме на обидите да се предизвика политичка криза. 

Како и досега, СДСМ и натаму ќе води позитивна кампања заснована на вредносни концепти што носат придобивки за граѓаните. Преку презентација на досега сработеното, но и преку понудата за следните четири години ќе се претставиме пред граѓаните, од кои повторно ја очекуваме довербата. Од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски, освен негативна кампања, граѓаните ништо друго и не видоа. Токму поради тоа, до сега, а особено за време на оваа криза, граѓаните си потврдија дека Мицкоски е неодговорен и незрел политичар.

Нема подобро потсетување на режимот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ од однесувањето на Мицкоски во оваа криза и на неколкуте опозициски функционери во техничката влада. Не случајно граѓаните велат - гледаме што прават со тројца министри, а камоли да добијат цела влада, не, фала.

Кога и да бидат изборите, веројатно опасноста од коронавирусот секогаш ќе биде тука. Не мислите ли дека малку е претерано во такви услови да има митинзи и одење од врата на врата?

Сите живееме во нова реалност. Пазаруваме со маски, стоиме во ред на дистанца, не се групираме, често користиме средства за дезинфекција. Мораме постојано да бидеме внимателни, а тоа веќе почнува да ни станува рутина. Институциите успеваат да ја менаџираат ситуацијата, да ја држат под контрола, но мора и ние сите, граѓаните, да покажеме одговорност. Процесите треба да течат, животот да продолжи, фирмите да работат, да ги ставаме во функција сите процеси... Но за да се постигне сето ова, сите ние мора да бидеме дисциплинирани и да ги почитуваме препораките и мерките. 

Ние имаме јасен став, НЕ за митинзи и масовни јавни собири. СДСМ нема да организира ваков тип собири, ниту каква било друга активност што може да биде ризик за здравјето. Ќе се потпреме на дигиталните комуникации, на медиумите и на теренска комуникација со граѓаните од физичка дистанца, со сите мерки на заштита. 

Институциите наши имаат капацитет, изборите и кампањата ќе бидат 100% сигурни, здравјето на граѓаните ќе биде заштитено. 

Дојдовте на власт со паролата „Нема правда, нема мир“. Целиот мандат на СДСМ како владејачка партија помина со сериозни проблеми во однос на остварувањето на правдата за граѓаните. Што се случи со тие ветувања за праведно општество?

Изминатите 2,5 години поминаа во сериозни предизвици за правдата. Дел од судството се ослободи од канџите на режимот, а еден дел продолжи да работи против правдата. Дел од судството остана како последна тврдина, последни остатоци од режимот.

Затоа еден од врвните приоритети е прочистување на судството. За да се врати довербата, да им се остави простор на професионалците, конечно да ја донесеме посакуваната правда. Никој не е над законот и секој што го прекршил ќе се соочи со одговорноста. Од овие наши принципи ние нема да отстапиме.

Нашата одлучност уште еднаш ја покажавме и со носењето на Законот за Јавно обвинителство, што е голем чекор кон обезбедување правда, таква каква што ја очекува народот. Законот е победа над „судиите од тефтерчиња“, над „сваровски-судството“, над кумските релации, над пресудите по нарачка. И токму тоа го знаеја и ВМРО-ДПМНЕ и правеа сè, вршеа и притисоци врз пратеници тој да не биде изгласан. Но успеавме и Законот се изгласа со 80 гласа ЗА. Мицкоски и режимските структури беа единствените против овој закон.

Законот овозможува да се елиминираат секаков тип политички влијанија во изборот на обвинителот што ќе раководи со Јавното обвинителство, со тоа што јавниот обвинител го избираат јавните обвинители на непосредни избори. Ваквата поставеност гарантира дека ЈО ќе може успешно да се справува со тешките кривични дела. 

Но тоа што е исто така важно е дека новиот закон му овозможува на Јавното обвинителството да продолжи да постапува по сите предмети што ги отвори СЈО.

Истовремено, во изминатиот период се донесоа и цел пакет закони што се важни за реформа и за професионализација на правосудството. Сето тоа создава простор судствата и обвинителствата да работат целосно ослободени од секакви притисоци. Ние покажавме дека може да обезбедиме праведна држава, јас сум уверен дека можеме и дека ќе обезбедиме и целосно правна држава – режимските структури што се борат против тоа уште еднаш ќе бидат поразени.

Навистина нема да преземете никакви мерки против синот Верушевски откако обелоденивте дека Александар ве прислушувал? Искрено, таквото ваше христијанско однесување се чини на некој начин наивно за политичар на една таква функција?

Како што веќе кажав кога ѝ го потврдив на јавноста името на соговорникот, коешто веќе се шпекулираше, секој како одлучил така постапил. Секој со својата одговорност. Немам што да додадам или да одземам од она што веќе го кажав на оваа тема. Граѓаните нека ценат.

Од Бугарија доаѓаат ригидни најави, изјави и декларации за македонскиот јазик. Колку сте лично погоден од ваквиот развој на настаните, бидејќи Вие лично го потпишавте Договорот? Очекувате ли сега Бугарија да ја преземе грчката улога и да стане главен кочничар на патот на Македонија кон ЕУ?

