Редовна годишна средба со дипломатите од Унијата

Заев пред амбасадорите од ЕУ: Не можеме да преговараме за идентитетот и јазикот

На редовниот годишен состанок со амбасадорите на земјите членки на ЕУ што се одржа во Владата, амбасадорите најмногу се интересирале за прашањето на преговорите со Бугарија - премиерот Заев истакнал дека останува цврста определбата да не се преговара за одредени прашања, кои претставуваат црвени линии, како што се македонскиот идентитет и македонскиот јазик, но дека Владата останува отворена за дијалог со Софија.

Во Владата денеска се одржа редовниот годишен состанок на шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја на која премиерот Зоран Заев ги информираше амбасадорите за актуелните и најважни активности во процесот за интеграција на земјата во Европската Унија.

Пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ, предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје Дејвид Гир, премиерот Заев детално го образложи континуитетот на тековните реформски процеси, особено во делот на правосудството, борбата против корупцијата, реформите во јавната администрација.

„Амбасадорите покажаа посебен интерес за активностите за решавање на отворените прашања со Република Бугарија поради кои не се постигна консензус за преговарачката рамка за Северна Македонија во Брисел, за што на состанокот беше истакнато неподелено мислење дека процесот треба колку што е можно побргу да продолжи, да заврши со старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ", се вели во владиното соопштение.

Премиерот Заев на состанокот истакнал дека, „имајќи предвид дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива за нас е важно, да го продолжиме дијалогот со Бугарија, во духот на меѓусебно почитување и во имплементацијата на договорот за пријателство преку поинтензивна меѓу-секторска соработка".

Во исто време, како што нагласил Заев, останува цврста определбата да не се преговара за одредени прашања, кои претставуваат црвени линии, како што се македонскиот идентитет и македонскиот јазик.

За време на дебатата, претседателот на Владата Заев ја поздравил изразената поддршка за проширувањето на ЕУ од страна на амбасадорката на Португалија Вирџинија Пина, при што истакнал дека е многу важен ставот на португалското Претседателство дека почетокот на преговорите со Република Северна Македонија се меѓу приоритетите и дека Португалија ќе направи сѐ првата меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи во првата половина на 2021 година.

Премиерот Заев ги споделил и очекувањата од сеопфатниот Економски и инвестициски план за Западен Балкан на Европската комисија, кој ќе мобилизира финансирање до 9 милијарди евра за инвестиции во областите на транспорт, енергија, зелена и дигитална транзиција, за да создаде одржлив раст и работни места, поттикнувајќи го економскиот развој на земјата во постковид периодот што следува.

На сосанокот Заев изразил благодарност за поддршката на Брисел за вклучување на земјите од Западен Балкан во набавката на вакцини против ковид-19 и изразил очекување дека ќе има забрзување на оваа постапка како знак на континуитетот и солидарноста во справувањето со пандемијата.

„Едногласната поддршка на амбасадорите на земјите членки на ЕУ за јасната перспектива на Северна Македонија како членка на ЕУ на состанокот е најсилната мотивација за нашите реформи за да ги донесеме европските вредности дома", рече премиерот Заев на редовниот годишен состанок со шефовите на дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ во нашата земја.

Можеби ни треба регистар на погрешни перцепции на граѓаните за криминалот и корупцијата во државата.

повеќе

Младите бараат подобар живот надвор од државата, бидејќи доаѓаат до заклучок дека приватните компании и странските организации им пружаат поголема поддршка и повеќе ги вреднуваат отколку сопствената држава.

повеќе

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе