Интервју

Заев: Пораките од граѓаните се јасни, арогантните, недостапните и неуспешните ќе заминат од функциите

Во почетокот на јуни премиерот Зоран Заев ќе ја соопшти одлуката кои министри, директори на јавни институции, шефови на подрачни единици…ќе заминат од функциите, но вели дека нема намера да прави нова влада, туку реконструкција, во која до една третина министри може да бидат сменети. „Ако се 26 министри вкупно, тоа значи до осум министри е реконструкција на влада и така ќе продолжиме”, вели Заев во интервју за МКД.мк. Тој очекува позитивен извештај од Европската комисија и почеток на преговори, бидејќи, како што вели, ние испорачавме и завршивме сè и ако Европа не испорача, веројатно ќе ги врати националистичките и радикални структури во целиот регион.

Зошто ги разрешивте сите претседатели на општински разграноци на СДСМ, значи ли тоа дека сите лошо работеле? Што е проблемот со нив?

Јас апелирав, пораката е до сите што се потрудиле да разговараат со нашиот народ, да бидат од помош, затоа што претседателите на нашите општински разграноци се истурени играчи и се сервис на сите граѓани, не само на социјалдемократите и во зависност од нивното работење, се испраќа пораката дали се потрудиле доволно за граѓаните или не го направиле тоа. 

Тоа важи и за извршните одбори, кои паѓаат истовремено со паѓањето на претседателите. Им се заблагодарив на сите луѓе, затоа што сите работеле, некои успеале, некои не успеале, а суштината на пораката е тие што победиле, тие што успеале да го задржат задоволството кај граѓаните, да ги мотивираат за излезноста на изборите, можат повторно да се кандидираат на конкурсите што ќе излезат за седум дена. 

Го споменавте работењето во врска со излезноста на претседателските избори. Тоа е главната причина за нивното сменување?

Резултатот од изборите е главната причина. Претседателите на општинските организации се оние што се прво одговорни од аспект на СДСМ на микрониво, на ниво на општинска организација. 

Но на претседателските избори имавте победа…

Така е. Но ние не можеме да бидеме задоволни од резултатот, од самата излезност, мотивираност. Реков дека тука има и други аргументи, како што се ароганцијата, недостапноста, демонстрацијата на големини, а не рамноправност и еднаквост со граѓаните и обврска за служење на граѓаните. Ние сите постоиме заради нашите граѓани. Политичките партии постојат заради државата и заради народот, нема други причини. Затоа рековме, покрај тоа што ќе се случат промени во извршната власт, ќе се случат промени и во партиските организации и на локално и на централно ниво. 

Во јавноста и во политичките кругови се чини дека „метлата“ е најчесто споменуваниот збор откако Вие ја најавивте. Веќе се шпекулира со бројка од шест министри и заменици што ќе бидат сменети. По средбата со Али Ахмети и координацијата на најтесното раководство на СДСМ, ја имате ли сега сликата кој ќе замине?

Мислам дека и граѓаните ја имаат, само не се повикани да ја кажуваат, па чекаат Заев да ја каже. Се однесува на луѓето што покажале слабост, недоволна исполнителност, не ги реализирале очекувањата, на одредени места имаме ароганција, на некои недостапност до граѓаните. Ова се однесува на министри, директори на јавни институции, па и на третиот ешалон, на подрачните единици надолу. Останувам на тоа дека треба внимателно со луѓето. Сепак, тие луѓе што ќе бидат сменети им служеле на државата и на граѓаните. Штом ќе ги донесам одлуките, кога ќе бидат конечни, ќе ѝ ги соопштам на јавноста. 

За колкав број се работи?

Не можам да соопштам, бидејќи сè што ќе соопштам, на крајот може да ми биде земено за грешка, за лоша проекција или за несериозно пристапување. Кога се работи за човечки судбини, за луѓе, за мои пријатели, за граѓани, за високи функционери, за луѓе што им служеле на оваа држава и на нашиот народ, секако треба да бидеме внимателни. 

Сите министри досега изјавуваат за себе дека успешно си ја работеле работата, а некој од нив ќе замине. Се работи само за субјективна оценка?

Многу е логично секој за себе да мисли дека е добар, дека е успешен, дека успешно ги завршил своите работи во текот на својот мандат, но на крајот јас сум тој што е прв одговорен и граѓаните од мене бараат одредени неуспешни кадровски решенија да бидат коригирани. 

Не сте им навестиле нешто на некои од нив?

Не, сите чекаат да ги слушнат одлуките и затоа даваат такви изјави. Имаат право да кажат дека се задоволни од својата работа. 

По изјавите од ДУИ за најавените смени во Владата, кои Вие ги нарековте рашомонијада од изјави, сега реагираат за именувањето на директорот на Агенцијата за разузнавање од страна на претседателот на државата и дури бараат да се смени. Се добива впечаток дека тие се, ако не главен, тогаш голем играч на политичката сцена и дека се најчиста и недопирлива партија…

Со должна почит кон себе, кон партијата, па и кон опонентите, секогаш давам за право да констатирам - тоа е демократија. Правото на нивен коментар во делот на директорот на Агенција за разузнавање е право што е вредно за внимание. Нормално, ќе разговараат со претседателот на државата. Имаат одлична соработка, тие се еден од поддржувачите директно во кампањата на сегашниот претседател на државата Пендаровски и верувам дека ќе разговараат и за сè постои решение. Ќе најдат решение. Треба да ги кажат аргументите пред него, претседателот Пендаровски треба да ги каже своите аргументи и тие ќе разговараат. Јас не претендирам, претседателот за мене е прв во државата и на крајот јас ќе ги почитувам неговите одлуки. Јас знам да консултирам многу луѓе по различни функции, би сакал и мене да ме консултираат кога треба. Претседателот Пендаровски ме консултираше за ова прашање, јас кажав дека не ги познавам точно структурите, но сум слушнал добри зборови за човекот, дека е професионалец. Секако, како ќе одлучи тој, јас тоа ќе го почитувам. 

Што се однесува до ДУИ, и тоа како е фактор. Без неа влада не можеше да се направи и од тука произлегуваат пораките што граѓаните ги испратија на последните парламентарни избори. Тие им дадоа 49 пратеници на СДСМ и коалицијата, на ВМРО-ДПМНЕ 51. Тоа се нашите граѓани и тие со својот глас нè упатија кој со кого треба да соработува. 

Едноставно опцијата е токму таа што ја имаме на располагање. Но она што треба да биде заклучок е дека постојат прво одговорни личности во сите политички субјекти, јас во СДСМ, таму во ДУИ е Али Ахмети. Разговарам со него и ќе најдеме решение затоа што имаме голема доверба како партнери, поминавме сериозни процеси, донесовме сериозни одлуки и знам дека ќе најдеме решение за кадровските прашања, затоа што сите сме одговорни на крајот пред граѓаните и ако не ги слушаме и имплементираме укажувањата од граѓаните, граѓаните ќе поминат во следната фаза, па нас ќе нè сменат. И тоа е нормално во демократијата. Верувам дека мудро ќе слушаме двајцата, веќе разговаравме и јас му презентирав моите намери и видувања. 

Се согласи ли Ахмети со тие намери и видувања?

Ќе се разговара во партијата, ќе ми кажат повратно, што и да е. Јас верувам дека промените мора да се случат. 

Но може да се стекне впечаток дека вие сте заложник на коалицискиот партнер.

Јас не сум ничиј заложник, може да биде државата заложник и може да има избори, друго нема. Ако не се договориме за вакви прашања, ако не постои можност да се формира друго мнозинство, тогаш ќе се оди на избори. Но во секој случај пораките за промени се јасни од граѓаните. Никој досега не кажал дека не треба да се случи, треба да се случи. Добро е што имавме ваква укажувачка порака од граѓаните преку претседателските избори. Ако не беа тие, ќе требаше да се направи пресек на две години, а тоа е на 1 јуни. Тоа е логично, скоро сите влади на две години правеле пресек и правеле анализа кој е добар, кој не е добар, кој да се засили, кој да биде сменет, кому да му се даде уште подобра позиција. 

Значи, ако нема согласност за промените, може да имаме политичка криза, што значи предвремени избори?

Постојат опции во државата. Ние најдовме двотретинско мнозинство за уставните промени, па за стабилно парламентарно мнозинство, за формирање влада, секако дека постои. Нашата намера не е да формираме нова влада, нашата намера е да има реконструкција на владата, тоа значи до една третина од вкупниот број министри да можат да бидат сменети. Ако се 26 министри вкупно, тоа значи до осум министри е реконструкција на влада и така ќе продолжиме. 

За неколку дена Европската комисија ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија, а потоа следува и Европскиот совет. Давате оптимистички изјави дека ќе добиеме датум, дека ќе почнеме преговори. Од каде е таа увереност, особено поради воздржаноста на некои членки на ЕУ? Успеа ли Македонија или, како што велите, пријателите од Унијата, да ги убедат Франција, Холандија…?

Со сите контакти што ги имаме е недвојбено јасно докажано дека Преспанскиот договор, плус сто отсто реформи, плус позитивниот потстрек на целиот регион што го правиме, е потврден од сите. Кога велам од сите, значи од сите 28 земји членки на ЕУ. Прашањето е како ќе одлучат земјите членки. 

Зошто сум оптимист? Слушам јас, како што слушате и вие. Имаме изјави и од Могерини и од Хан. Ќе имаме одличен извештај. На 29 мај ќе биде објавен, ќе го видиме сите, но очекувам да биде одличен заради тоа што го работам. Потоа следува Европскиот совет. 

Свесен сум дека првпат се објавува извештајот на 29 мај и дека е кратко времето сите парламенти на земјите членки да го усвојат и затоа тактизираме, велиме летото. Најважно е да нема дилеми. Кај нас нема причини или аргументи да не добиеме датум за почеток на преговори. Ако не се случи во јуни, туку во јули или во август, септември, кога и да е, тоа ќе биде поради одлуката на Бундестагот и парламентите на другите земји во делот на усвојувањето на извештајот од Европската комисија како неопходен чекор за давање мандат на премиерите во Европскиот совет да ја донесат одлуката за датумот за почеток на преговори на Република Северна Македонија. 

Но не може да ја исклучиме таа опција дека можеби нема да почнеме преговори. Што ако не почнеме, влегуваме ли тогаш во политичка криза, ќе имаме ли тогаш предвремени избори?

Уште пред Договорот од Преспа, па дури мислам и пред Договорот со Бугарија, ме прашуваа што ако не се случи тоа. Мојот одговор бил и ќе биде: Европа ќе ја донесеме овде. Ние ја носиме секој ден. Ова што го правиме е заради евроинтеграцијата, но и заради граѓаните дома. Да не се лажеме, и борбата против корупцијата, реформите во правосудство, на безбедносните служби, реформите во администрацијата, се четирите столба во моментот, кои заедно со отворањето на поглавјата се животот што треба да се случува. Ќе ја донесеме Европа тука. 

Точно, но ако немаме почеток на преговори, буквално „ќе ве растргнат“ дека ветувавте, а не добивме.

Кој тоа?

Јавноста, опозицијата… 

Јас, како никогаш порано, заедно со мојот народ, парламентот и владата ги имам исполнето сите услови. И до ден денеска нема ниту еден субјект, земја-членка, Европската комисија или комесари да ѝ замерат на Република Северна Македонија дека заради исполнетост или неисполнетост на услови може и да не добие датум. 

Ние завршивме сè. Единствената земја сме во регионот во која има политички дијалог и знам што значи политичкиот дијалог, сериозен компромис заради стабилноста во државата, заради економската атмосфера што ја создаваме и заради перспективите на нашата земја и на нашиот народ. И ако Европа по сето тоа што се случува (секој говор секој политичар од Европа го почнува со Договорот од Преспа и завршува со него) не испорача, веројатно ќе ги врати националистичките и радикални структури во целиот регион, вклучително и во нашата земја, и во Грција, во Бугарија. 

Тоа не е Европа, тоа не е иднината на Европа. Не знам како очекува да мотивира да се решаваат прашањата како Косово, БиХ, ако не испорача. Нашите ветувања се меѓусебни, ние да испорачаме и Европа да испорача. И ние треба да си стоиме на ветувањата, тоа е логично и нормално. 

Додека се чека извештајот од Европската комисија, во Собранието е донесен Законот за безбедносните служби, но сè уште се чека на законот за Јавното обвинителство, вклучувајќи ја и судбината на СЈО. Ќе попуштите ли пред барањата на ВМРО-ДПМНЕ за да се обезбеди двотретинско мнозинство?

За сè што нема да е на штета на државата и на системот, јас сум спремен да го разговарам. Немам никакви резерви, комплекси. Граѓаните знаат што е лошо, што е добро и во преговорите и во деталите и во законите. Јас сум за компромис, затоа вака продолжуваме и трошиме енергија, како последниот пат, да постигнеме 92 гласа, консензус. Така личи. Таква земја ги охрабрува младите луѓе да останат овде. 

Компромис, но може да биде штетен.

За тоа зборувам. Така треба да биде и со јавнообвинителскиот систем. За сè што не е на штета на правниот систем, на државата и на реформите во правосудниот систем, јас немам проблем да разговарам. Вредностите што се создале мора да ги сочуваме, почитуваме и надградуваме. 

Ако има создаден систем што се вика СЈО, ние сме должни да му обезбедиме иднина. Тоа ни го кажуваат сите амбасадори што го поддржале, но и граѓаните. Треба да му дадеме иднина и верувам дека на крајот ќе имаме добар закон што навистина ќе гарантира успешност во тој сегмент на реформите на правосудниот систем. 

Членството во НАТО, за разлика од ЕУ, е извесно. Според Вашите информации, може ли ратификацијата на Протоколот да заврши во декември? Го сметате ли тоа за завршена работа?

Не, секако зависи од Конгресот на САД, од Бундестагот, од парламентите на земјите членки. 13 земји го ратификуваа, останаа уште 16. Но според информациите од МНР и од сите пријатели од земјите членки, во текот на летото и есента таа работа треба да се заврши. Амбиентот е позитивен, тргна како натпревар кој ќе биде меѓу првите. Сега самите членки брзаат тоа да го направат побрзо. Летниот период и паузите може да го одложат за месец дена, но конечната цел на сите земји членки е сè да биде завршено за НАТО самитот во Лондон во декември. Верувам дека сè ќе се заврши и ако се стигне, ќе биде нов рекорд, зашто ќе биде за десет месеци. Тоа е многу пријатно чувство, верувам дека ќе успееме, но и да не успееме, на почетокот на 2020 ќе биде завршено. 

Турција може да биде пречка со оглед на нивното барање да им предадеме 15 или 14, според турските власти, припадници на организацијата ФЕТО?

Потпретседателот на Турција тоа комплетно го демантираше. Турција ѝ е голем пријател на Република Северна Македонија и поддршката преку ратификација на протоколот ќе биде евидентна. Сите наши дипломатски контакти тоа и го поздравуваат и го потврдуваат. Очекуваме потврда од претседателот Ердоган, кога ќе завршат нивните изборни турбуленции, да нè посети. Се подготвуваат дури и неколку проекти, како што е изградбата на Лимак, хотелот Хилтон, индустриската зона во Гевгелија каде што ќе влезат турските компании, Балкан универзитетот. Сето тоа е агенда за посетата на Ердоган на нашата земја. Тоа е потврда на нашето пријателство и апсолутно немам никакви дилеми и сомневања за тоа. 

За односите со соседите. Со српскиот претседател имате средби и се чини дека е се во ред, но од српската влада постојано има забелешки за Македонија. Што е она што им пречи?

Нема забелешки. Напротив, со Србија имаме соработка, одлична соработка која ќе расте. Видовте пред некој ден каков пречек добивме за отворањето на новиот автопат кај Грделичка клисура. Дополнително, на границата имаме сериозен проект на соработка, тоа е проектот за заедничко гранично управување, One Stop Shop, чија цел е протокот да оди побрзо, полесно, граѓаните подобро да се поврзуваат низ животот и работата. Соработката носи поврзување, а поврзани граѓани и народи како што се нашиот народ и српскиот народ носат само просперитет и напредок на регионот. Ова е ново време, му донесовме на Балканот ново време во кое испраќаме позитивни вести кон Европа.

Во случајот со Бугарија на почетокот на мандатот имаше многу контакти, делумно и заради бугарското претседателство со ЕУ, но сега изгледа како да има заладување. Како ги оценувате сега односите со Бугарија и што е она што треба да се направи меѓу двете земји? 

Пријателски, суштински и топли се односите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Подобри односи чинам никогаш не сме имале, и тоа нема граѓанин што не го потврдува. Радосни се и нашите граѓани и граѓаните на Бугарија за овој нов момент на заедништво и меѓусебна поддршка. Без таквиот однос, без Договорот за добрососедство со Бугарија немаше да биде можен ни Договорот со Грција. Приказната на интеграција во регионот почна да кулминира токму со Договорот меѓу нашата земја и Бугарија. Денес, и Бугарија и Грција се нашите најголеми поддржувачи на нашиот пат кон Европската Унија. Во тек се културни размени, уметнички проекти, сериозни бизнис релации и раст на трговската размена.

Бугарски бизнисмени неофицијално реагираат дека се запираат бугарски инвестиции во Македонија. Има ли вистина во тоа?

Бугарските инвестиции во нашата земја се добредојдени и информиран сум за многу иницијативи кои се во тек. Нашата соработка допрва ќе расте, стануваме членка на НАТО, одиме кон ЕУ, имаме Договор за соработка и тоа може да носи само прогрес, нема назад.

Ќе се исполнат ли вашите ветувања за зголемување на странските инвестиции во земјава?

Пред три дена се вративме во Виена, од учеството на Виенскиот економски форум целосно посветен на нашата земја и на економските перспективи кај нас. Се вративме со искажан интерес за инвестирање на две австриски компании.

Тоа е резултат на препознаената дестинација за инвестирање – Република Северна Македонија.

Веднаш после Виена, вчера го потпишавме договорот со германската компанија Герешајмер. Модерна фирма со софистицирана и врвна технологија во производствениот процес и светски лидер во производството на медицинска амбалажа.

Тој интерес е резултат на мотивацијата од рекордното ниво на странски директни инвестиции во 2018 година од над 624 милиони евра, што е за 267% повеќе од просекот во изминатите 8 години.

По потпишувањето на протоколот за пристапување на НАТО, уште две компании ги потврдија своите инвестиции во нашата земја, со што се потврдува дека членството во најголемата светска безбедносна алијанса, носи дополнителна стабилност и сигурност за вложувањата на компаниите.

Имаме 20 директни странски инвестиции од почетокот на нашиот мандат.

Работиме на силна индустријализација базирана на високи технологии и добро платени работни места за нашите граѓани. Нашата цел е забрзано да го фатиме чекорот со развиените земји, да обезбедиме работа за сите, да ги задржиме младите во нашата земја.

Жана П.Божиновска
Фото: Роберт Атанасовски

 

 

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе

Помина времето кога политиката беше „шаховска борба“ на политичките актери, која неретко се одвиваше далеку од очите на јавноста и беше доста неразбирлива за обичниот гласач. 

повеќе

Државата треба повеќе да се вклучи во промовирање на младинско претприемништво како економска активност која би помогнала за намалување на невработеноста.

повеќе