Очекувам поддршка од Бугарија на нашиот европски пат и знам дека времето на кочење и блокади е зад нас. Моите политики, политиките на СДСМ, градат партнерства и пријателства и во тој дух ако има некое прашање, отворено ќе го решаваме. Но македонскиот јазик е затворено прашање, и на научно и на политичко поле. 

Нашиот македонски јазик е реалност, признаен и прифатен од целиот свет, впишан во картата на ОН. Впрочем, и самиот Договор со соседна Бугарија е потпишан на официјалниот јазик на нашата држава, на македонскиот јазик. Ние сме македонски народ, кој зборува македонски јазик, јасно е како ден. 

По однос на другите, историските прашања, договорот што го потпишавме со Бугарија дава доволно механизми за решавање на отворените теми и разликите во погледите кон одредени историски настани и личности. Ќе ги искористиме тие механизми, ќе продолжиме да разговараме и убеден сум дека ќе најдеме решенија, како што и до сега наоѓавме решенија, дури и за многу потешки прашања. 

Преку пријателство дојдовме до овде, преку дијалог и пријателство ќе продолжиме и понатаму. 

Опозицијата обвинува дека економските мерки на Владата значат изборен поткуп. Што би им одговориле на ваквите обвинувања?

Да, знам, да одеа во џебовите на Груевски и Мицкоски, немаше да бидат поткуп. Сега, кога парите одат кај граѓаните, одеднаш тоа им пречи на Мицкоски и на ДПМНЕ. Таквите обвинувања се бесмислени, ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да разбере што значи да се враќаат пари кај граѓаните, кај стопанството. Без идеја, без програма, на опозицијата не ѝ останува ништо друго освен напразно да обвинува.

Одговорноста на секоја влада е да носи мерки и одлуки, да наоѓа решенија и начини за полесно справување со штетите нанесени поради глобалната пандемија. Одговорната власт мора на граѓаните да им ја гарантира безбедноста, да го шити нивното здравје, но да им помогне и финансиски за полесно пребродување на кризата. Токму тоа го прави владата предводена од СДСМ. И економскиот совет на нашата партија целосно се посвети на креирање предлог мерки до Владата, кои се реални и остварливи, а ќе помогнат не само да заздрави, туку и да заживее економијата. 

Два пакети економски мерки веќе се спроведуваат, објавивме и трет пакет. 550 милиони евра враќаме назад кај граѓаните и стопанството, опфаќаме над 730.000 граѓани.

Третиот сет мерки се темели на мерки што ќе обезбедат развојна економија, ќе ја поттикнат продажбата на македонските производи, ќе го збогатат домашното производство со ниви производи, ќе им помогнат на најранливата категорија граѓани, на студентите и учениците, на граѓаните што имаат примања под 15.000 денари, на земјоделците, на туристичките работници и објекти, а ќе ги наградат и здравствените работници. Третиот сет на економски мерки ќе му помогне секому кому му е потребна помош и ќе овозможи заживување на македонската економија преку директна поддршка на граѓаните и стопанството.

Оваа здравствена криза нè стави на тест, не само нас, туку и целиот свет. Кризата ја тестира нашата одговорност, солидарност и адаптирање кон новонастанатата ситуација. Предизвик за секоја одговорна влада што работи за доброто на државата е оваа криза да ја претвори во нова можност, за структурни, системски промени и раст, како и за модернизирање на економијата и зголемување на конкурентноста во регионот и пошироко, искористувајќи ги сите потенцијали што ги нуди земјата. А тоа го прави одговорна влада, која им мисли добро на државата и на граѓаните. 

По завршувањето на здравствената криза, неизбежно ќе следува рецесија. Имате ли план за справување?

Планот за справување со економските последици веќе се реализира, првенствено преку трите пакети мерки што ги спроведува Владата. Важно е во време на ваква сериозна глобална криза да се преземат што побрзи и понавремени чекори за ублажување на првичните удари врз економијата и нејзино поставување на лента за трансформација. Владата, институциите покажаа капацитет и паралелно и доста успешно се справуваа и со економската и со здравствената криза. 

Јасно е дека како што одминува здравствената криза, фокусот сè повеќе ќе се става на економијата. Трите пакети помош веќе обезбедија финансиска инјекција од околу 550 милиони евра. Со засилена реализација на капиталните инвестиции, што е веќе во план и реализација, се очекува износот до крајот на годинава да стигне и до една милијарда евра. Секако предвиден е и четврти пакет на мерки за помош, кој би се реализирал на крајот на летото, но треба да се има предвид дека голем дел од овие решенија не нудат само краткорочна помош, туку тие имаат цел да извршат целосна и брза трансформација на нашата економија за таа да стане уште повеќе конкурентна, а развојот и растот да продолжат со засилено темпо. 

Што стана со бизнисот со маслото од канабисот за медицински цели? Толку многу ветувачка беше целата таа приказна. Како стојат денес работите?

Претпоставувам дека и оваа економска гранка се справува на сличен начин со кризата како и останатата економија. Тоа е сектор што како во светот, така и кај нас, сметам дека допрва ќе се развива. Секоја одговорна власт сака да ги поттикнува секторите во економијата да растат уште позасилено, што ќе придонесе и за поголем раст на извозот, сигурен пласман, отворање нови работни места и дополнителен раст на платите за вработените.

Жана П. Божиновска

Фото: Роберт Атанасовски

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе